Македонија
Судење Ариел: Перените пари биле носени во хартиени кеси
Првиот сведок кој и најмногу зборуваше бил директно вклучен во вадење на пари од сметките на фирми во банки. ‘Парите ги вадев од банка и потоа во готово во хартиени ќеси ги носеше првообвинетиот. За услугата ми даваше 500 до 800 денари”, објаснуваше првиот сведок
Почна сослушувањето на сведоците за судскиот случај „Ариел”, во кој на 23 обвинети им се суди за перење пари со лажни фактури.Беа сослушани првите четворица сведоци повикани за денешното рочиште кои во детали раскажаа што сè знаат околу префрлањето на пари од сметка на сметка за лажни услуги.Првиот сведок кој и најмногу зборуваше бил директно вклучен во вадење на пари од сметките на фирми во банки. ‘Парите ги вадев од банка и потоа во готово во хартиени ќеси ги носеше првообвинетиот. За услугата ми даваше 500 до 800 денари”, објаснуваше првиот сведок кој од каде и како ги вадел нелегалните пари. “Со дигитрон првообвинетиот пресметуваше на кој кого колку процент треба да му исплати и земаше кеш пари . Потоа ќе ги ставеше во џеб и им ги даваше на сопствениците на сметките. Мислам дека според моите пресметки им даваше просечно 2,5 проценти од трансакција”, раскажа сведокот. Сведокот појасни дека еден од обвинетите кои учествувале во вадењето и земањето на парите го подучил да внимава што ќе каже ако го фати полиција. “Ме советуваше дека ако ме фати полиција со парите да кажам дека сум работел за некој тип кој сум го запознал во дискотека и наводно ми давал пари за работа”, кажа сведокот. Беше сослушан и сведок кој изготвувал уверенија и регистрирал фирми за потребите на првообвинетиот. Според неговото тврдење биле носени странски државјани, повеќето Бугари да отворат фирми во Македонија. Нему му било чудно тоа што сите се потпишувале на бланко бели листови, а сведокот по регистрирањето на фирмата повеќе не ги видел. Тој потврди дека еден од обвинетите бил вработен во неговата фирма, но дека не доаѓал на работа, Придонесите и платата обвинетиот сам си ги покривал. Еден од сведоците поради многу лоша здравствена состојба само на кратко беше распрашан и ослободен од сведочење. Во досегашниот тек на постапката обвинетите тврдат дека легално работеле, некои пак, и се извинија на државата оти и згрешиле, а повеќе од нив молчат. Двајцата Македонци од Пустец кои биле во мрежата на перење пари тврдат дека се неписмени за да водат таков бизнис. Според обвинението се переле пари на тој начин што се отворале фирми на чии сметки се префрлале пари за новодни услуги и потоа парите се извлекувале од сметките на фирмите. Управителите и посредниците добивале од 1 до 8 проценти од вкупната сума./крај/мф/км
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во подготовка закон за високите раководители во управата – професионализација наместо партизација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Петер Ваги, виш советник во OECD/SIGMA, на која беа разгледани клучните реформски процеси во областа на јавната администрација, со посебен акцент на подготовката на Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, како и на Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ).
На средбата се дискутираше за принципите на професионализација, мерит систем, транспарентност и отчетност во именувањето и управувањето со високите раководни структури во државната управа, како и за потребата од јасно разграничување на надлежностите, унапредување на координацијата и зголемување на ефикасноста во функционирањето на институциите преку новото законско решение за организација и работа на органите на државната управа.
Министерот ја истакна важноста од континуираната експертска поддршка од страна на OECD/SIGMA во процесот на подготовка и усогласување на законските решенија со европските стандарди и добри практики.
„Реформата на јавната администрација претставува еден од нашите врвни приоритети. Со Законот за високите раководители поставуваме јасни, транспарентни и професионални критериуми за избор и одговорност на раководниот кадар. Нашата цел е администрација која работи во служба на граѓаните, заснована на знаење, интегритет и резултати“ истакна министерот.
Од страна на претставникот на OECD/SIGMA беше изразена подготвеност за натамошна поддршка, со цел обезбедување усогласеност со принципите на добро управување и европските административни стандарди.
Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведување сеопфатни и одржливи реформи, насочени кон јакнење на институционалниот капацитет, департизација и зголемување на довербата на граѓаните во јавните институции.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.
Македонија
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академија за судии и јавни обвинители
Денеска беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академијата за судии и јавни обвинители, со цел унапредување на меѓуинституционалната соработка, размена на знаења и искуства, како и зајакнување на професионалните капацитети во областа на уставното право и правосудниот систем.
Со Меморандумот се предвидува организирање на заеднички обуки, семинари, конференции и други стручни настани, како и размена на експерти и едукативни материјали. Посебен акцент ќе биде ставен на унапредување на знаењата на идните судии и јавни обвинители во областа на уставно-судската практика и заштитата на човековите права и слободи.
„Откако сум претседател на Уставниот суд ова е трет Меморандум за соработка којшто го потпишуваме со институции на државата. Првиот беше со Правниот факултет, вториот со Здружението на правници. Очекувам најдинамична соработка со Академијата. Уставниот суд изминатите две години се соочи со природен одлив на промена на генерации. Стручната служба е р’бетот на Уставниот суд. Новата стручна служба има потреба од дополнителни знаења за да го достигне квалитетот што овој суд го имаше до пред две години. Токму во оваа насока го гледаме начинот на соработка, да нашите вработени од службата посетуваат предавања за доусовршување на Академијата. Но, идните кандидати за судии или обвинители може да имаат бенефит од знаењето и искуството кое уставните судии може да го пренесат, особено во примената на меѓународните права’, изјави претседателот Костадиновски.
Директорката на Академија за судии и јавни обвинители, Стрезовски, истакна:
„Денешното потпишување на Меморандумот претставува значаен чекор, поврзаноста на институциите подразбира партнерство, пред се’ во функција на владеење на правото. Можност на советниците на Уставниот суд да доаѓаат во Академијата а уставните судии да вршат обуки и предавања. За Академијата ќе претставува унапредување на наставните програми и обуки за примена на највисоките стандарди, изјави директорката Стрезовски.

