Македонија
Јанкулоска: Стојам зад секој збор што сум го кажала за акцијата „Монструм“
Зошто министерката за внатрешни работи не ја почитувала презумпцијата на невиност, ги осудила сите Албанци дека се радикални исламисти, не постапила правилно при приведувањето на осомничените во акцијата „Монструм“.
Ова се дел од прашањата и обинувањата кои денеска ги изнесе пратеникот на Демократската партија на Албанците Имер Алиу до министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на пратеничките прашања во Собранието, во врска со акцијата „Монструм“, кога беа приведени 20 лица осомничени за петкратното убиство што се случи кај Смилковското езеро.
„На 1 мај, министерката за внатрешни работи и заменикот министер од редот на ДУИ и другата раководна структура од МВР одржа прес-конференција за масакрот кај езерото. Првата реченица што ја искажавте беше дека МВР ги откри убијците за масакрот кај езерото, приведени се 20 лица кои се радикални исламисти и кои се бореле против НАТО земјите во Авганистан. Министерке, вие сте правник по професија, но и ако не сте правник треба да знаете што подразбира презумпцијата на невиност бидејќи ова е уставна категорија. Вие на тој прес ги осудивте Албанците и им определивте максимална затворска казна, а потоа излезе и јавниот обвинител кој рече дека приведените ќе ја добијат максимална затворска казна“ рече Алиу.
Министерката за внатрешни работи, Јанкулоска одговори дека стои зад секој збор што го кажала во врска со акцијата, и на 1 мај и после тоа.
„Во однос на мојата изјава и на 1 мај и секој ден по 1 мај и денеска, стојам зад секој збор што го кажав. МВР спроведе обемна и сериозна истрага, користејќи ги сите механизми кои законот ги става на располагање и поднесе кривична пријава против лицата кои ги сомничиме за сторено кривично дело тероризам. Би сакала да ја искористам приликата да апелирам до вас и сите групи кои се обидуваат да етикетираат цели етнички групи, групи на граѓани, да се воздржат од таквото однесување бидејќи за криминал се одговорни лица поединци, а не припадници на една, друга или трета етничка или религиозна група“ рече Јанкулоска.
Таа додаде дека Македонија треба да биде свесна за предизвиците со кои се соочува светот, односно дека тероризмот е закана за целиот свет.
„Македонија е земја која не може да биде изолиран остров на светот. Сите предизвици на новото време, сите проблеми со кои се соочува светот се проблеми за кои мораме да бидеме свесни, тоа не значи дека треба да живееме во страв. Тоа не значи дека граѓаните треба да се постојано преоптоварени со помислата дека нешто лошо се случува. Но сите треба да бидеме свесни дека тероризмот е закана за целиот свет, Македонија е дел од тој свет, дел од коалицијата за мир“ рече Јанкулоска.
Според неа во акцијата „Монструм“ биле испочитувани сите професионални стандарди и правила на полициско однесување и немало ниедна поплака за однесувањето на полициските службеници.
Алиу не доби одговор на неговото прашање каде бил шест дена Хаки Хазири, кој во случајот беше заштитен сведок, а потоа по свое барање го изгуби овој статус и беше приведен.
„Каде го држевте Хаки Хазири шест дена, на ова прашање требаше да ми одговорите, во тајни затвори, викенд куќички?“ праша Алиу./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ако сѐ било по пропис, зошто Владата не ги објавува листите со патници во авионот, прашува СДСМ
Доколку користењето на владиниот авион од било целосно согласно законите и прописите, тогаш зошто Владата упорно одбива да ги објави листите со патници, прашуваат од СДСМ.
„Што се крие од јавноста? Според Мицкоски, на Јадранско море прво отишол со комерицијален лет со семејството, па го продолжил одморот, па бил на вечера, поради што го прпошутил комерцијалниот лет за враќање па затоа морал да се враќа со владиниот авион од Сплит. Генералната декларација (General Declaration) е задолжителен документ во меѓународната авијација што се доставува за да се идентификува воздухопловот, неговиот екипаж и патниците и мора да се приложи за секој меѓународен лет. Еве, Владата нека ги објави документите, за да видат граѓаните кој се патувал со владиниот авион и колку тоа ги чинело“, велат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека граѓаните го плаќаат авионот, летовите, трошоците за екипаж, одржување и гориво.
„Затоа граѓаните имаат право да знаат: Кој сѐ летал со владиниот авион? Колку точно чинел секој лет?Особено што нема пари за плати, нема пари за 600 евра минимална плата, се кратат 3 милиони евра од пациентите со ретки болести, се кратат 40 милиони евра од земјоделците. Ако сѐ било законски – објавете ги списоците. Ако нема што да се крие – покажете ги документите.Јавноста заслужува одговор“, велат од СДСМ.
Македонија
Наместо празните ветувања од СДС, работниците добија реално повисоки плати, приоритет на Владата е стабилна економија и раст на платите, велат од ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ останува цврсто посветена на заштитата на работниците и унапредувањето на животниот стандард на сите граѓани, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Приоритет на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е обезбедување стабилна економија во која трудот се вреднува, платите растат, а институциите функционираат одговорно и транспарентно. Со политики насочени кон реален економски раст, создавање нови работни места и почитување на колективните договори, се поставуваат темелите за долгорочна финансиска сигурност.
Со ВМРО-ДПМНЕ на чело на државата, платите бележат реален пораст, а мерките што се спроведуваат се насочени кон подобрување на куповната моќ и стабилизирање на економските текови. Наместо празни ветувања, се реализираат конкретни политики што носат резултати.
Додека ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција, застанавме на страната на работниците затоа што постоеја сериозни проблеми како доцнење на платите, непочитување на колективните договори и обиди минималната плата да се отстрани од формулата за пресметка“.
Таквата промена, како што додаваат, ќе го прекинеше линеарниот раст и ќе ја ослабеше заштитата на илјадници вработени.
„Заедно со синдикатите поднесовме повеќе од 40 амандмани и го спречивме тој процес. Со тоа обезбедивме минималната плата да остане дел од системот, што овозможува со нејзиниот раст да растат и останатите примања“.
Денес, велат, разликата е очигледна. Според оваа партија, по две години управување со државата, не се зборува за барања, туку за реализирани обврски.
„Отворени сме за разговор за минималната плата, но одлуките мора да се носат институционално, преку Економско-социјалниот совет и со пристап што обезбедува економска стабилност.
Работниците заслужуваат стабилност, сигурни договори и политики што даваат конкретни резултати“.
Македонија
Забрана за камиони на патните правци Маврово – Дебар и Гостивар – Стража – Кичево
Од 06:50 ч., воведена e забрана за тешки товарни возила на патните правци Маврово – Дебар и Гостивар – Стража – Кичево поради обилни врнежи од снег, информира АМСМ.
Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Слаб снег провејува на П.Шапка кој во мометов не се задржува на коловозот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

