Македонија
МВР ќе купува 150 нови полициски возила
Министерството за внатрешни работи ќе купува 150 нови полициски возила на местото на дотраените „крајслери“, соопшти министерството.
Повикот за прибирање на најповолните понуди, како што соопшти МВР, е распишан на интернет страницата на Бирото за јавни набавки, единствен услов за склучување на договорот е висината на цената, а начинот на кој ќе се одбере најповолната понуда е принципот на јавно електронско наддавање.
„Во крајната цена треба да биде вкалкулиран вкупниот трошок, односно сумата која ја вклучува и специфичната опрема која е точно дефинирана и подразбира држачи за радиостаници и друга опрема, носачи за ротациски светла, соодветна надворешна боја (полициски ознаки) и други елементи. Предвидено е возилата да бидат со дизел мотор со зафатнина од 1900 до 2300 ццм и моќност од 110 до140 KW“, соопштуваат од МВР.
Јавниот повик за прибирање на понудите ќе биде отворен 42 дена, а начинот за плаќањето на возилата е предвидено да биде на 36 месечни рати. Станува збор за купување возила, а не лизинг, така што со потпишување на договорот и испораката на возилата, сопственик на возилата ќе биде МВР, објаснуваат од министерството.
„Последна набавка на полициски возила беше пред 12 години, во 2000 година, кога се набавени 210 патнички возила „крајслер“ и 30 теренски (џипови), сите со бензински мотор. Набавените „крајслери“ се во голема мера амортизирани. Во просек, секое од овие возила има поминато повеќе од 500.000 километри, а некои и повеќе. Голем дел од нив, околу 20 отсто веќе се неупотребливи и расходувани (околу 40 „крајслери“). Годишните трошоци за сервисирање и одржување на „крајслерите“ кои се во возна состојба изнесуваат околу 7.000 евра по возило, бидејќи само една замена на автоматскиот менувач изнесува околу 3.000 евра. Просечната потрошувачка на гориво на овие возила им изнесува над 14 литри на 100 километри“ информираат од Министерството./крај/со/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.
Македонија
Утре со врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни, на повисоките места дожд и снег
Времето утре, ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег.
Во источните делови ќе има услови за ретки грмежи. Ќе дува засилен повремено силен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно со врнежи од дожд. Ќе дува засилен повремено силен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во среда и четврток времето ќе биде стабилно, а во четврток ноќта и во петок ќе има нови пообилни врнежи. Утре ќе дува засилен повремено силен јужен ветер кој во попладневните часови ќе го смени правецот во северен и ќе продолжи да дува и во среда.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.

