Македонија
Повеќе средби на шефот на дипломатијата Попоски во Брисел
Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски во петокот за време на неговата посета на Брисел остварил повеќе билатерални работни средби
Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски во петокот за време на неговата посета на Брисел остварил повеќе билатерални работни средби со српски колега Вук Јеремиќ, со министерот за надворешни работи на Кипар, Ерато Козако-Маркулис, со советникот во Европската служба за надворешна акција и олеснувач во дијалогот помеѓу Белград и Приштина, Роберт Купер, како и со комесарот Кристалина Георгиева, одговорна за меѓународна соработка, хуманитарна помош и одговор на кризи, инфромирата од МНР.
На средбата со српскиот министер за надворешни работи, Вук Јеремиќ, како што соопшти министерството за надворешни работи, министерот Попоски честитајќи го статусот на Србија на земја кандидат за членство во Европската унија, ја истакнал подготвеноста за засилена билатерална соработка во контекст на евроинтеграцијата, како и важноста за напредок во пристапниот процес кон ЕУ за сите земји од Балканот. Од страна на министерот Јеремиќ била реафирмирана неговата кандидатура за Претседател на 67. Генерално собрание на ОН, при што била побарана поддршка од страна на Република Македонија.
За време на разговорот со советникот во Европската служба за надворешна акција и олеснувач во дијалогот помеѓу Белград и Приштина Роберт Купер, министерот Попоски го поздравил постигнатиот договор за претставување на Косово на состаноците на регионалните иницијативи. Притоа, информирал за подготовките за Претседателството со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, коешто Македонија ќе го преземе од Србија во јуни 2012 година. На средбата станало збор и за неодамна отпочнатиот Пристапен дијалог на високо ниво меѓу Република Македонија и Европската Комисија, при што Купер ја поздравил посветеноста и конструктивниот пристап на Владата на Република Македонија.
Средбата со комесарот Кристалина Георгиева, како што се наведува во соопштението од МНР, се оставарила во рамките на церемонијата која по повод пристапувањето на Македонија во Механизмот за цивилна заштита на ЕУ се одржа во Европската комисија. Комесарот Георгиева укажала дека со приклучувањето кон Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, Република Македонија се поврзува со мрежата на Унијата за справување со катастрофи и со тоа добива пристап до ресурсите на ЕУ за справување со широк спектар на катастрофи. Министерот Попоски истакнал дека е од голем интерес за Република Македонија можноста која ја дава Механизмот за размена на знаења, најдобри практики и проток на информации при реакција на големи итни случаи во Европа и пошироко.
На средбата со министерот за надворешни работи на Кипар Ерато Козако-Маркулис, се разговарало за приоритетите на кипарското претседателство со Европската Унија, кое почнува на 1 јули 2012 година. Министерот Маркулис истакнал дека проширувањето на ЕУ со земјите од Балканот ќе биде меѓу врвните приоритети на кипарското претседателство, при чија реализација првенствено ќе се раководат од поширокиот европски интерес. Министерот Попоски ја реафирмирал заложбата на Република Македонија за што поскоро отпочнување на пристапните преговори во насока на зачувување на кредибилитетот на политиката на проширување на Унијата. Исто така, заеднички била констатирана корисноста од унапредување на билатералните односи и комуникација./крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

