Македонија
Повредени снимател и полицаец, искршени прозорци на протестите во Скопје
Искршени прозорци на општината „Чаир“ и на зградата на Владата, повреден еден снимател од телевизијата „Телма“ и еден полицаец.
Ова е епилогот на петочните протести кои се одржаа во Скопје, а беа организирани против акцијата „Монструм“ и апсењето на осомничените за петкратното убиство кај Смилковци.
Илјадници Албанци почнаа со протестот од пред Јаја паша џамијата, продложија пред Основниот суд Скопје 1, а потоа пред Владата, која ја каменуваа.
Еден од демонстрантите изјави дека минисерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска била радикална христијанка, подеднакво опасна и за муслиманите и за христијаните.
На протестите можеа да се видат пароли „Сопот 2“, „Јас сум Албанец, но не терорист“ и извици, „Етничка Албанија“ , „УЧК, УЧК“, „Груевски терорист“ и погрдни зборови за лидерот на владејачката ДУИ, Али Ахмети.
Од пред Владата, неколкуте илјади демонстранти се упатија кон седиштето на ДУИ, во Чаир каде фрлале со камења. Не беше поштедена ниту зградата на општина „Чаир“, каде беше повреден снимателот на скопската телевизија „Телма“.
Тие испратија писмо до претседателот Ѓорге Иванов, амбасадата на САД, претставникот на ЕУ, мисијата на ОБСЕ и амбасадите на Албанија, Турција и Косово, во кое велат дека протестираат поради навредите што според нив ги упатила Владата на Македонија кон албанскиот народ со муслиманска вероисповед, навредувајќи ги неговите верски чувства.
Апелираат до меѓународната јавност, ОБСЕ, САД, ЕУ, Турција Албанија и Косово да инсистираат да се формира независна истражна комисија од меѓународни експерти за да се расветли судбината на уапсените во акцијата „Монструм“.
Демонстрантите реагираат на обидот на Владата, како што велат, да исценира монтиран политички процес. Нивните сомнежи ги базираат на правните факти од, како што велат, случаите „Сопот“, „Арачиново“ и „Раштански лозја, чии крајни исход, според нив, резултирале со монтирани политички случаи.
Тие посочуваат дека се згрозени од албанските политички партии, односно дека заменикот министер на МВР, Џељал Бајрами и портпаролот на ДУИ, Бујар Османи ги легитимирале навредите врз албанскиот народ.
Протести во петокот се одржаа и во Тетово,Куманово и Гостивар. Инциденти низ другите градови не биле регистрирани, а бројот на демонстрантите бил мал./крај/мф/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски домаќин на министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Елиса Спиропали
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје беше домаќин на министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, која престојува во прва официјална посета на нашата земја.
На средбата беа разменети мислења за билатералната соработка меѓу двете земји, европската перспектива, како и за можностите за понатамошно унапредување и динамизирање на односите во сите области од заемен интерес.
Посебен акцент беше ставен на економската соработка, со фокус на реализацијата на проектите од Коридорот 8, зајакнувањето на трговската размена и проширувањето на соработката во други сектори.
Двајцата министри ја истакнаа и важноста на националните малцинства во двете земји, нагласувајќи ја нивната улога како значаен фактор во градењето на стабилни, добрососедски и пријателски односи.
Во рамки на разговорите беше отворено и прашањето за регионалната соработка, сојузништвото во рамки на НАТО, како и за актуелните геополитички предизвици со влијание врз безбедноста и стабилноста на регионот.
Македонија
(Фото) Николоски: На автопатот Охрид – Кичево се вршат сложени инженерски зафати, кои првпат се користат во регионот
Првпат на автопатот Охрид-Кичево изведуваме сложени инженерски и градежни зафати и ова првпат се изведува во регионот, а се со цел да се овозможи стабилизирање на косините и земјиштето од овој обем. Ова го изведуваме за целосна доизградба и ставање во функција на безбедно автопатско решение, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, кој заедно со директорот на ЈПДП, Коце Трајановски, пратеникот Ѓорѓи Сајкоски и градоначалниците од Кичево и Дебрца извршија увид на работите на автопатот Охрид-Кичево.


„Ние досега само зборувавме колку е тежок овој проект, но денеска целата македонска јавност може да се увери, дека се работи за најтешкиот инженерски проект, не само во Македонија, туку и во целиот регион. Се работи буквално на пробивање на планини, за косини коишто се од 100 до 200 метри, за земјиште коешто постојано се спушта до главната траса и за бројни проекти, кои што за жал 11 години откако почнал да се гради овој автопат не биле решавани. Со изборот на новата Влада, почнаа овие проблеми да се решаваат. Решаваме вкупно 16 косини, од кои што на 14 ќе имаме стабилизација со така наречени галерии, нешто што за прв пат ќе се изведува, не само во Македонија, туку во целиот регион, каде што со армиран бетон се застанува цела планина, нешто што регионот го нема видено”, истакна Николоски.


Вицепремиерот Николоски упати благодарност за посветеноста на сите инволвирани работници, изведувачи и инженери, кои работат на изведбата на овие инженерски зафати и како што потенцира, целта на изградбата на автопатот Охрид-Кичево не е само да се заврши, туку да биде и безбеден патен правец кој што ќе се користи во наредните децении.
Македонија
Ѓорѓиевски најави модернизација на Зоолошката градина во Скопје
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска ја презентира стратегијата за развој на Зоолошката градина во Скопје, со која, како што рече, почнува ново поглавје во развојот на оваа институција.
„Зоолошката градина во Скопје ќе стане водечки центар за едукација, заштита на природата и хуман третман на животните. Чест ми е што денес ја презентираме стратегијата за развој на Зоолошката градина во Скопје, документ што носи јасна визија за модерна, одговорна и хумана институција. Со неа правиме суштински исчекор од поимот зоолошка градина како место за забава кон центар за едукација, заштита на природата и грижа за животните“, вели Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека целта е Зоолошката градина да стане училница на отворено, од каде што децата ќе заминуваат не само со спомени туку и со знаење, свест и емпатија кон природата.
„Клучен столб на стратегијата е трансформацијата на Градината во функционално прифатилиште за заштитени и ранливи видови, со професионална ветеринарна грижа и безбедни услови. Скопје ја презема моралната обврска да биде дом за животните кои не може сами да опстанат во дивината. Стратегијата е целосно усогласена со строгите стандарди на ЕАЗА, со јасна цел за полноправно членство. Тоа значи високи стандарди за благосостојба на животните, активна научна и конзервациска улога, како и највисоки норми за безбедност и одржливост“, рече градоначалникот.
Тој најави целосна модернизација на Зоолошката градина, подобри услови за животните, посетителите и вработените, енергетски ефикасни решенија, зголемена безбедност, како и нови содржини, меѓу кои и центар за хипотерапија за децата со посебни потреби.
Со овие чекори, рече Ѓорѓиевски, Зоолошката градина во Скопје ќе прерасне во современа, едукативна и хумана институција, место каде што се среќаваат науката и грижата за животот.

