Македонија
Македонците подеднакво „висат“ пред телевизор и на социјалните мрежи
Универзал медиа во четвртокот ги објави резултатите од првото истражување на социјалните медиуми спроведено во Македонија, коешто ги охрабрува бизнисите да „комуницираат лично“
Универзал медиа во четвртокот ги објави резултатите од првото истражување на социјалните медиуми спроведено во Македонија, коешто ги охрабрува бизнисите да „комуницираат лично“, а покажува дека своето слободно време, македонските учесници во истражувањето, речиси подеднакво го поминуваат на социјалните мрежи и гледајќи телевизија.
„Вејв 6 – Бизнисот на социјалната комуникација” истражувањето покрива 43 отсто од светската интернет популација, во него учествуваат 62 земји и 41.738 испитаника. Оваа година првпат и Македонија беше дел од ова најголемо и најобемно истражување на социјалните медиуми кое кај нас го реализираше Универзал Медиа Скопје.
„Вејв 6 – Бизнисот на социјалната комуникација“‘ го истражува влијанието на социјалните медиуми на денешниот глобален пазар, анализира како корисниците во 62 земји ги користат сајтовите како Фејсбук и Твитер за комуникација со брендовите, и што сакаат и што очекуваат од овие искуства.
„Овогодшното издание на Wave 6, е исклучително значајно за нас, бидејќи успеавме првпат да ја вклучиме и Македонија. Обемот на истражувањата секоја година сразмерно се зголемува, па така нашето лобирање, како и фактот што имаме голем број интернет корисници, како и значително присуство на социјалните мрежи, бeа аргументи кои не можеа да се игнорираат“, вели Маја Стојаноска, директор на Универзал Медиа.
Wave 6 покажа дека испитаниците од Македонија во голем дел ги делат истите навики и размислувања за социјалните мрежи со интернет корисниците во светот.
Македонските испитаници на интернет најмногу менаџираат профили на некоја социјална мрежа: дури 87 отсто одговориле дека тоа го имаат направено во последните шест месеци. Натаму, 84 отсто од македонските испитаници велат дека посетиле официјална интернет страница на некоја компанија, додека 74 отсто се приклучиле кон некоја онлајн заедница на одреден бренд.
И во Македонија, како и во остатокот од светот, корисниците се загрижени за количеството лични информации кое се пласира на социјалните мрежи: 54 отсто од испитаниците одговориле дека тој податок ги вознемирува. Но, сепак подготвени се да „жртвуваат“ дел од својата интима со цел да бидат во тек со случувањата: 30 отсто од испитаниците сметаат дека ќе пропуштат нешто доколку не го посетат својот профил на социјалните мрежи.
„Вејв 6 е моќна алатка преку која ја разбираме улогата на социјалните мрежи и која дава увид во важноста и влијанието на социјалните медиуми во Македонија. Тие стануваат толку значајни во медиумскиот микс што од клучно значење е брендовите и компаниите да почнат да размислуваат како да ги користат овие платформи во комбинација со потрадиционалните медиуми со цел да допрат до повеќе потрошувачи на поефективен начин“, додава Стојаноска.Резулатите од Вејв 6 овозможуваат да се издвојат три главни согледувања: најмоќно социјално искуство е одговарањето на прашањата поврзани со брендовите и поплаките на корисниците, вебсајтовите на брендовите бргу стануваат еднодимензионално искуство што младите бргу го напуштаат и фактот дека и покрај сè поголемата загриженост за приватноста на податоците, луѓето се подготвени да ја платат цената кога се работи за социјално поврзување./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова со раководството на Факултетот за музичка уметност: потенцирана важноста на едукативната и педагошката работа
По повод големиот јубилеј 60 години постоење и дејност на Факултетот за музичка уметност, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими деканката проф. м-р Дарија Андовска, продеканката за настава и наука, проф. д-р Соња Здравкова-Џепаровска и продеканката за концертна дејност, вонр. проф. м-р Марија Вршкова.
За деканката Андовска успехот на факултетот е резултат на големото музичко знаење, љубов, креативност, труд и посветеност на повеќето генерации наставен кадар.
Јубилејот добива на тежина и значење заради фактот дека за релативно кусо време, вработените постигнале далеку поголеми резултати од факултетите, односно музичките академии од регионот, стари и по стотина години.
Честитајќи им го роденденот, претседателката ја потенцираше важноста на едукативната и педагошката работа на Факултетот, којшто изнедрил музички и уметнички великани како Симон Трпчевски.
За Сиљановска-Давкова, неспорна и непроценлива е амбасадорската улога на нашите музички уметници во промоцијата на македонската држава ширум светот.
Таа со задоволство ја прифати поканата да биде покровителка на јубилејот на институцијата којашто е расадник на уметници без кои не може да се замисли успешната работа на Филхармонијата, Националната опера и балет, Националниот џез оркестар, како и на бројните ансамбли и оркестри.
Професорките ја запознаа претседателката со тешките предизвици од финансиска и просторна природа, хроничниот недостиг на инструменти и опасноста од згаснување на некои катедри во отсуство на кадар.
Тие очекуваат преиспитување и измена на низа предложени решенија од новиот Закон за високо образование во претстојната дебата.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сите патишта водат кон Будимпешта, со владин авион кај шефот и на море, велат од СДСМ
Главна дестинација на владинот авион е релацијата Скопје-Будимпешта. Дури седум пати летале до шефот, во главниот град на Унгарија, според информациите за летањето на владиниот авион кои ги објавија медиумите, велат од СДСМ.
„Сите во Будимпешта, со владин авион, на консултации и по работни задачи кај шефот.
Наместо да лежи во Идризово, ВМРО му подготвува враќање на Никола Груевски.
Затоа и беа тргнати потпретседателите.
Нема повеќе потпретседатели, нема внатрешна конкуренцијам се расчистува патот за единствениот претседател на ВМРО, Груевски.
Мицкоски е само чувар на фотелјата.
Мора да се обезбеди безбеден терен за враќање на газдата“.
Според опозиционата партија, Мицкоски, Николовски, Силјановска најмногу го користеле владинот авион.
„Толку многу се шета, Мицкоски дури и на Јадран оди со владин авион на капење.
Затоа мора да се купува нов авион, да се даваат милиони евра народни пари“, прашуваат од СДСМ.

