Македонија
Адвокатите за пресудите за „Пајажина“: Пресудата беше очекувана

Адвокатите на сопственикот на А1 телевизија Велија Рамковски и други обвинети во случајот „Пајажина“, по соопштувањето на пресудите изјавија дека пресудата била очекувана. И Рамковски ја дочека пресудата смирено,
Адвокатите на сопственикот на А1 телевизија Велија Рамковски и други обвинети во случајот „Пајажина“, по соопштувањето на пресудите изјавија дека пресудата била очекувана. И Рамковски ја дочека пресудата смирено, со насмевка, без да ја коментира.
„Пресудата ја примив рамнодушно, беше очекувана.Беше донесена врз основа на селективни и конструирани докази. Се надевам дека повисоките инстанци ќе го согледаат тоа“ изјави адвокатот Стеван Павлевски.
И за адвокатот Никола Поленак, пресудата била очекувана. „Очекувано беше. Нормално е едно вакво шоу, една ваква фарса да заврши со вакво финале“ изјави Поленак.
Судот одлучи дел од обвинетите Слободан Пејоски, Ибраим Ибраими и Жарко Стојановски од притвор да бидат префрлени во куќен притвор, а поранешната директорка на А1 телевизија, Анета Кочишки судот ја ослободи од куќен притвор до правосилноста на пресудата.
Судијката Павлина Христовска, пред да ја соопшти пресудата образложи дека во текот на судењето, во коешто се одржале 66 рочиште се докажало дека Велија Рамковски и другите обвинети создале криминална група која перела пари, затајувале данок, ја злоупотребиле службената положба и оштетиле доверители.
Како сопственици на фирми со адреса на „Перо Наков“, обвинетите се товарат за повеќекратно исплаќање на фактури, за давање позајмици без економска исплатливост, за правење фактури со невистинита содржина. Парите ги префрлале од една на друга фирма и ги испумпувале во фирми во странство, во Турција и САД.
Според судот, обвинетите затаиле данок од повеќе од 4,5 милиони евра.
Велија Рамковски денеска после пладне беше осуден на 13 години затвор, а вкупно сите 23 обвинети добија над 100 години затвор. Рамковски е осуден на три години за злосторничко здружување, на шест години за перење пари, на пет години за даночно затајување и една година за злоупотреба на службената положба.
Тројца добија ослободителна пресуда, а еден од обвинетите, поранешниот управител на „Време еч“ , новинарот Александар Дамовски доби условна казна, што предизвика реакции и негодувања кај роднините на дел од обвинетите.
Братот на Велија, Амди Рамковски и неговиот син Хеди Рамковски, кој е во бегство, беше осуден на седум години затвор, а неговата ќерка Емел Рамковска е осудена на шест години затвор.
Поранешниот директор на А1 телевизија Дарко Перушевски доби 5 и пол години затвор, а Кочишки, која кратко беше директор на А1 осудена на 2 години и три месеци затвор. Судијката им наложи на обвинетите да им ја надоместат штетата и на фирмите на кои им должеле.
Судењето го следеа и дел од новинарите на сега веќе згаснатата А1 телевизија. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно сончево и многу топло

Времето денеска, претежно сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, до средината на следната седмица времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.
Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.