Македонија
Груевски: Нема да ја сменам Јанкулоска
Петкратното убиство што се случи кај езерото Смилковци тектонски ја измести безбедноста на државата и луѓето сé повеќе се затвораат во своите домови.
Ваков став изнесе опозицијата во четвртокот во Собранието чијашто седница беше резервирана за институцијата пратенички прашања, а пратеникот на СДСМ, Игор Ивановски побара од премиерот Никола Груевски да ја смени министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
„Како е возможно никој од Управата за безбедност и контраразузнавање, којашто ја води вашиот најблизок човек, да нема информаци за овие страшни криминални активности, за ова страшно петкратно убиство? Како е возможно Агенцијата за разузнавање, која е исто така под ваша контрола поради поданичкиот однос на претседателот Ѓорге Иванов, да нема никакви информации. Пред само две седмици без објаснување беше сменет директорот на Агенцијата за разузнавање. Како е возможно партиските луѓе во јавната безбедност да дозволуваат вакви безбеднсони киксови. Дали по сé што се случи, ќе ја смените министерката Јанкулоска“, изјави пратеникот на опозицискиот СДСМ, Игор Ивановски и го праша премиерот како можел да појде во црквата Св. Димитрија за 20 минути да го види чудото, а не пошол кај жителите на Радишани кога тие го викале.
Премиерот Груевски изрази сочувство до семејствата на убиените и повтори дека Министерството за внатрешни работи со сите свои сили и со целиот капацитет деноноќно работи на расветлување на овој случај.
По неколку минути објаснување, премиерот директно и категорично одговори дека е задоволен од работата на Јанкулоска и дека нема да ја смени.
„МВР со сите свои сили и со целиот свој капацитет деноноќно работи на расветлување на овој случај. Вчера имав можност да бидам во МВР, досега никогаш не сум видел таква висока мотивираност за што побрзо да се најде строителот на ова дело и да се изнесе пред судот. Јас верувам дека овие луѓе ќе успеат да ги најдат сторителите и да ги изведат пред правдата. Оваа структура на Министерството за внатрешни работи со сите нејзни слабости и пропусти, коишто сите живи луѓе ги имаат, е неспоредливо попрофесионална од службите на коишто вие им дадовте довербата кога бевте на власт. Ќе ви одговорам директно – не, нема да ја сменам министерката и нема да дозволиме да се вратат времињата кога криминалот цутеше“, изјави премиерот Никола Груевски.
За петкратното убиство зборуваше и пратеникот на Санџачката лига, Сафет Бишевац, кој, исто така, побара одговорност од министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. Тој го спомена и црвениот „опел“ којшто е еден од клучните докази во истрагата и рече дека дел од медиумите објавиле дека „опелот“ бил виден и претходно во тој регион. Според него, тоа би можеле да го направат луѓе кои мислат дека се над законот, дека такви луѓе постојат, како оние во Виница и Кочани кои со години го тероризирале тамошното население.
Министерката Гордана Јанкулоска уште еднаш повтори дека убиството е грозморен чин и дека сторителите ќе ги стигне казната неминовно и рече дека и покрај тоа што имаат информации, не можат да ги споделат со јавноста, не затоа што не сакаат туку заради тоа што нивен приоритет е истрагата. Информациите на Бишевац ги нарече извртување на вистината.
„Не исклучуваме ниту едно сценарија, ниту една опција, меѓутоа мора да бидеме внимателни и трпеливи мораме да внимавнеа да не зборува од онолку колку што е неопходно бидејќидо нив може да дојдат до сторителите кои за жал се уште се на слобода и може да значи нивно успешно бегање од правдата. Г-дине Бишевац барем во делот на информираање, верувам дека успеавте да забележите дека првата информација дојде токму од Министерството за внатрешни работи во текот на критичниот ден во неколку наврати имавме и прес-конференции а јас на самиот ден пред да заврши увидот ја информирав јавноста за оние информации“, реле Јанкулоска.
Опозицијата го критикуваше Министерството за внатрешни работи и за акцијата „Детонатор“, којашто според нив била борба за превласт во владејачката партија, односно борба меѓу агенции за безбедност, а едната од нив, како што рекоа, била на директорот на УБК, Сашо Мијалков.
„Полицијата на една половина на теритотијата на државата не ги штителе граѓаните и не ги гонела криминалците, туку сама го организирала криминалот и тоа го правеле цели шест години луѓето на министерката. Како е возможно овие шест години да влезат повеќе од илјади покер апарати од странство небаре се чепкалки за заби“, рече Ивановски и праша зошто за ова немаат одговорност министерот за финансии и царина, како и директорот на Управата за јавни приходи.
Според Груевски, додека СДСМ биле власт не се апселе криминалци и граѓаните не можат да се сетат на ниедна слична акција од тој период.
„Немојте да кажете дека тогаш немаше криминал, но властите го толерираа криминалот и соработуваа со криминалот“, заклучи Груевски./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Димитриевски: Владата на Мицкоски им ги скрати субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра
Од времето на СДСМ кога субвенциите беа 140 милиони евра, Мицкоски ги намали на 100 милиони евра. Ова е огромен удар врз земјоделците, врз нивниот труд, нивните семејства и егзистенција, оценува Александар Димитриевски од СДСМ.
„Пред избори, ВМРО ОКГ на земјоделците им ветуваше 180 милиони евра субвенции.
Наместо да ги зголемат субвенциите, ги излажаа земјоделците. Сега им ги намалија за 80 милиони евра помалку од тие што им ги ветува. Дополнително им ги усложнија условите.
80 милиони евра директно одземени од маката, трудот и егзистенцијата на земјоделците, од луѓето кои произведуваат храна.
Мицкоски ги понижи и ги измами земјоделците“.
Како што додаде, кратење има на сите страни и усложнување на условите, со зголемување на прагот за добивање на субвенции.
„Кај поледелските култури, кај пченицата, кај лозарството и овоштарството, намалени субвенции за тутун, за кокошки.
Ги укинаа сите добри мерки што ги воведе владата на СДСМ. Ја укинаа авансната исплата на субвенциите, земјоделецте останаа без сигурност, без поддршка, без чувство дека трудот им се вреднува.
Оваа влада крати од сите, само за да има за сопствениот луксуз, само да има за криминални тендери.
Нема пари за минимална плата од 600 евра, нема пари за повисоки субвенции за земјоделците, ама власта има пари за криминални тендери, нов авион, за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“.
СДСМ, посочи тој, бара итна ревизија на програмата, враќање на средствата и вистинска поддршка за малите и средни земјоделци.
„Земјоделството не смее да биде жртва на криминалните политики на ВМРО-ОКГ“.
Македонија
„Падна една недопирлива, победи јавниот притисок“ – Левица за оставката на антикорупционерка Цвета Ристовска
Од партијата Левица денеска реагираа на оставката на Цвета Ристовска од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), оценувајќи ја како директна победа на јавниот притисок, вистината и истрајноста на нивната партија во разобличување на, како што велат, клиентелистичките структури.
„Оставката на Ристовска не е личен чин, туку резултат на разобличување на коруптивните врски што ја компромитираа Комисијата. Тоа е признание дека фактите беа неоспорни и дека јавноста не може повеќе да се лаже,“ се наведува во соопштението од партијата.
Од Левица потсетуваат дека тие јавно ги обелодениле фактите поврзани со, како што велат, непријавени интереси и компании на синовите на Ристовска, кои добивале милионски средства од партиски каси, како и наводното системско прикривање во рамки на ДКСК.
„Сите обиди за релативизирање, за правни акробации и за прикривање зад бирократски флоскули паднаа во вода“, додаваат.
Покрај тоа, од партијата бараат да се ревидираат и одблокираат предметите поврзани со: директорот на АНБ, Бојан Христовски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, компанијата „Сити Аутсорсинг“, во врска со директорот на СОЗР Ивица Томовски и добиените 161 јавна набавка.
„Ова е само почеток. Ќе им дишеме во врат на сите корумпирани структури на ДПМНЕ, без исклучок. Секој функционер кој мисли дека може да ја злоупотребува функцијата или да се штити зад партиски чадор, треба да знае дека следниот предмет може да биде токму негов“, се вели во партиското соопштение.
Од Левица упатуваат повик до сите службеници, институционални вработени и граѓани кои располагаат со информации за корупција и клиентелизам да продолжат да ги доставуваат до партијата.
„Левица ќе ги штити изворите и бескомпромисно ќе ја изнесува вистината во јавноста.“, уверуваат.
Соопштението завршува со зборовите: „Денес падна една ‘недопирлива’. Утре ќе паднат и други. Борбата продолжува.“
Македонија
Цвета Ристовска поднесе оставка од Антикорупциската комисија: „Никогаш немав намера да прикријам информација“
Членката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска, поднесе неотповиклива оставка од функцијата, која ја доставила до претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Во писмото, Ристовска наведува дека одлуката ја донела по „неделни јавни полемики и сомнежи изнесени во врска со нејзината работа“ во Комисијата. Таа вели дека целата своја професионална кариера, вклучително и работењето во ДКСК, ја извршувала „законито, совесно и со најдобра намера“.
„Жалам доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, доведоа до неосновани сомнежи во јавноста“, наведува Ристовска во оставката.
Таа потенцира дека во секоја ситуација во која постоела можност за судир на интереси, побарала изземање согласно законот, и отфрла дека имала намера да прикрие информации.
„Напротив, ги почитував законските обврски. Убедена сум дека секој што извршува јавна функција, мора да покаже највисок степен на личен и професионален интегритет“, додава таа.
Претходно, ДКСК отвори два предмети за Ристовска, за проверка на судир на интереси и непријавување имот.
Ова е нов случај на оставка во Антикорупциската комисија за помалку од една година. Во 2025 година, оставка поднесе и тогашната претседателка Татјана Димитровска, откако против неа беше поднесен обвинителен предлог за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат, поврзани со случајот „Адитив“.

