Македонија
Беџети:Законот за странски дописништва и дописници се доработува
Законот за странски дописништва и дописници се доработува и предвид се земени сите забелешки за нејаснотиите, велат од Министерството за правда кое е подносител на Законот.
Законот за странски дописништва и дописници се доработува и предвид се земени сите забелешки за нејаснотиите, велат од Министерството за правда кое е подносител на Законот. Министерот за правда Блерим Беџети за Радио Слободна Европа изјави дека ја следат дебатата околу законот и оти нејаснотиите, кои според него се од технички аспект, ќе се земат предвид за да се допрецизаат одредени членови од Законот за внесување, растурање и ширење на странски печатени работи, филм и информативна дејност. „Убедени сме дека правилно е пристапено таа надлежност да биде во Министерството за надворешни работи, имајќи предвид дека ДКП-ата се под нивна надлежност и нивен ангажман на работа. И во делот на анкетите, следејќи ги внимателно дискусииите и нејаснотиите, мислам дека и тоа се надминува. Гледам дека пратениците доставиле и амандмани, веројатно, кои ќе бидат прифатливи и за нас“, вели министерот Блерим Беџети. Акредитациите досега ги издаваше Генералниот секретаријат на Владата и важеа една година. Ништо нема да се смени со новиот закон вели министерот за правда. „Интенцијата, идејата на Владата со овој предлог-Закон е идентична како што било порано, од година за година да се обноват акредитациите, како што е и во европските земји. Но во делот на толкувањето, последната реченица на тој член, некои ја толкуваа како демек оваа година и наредна година може и повеќе не може. Но, не е така“, вели министерот Беџети за Радио Слободна Европа. /крај/рсе/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре претежно облачно со врнежи од дожд, на повисоките планини снег
Времето утре ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд пообилни во источните делови. На повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег, а на некои од повисоките места од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 6 до 11 степени.
Во Скопје, времето ќе биде претежно облачно, со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен северен ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
До сабота ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд.
Пообилни врнежи се очекуваат денес, во текот на ноќта и утре (над 25 l/m² за 24 часа). Во четврток на планините врнежите ќе преминуваат во снег, а во некои од повисоките места ќе бидат од дожд и снег. Од четврток ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Потребен е Национален регистар на дијаспората за да го знаеме точниот број на иселеници
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на јавната расправа за Национална стратегија за соработка со дијаспората, организирана од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, презентирајќи оценка, забелешки и предлози.
За неа, стратегијата е пресвртница во националната политика и сериозен обид за зајакнување на односите со дијаспората. Таа укажа дека за успех на стратешките определби е потребна централизирана интерсекторска координација, како и соодветна финансиска поддршка, како гаранција за одржливост на предвидените мерки и активности.
Претседателката ја посочи успешната стратегија на Црна Гора во соработката со дијаспората, гарантирана со Законот за дијаспора. Во уставната гаранција на грижата за положбата и за правата на нашите иселеници, таа препознава голема предност.
Според неа, нам ни е потребен Национален регистар на дијаспората за да го знаеме точниот број на нашите иселеници, нивниот профил, времетраењето на престојот итн.
Меѓу останатото, таа укажа и на потребата од преиспитување на решенијата од Изборниот законик и овозможување на иселениците да го уживаат нивното уставно загарантирано избирачко право.
Претседателката цврсто верува дека нашата дијаспора може да биде исклучително важен ресурс за македонскиот економски, образовен, научен и културен развој.
Македонија
ДСЗИ нареди вонредно чистење и здравствени прегледи на вработените во училиштето „Димо Хаџи Димов“
Државниот санитарен и здравствен инспекторат освен затворање на кујната во училиштето „Димо Хаџи Димов“ во Влае како потенцијален извор на зараза, нареди и вонредно чистење и вонредни здравствени прегледи на вработените во училиштето.
Директорот на ДСЗИ, доктор Кирил Лазов, рече дека по добиеното известување од Центарот за јавно здравје за пројавени стомачни тегоби кај ученици од ова училиште, на терен се врши вонреден и координиран инспекциски надзор заедно со АХВ, ИЈЗ и со ЦЈЗ Скопје.
„Согласно своите надлежности, ДСЗИ изврши затворање на кујната како потенцијален извор на зараза и даде решение за забрана, во кое се наложуваат и мерки кои треба да ги преземе операторот, односно вонредно чистење, вонредна дезинфекција, дезинсекција и дератизација од овластена институција и спроведување вонредни здравствено-хигиенски мерки за вработените“, изјави Лазов.
Во врска со неофицијални информации дека можеби водата е причината за стомачните тегоби кај децата, Лазов вели дека за водата не е надлежен ДСЗИ.
Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, рече дека се земени брисеви од раце, нос и грло на вработените во училишната кујна, од работните површини, како и мостри од храна и вода.
Андоновска кажа дека екипата се уште е на терен и дека се работи за анализи кои треба да потраат.
„Она што можам да го кажам е дека е веднаш постапено по сите протоколи. Земени се мостри од буквално сè што ни е во интерес, а тоа се брисеви од луѓето кои работат во кујната, од раце, грло и нос. Земени се брисеви и од работни површини, мостри од храната што ја консумирале децата. На наше инсистирање земавме и од водата. Се работи за анализи кои треба да потраат, не можеме толку брзо да дадеме веднаш одговор за што станува збор, но можам да кажам дека ако треба, ќе се работи цела вечер за да утврдиме за што станува збор“, рече таа.
Андоновска кажа дека имало девет пријави за стомачни тегоби кај деца.

