Македонија
Сончево и многу топло, повторување на тропскиот бран
Времето во сабота во Македонија ќе биде сончево и многу топло, со утрински температури од 12 до 22, а дневните максимални температури ќе се движат меѓу 27 и 37 Целзиусови степени со висок УВ индекс 8, со влажност на воздухот преку ден од 35 отсто.
Според метеоролошката прогноза, ќе дува умерен слаб северен и северозападен ветер, а во западните делови од земјата ќе дува умерен североистичен ветер, како последица на силниот северен ветер кој ќе дува во регионот на Егејското Море.
Во главниот град Скопје, во сабота ќе биде сончево и многу топло, со можна мала до умерена локална облачност и умерен северозападен ветер. Утринската температура ќе се движи околу 18, додека дневната ќе достигне до 34 Целзиусови степени, а УВ индексот ќе биде како и во остатокот од земјата – 8.
Како што навестуваат метеоролозите, под влијание на антициклонот Херон, кој се формираше над Алжир, кон европскиот континент се движи уште еден топлотен африкански бран, кој најмногу ќе се почувствува во регионот на Балканот, на Апенинскиот полуостров, како и во некои земји од централна и источна Европа./крај/вет4/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно, претпладне со повремен локален дожд
Променливо облачно, претпладне со повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Утре во претпладневните часови ќе има локални врнежи од дожд, кои во текот на денот насекаде ќе престанат. Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен северен ветер. Потоа до крајот на неделата времето ќе биде стабилно и суво со пониска утринска температура.
Македонија
Ѓорѓиевски отпушти 500 вработени
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека се отпуштени 500 вработени од претпријатијата на Скопје затоа што се месеци, дури и години, не оделе на работа.
„500 лица до денес, се отстранети од работа од претпријатијата во градот Скопје. Тоа се лица кои се платени од парите на скопјани, но не оделе на работа со месеци, дури и години“, објави Ѓорѓиевски.
Тој најави дека секој кој чесно си ја работи работата, ќе биде награден, а оној што не работи ќе биде казнет.
„Тука, нема да има толеранција, а ќе има и одговорност! Секој оној што чесно си ја работи својата работа ќе биде награден, а оној што не работи – ќе биде санкциониран. Ред во Скопје, мора да има! Она што е платено со парите на граѓаните јас мора да го заштитам“, напиша Ѓорѓиевски на „Фејсбук“.
Македонија
Детали за кражбата на кабли во која е вмешан и полицаец: Направиле штета од 600.000 евра, а поради пожар граѓаните останале без струја
Основното јавно обвинителство Скопје објави детали за кражбата на кабли во кругот на фабриката „Железара“ во која е вмешан и полицаец. Крадците украле кабли вредни околу 440.000 евра, а направиле штета на трафостаница од околу 160.000 евра.
Во текот на досегашната постапка се обезбедија докази кои даваат основано сомнение дека сега осомничениот, инаку вработен во МВР како полициски службеник, бил соизвршител на трите лица против кои беше покренато обвинение пред 10-тина дена.
Сите тие се товарат дека заедно од објектот на „Полуконти –ИГМ“ и подземните тунели низ кои поминуваат кабли за напојување со електрична енергија одзеле повеќе километри високоенергетски и среднонапонски кабли во сопственост на оштетените правни лице АД ЕСМ – Електрани на РСМ – Подружница енергетика Скопје и МакСтил АД Скопје во вкупна вредност од околу 440 илјади евра.
Откако со апарат се уверувале дека каблите не се под напон, со батериска брусалка ги сечеле и ги складирале каблите до влезот од тунелите. Поради нивните дејствија, на 9 април настанал и пожар во трафостаницата ТС Југ со кој била предизвикана и дополнителна штета на јавните инсталации за чие санирање биле потребни повеќе од 100 илјади евра, а не се реализирало и планираното производство и дистрибуција на електрична енергија кон крајните корисници на електрична енергија за период на санација на дефектите во вредност околу 60 илјади евра.
Претходно од МВР соопштија дека на полицаецот му е определен 30-дневен притвор. Тројцата негови соизвршители против кои претходно беше покренато обвинение исто така се обезбедени со мерка притвор по предлог на обвинителството, поради опасноста од бегство, можноста за влијание врз сведоци и ризикот да го повторат делото.

