Македонија
Пет и пол милиони евра за развој на селата, за земјоделска механизација, за чистење канали
Владата одлучи да ангажира и исплати 5,5 милиони евра за поддршка на развојот на селата, поддршка за купување на земјоделска механизација и чистење на каналите.
Ова во недела на прес конференција го соопшти владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, кој појасни дека во текот на следната недела да биде објавен јавен оглас за распределба на државно земјоделско земјиште за површина од 5353 хектари, како и јавен повик за решавање на проблемот со користење нерегулиран начин на државно земјоделско земјиште за подрачјето на Прилеп, Виница, Радовиш и Велес.
„Прво, Владата одлучи да ангажира три милиони евра за кофинансирање на проекти за набавка и модернизација на земјоделска механизација. Од август ќе бидат исплатени еден милион евра на 200 корисници кои веќе ги извршија набавките на механизацијата. Останатите два милиони евра ќе бидат исплатени на останатите 334 корисници по реализација на нивните набавки на механизацијата, согласно динамиката и доставување на документација, а најдоцна до октомври 2012 година.“, рече Ѓорѓиев.
Тој додаде и дека Владата ќе исплати два милиони евра за поддршка на македонските села.
„Средствата ќе бидат реализирани за 45 проекти во 37 општини, а ќе се користат за изградба на селски патишта не подолги од 1 километар, за селски мостови, за пристапни патишта до нивите и пристап до земјоделско земјиште“, рече Ѓорѓиев.
Владиниот портпарол најави дека оваа недела со полн интензитет започнува процесот на чистење на каналите за наводнување и одводнување.
„За два месеца ќе бидат исчистени 70 километри канали во Скопски, Пелагониски (од страната на Прилеп), Струмички, Кочански и Полошки регион, за што ќе бидат исплатени половина милион евра“, нагласи Ѓорѓиев.
Тој додаде дека следната недела ќе биде објавен јавен оглас за распределба на земјоделско земјиште во државна сопственост под закуп, за регионот Свети Николе за површина од околу 5353 хектари.
„До крајот на годината ќе бидат објавени уште два јавни огласи. Во тек се два јавни огласи, првиот за регионите Куманово, Велес, Гевгелија и Прилеп, и вториот за регионите Струмица, Кочани, Гостивар, Гази Баба чија одлука се очекува во текот на следната недела. За два огласа, за Кавадарци и за Радовиш, одлуката се очекува во август“, рече Ѓорѓиев.
Тој најави дека следната недела ќе биде објавен јавен повик за решавање на проблемот со користење на државно земјоделско земјиште на нерегулиран начин за општините Прилеп, Виница, Радовиш и Велес. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Филипче ја составил документацијата за модуларната болница во Тетово без елаборат за електрична енергија, кој ќе сноси одговорност за техничките пропусти поради кои загинаа 14 луѓе“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Поранешниот министер за здравство Венко Филипче, бил директно инволвиран во процесот на изработка на техничката документација за модуларната болница во Тетово, каде живи изгореа 14 луѓе. За ова говоревме минатата година во „Афера – Провизии кои чинат животи’’ каде посочивме на низа пропусти и недоследности, но продолжената рака на СДС Коцевски, цврсто ги чуваше кривичните пријави и докази за Филипче во фиока“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Според сведоштвото на Кадриу, вечерта на несреќата таа била повикана да се вклучи во истрагата, а подоцна ѝ се приклучиле и претставници од обвинителство меѓу кои тогашниот ДЈО Јовевски кој дошол со двајца свои обвинители.
Улогата на ДЈО Јовевски и останатите била процесот да го држат под нивен надзор и контрола.
Според Кадриу, околу 30 милиони евра биле обезбедени за изградба на овие објекти. Светската банка тогаш одобрила средства за изградба на модуларни болници на територија на Македонија.
Венко Филипче бил министер кога се изработувала техничката спецификација за модуларните болници. Градбата на модуларната болница, била направена од панели рециклирани со пурпена, кои тогаш не чинеле повеќе од 5-6 евра. Додека пак, оние подобрите и поквалитетните, како на пример панели со камена волна кои не горат до 40 минути, чинеле околу 17 евра. Во превод, според Кадриу, овие модуларни болници чинеле околу 300.000 евра, сите, а биле обезбедени за оваа намена 30 милиони евра.
Во чиј џеб завршиле парите?
Дополнително за објектот во Тетово, не бил изработен соодветен елаборат за електрична енергија, што дополнително влијаело на безбедноста.
Зошто немало соодветен елаборат за електрична енергија?
Зошто не се користеле квалитетни материјали?
Зошто се искористени минимум од дозволените средства?
Филипче одбил алтернативни предлози за згрижување на ковид-пациенти во рамки на постојните болнички капацитети.
Филипче ја одбил понудата на тогашниот медицински директор, кој понудил сместување на КОВИД пациенти, на двата спрата во тетовската болница кои стоеле така празни. Филипче тоа го одбил, поради тоа што овие модуларни болници морале да бидат изградени.
Вистинските виновници за модуларната болница во Тетово мора да одговараат пред законите“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Празнувајте со срце, возете со разум – без алкохол зад воланот на овој празник на виното и љубовта, апелира РСБСП
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата упатува апел до сите учесници за внимателно, совесно и одговорно учество во сообраќајот за време на празникот на виното и љубовта 14 Февруари – Свети Трифун и Ден на вљубените.
„Празниците се време за радост, блискост и споделени мигови со саканите. Но, вистинското прославување е онаа по која сите безбедно се враќаме дома. Затоа, не дозволувајте момент на невнимание да ја засени убавината на празникот. РСБСП потсетува: – Доколку консумирате алкохол – не седнувајте зад волан. Изберете јавен превоз, такси или возач кој не конзумирал аклохол. – Возете внимателно, почитувајте ги сообраќајните правила и прописи,грижете се за безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Сакајте и почитувајте го својот и животот на другите – затоа што секој живот е важен“.
Македонија
Иванов се обрати на промоцијата на Стратегијата на Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија
Поранешниот претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, беше почесен гостин на промоцијата на Стратегијата за работа на Националниот совет на македонското национално малцинство во Република Србија за периодот 2026–2031 година. На настанот, што се одржа синоќа во Нови Сад, во годината кога се одбележуваат 80 години од доселувањето на Македонците во Војводина, Иванов имаше пригодно обраќање во кое ја истакна важноста на институционалната грижа за зачувување на идентитетот, јазикот и културното наследство на македонската заедница во Република Србија.
Во своето обраќање, Иванов го нагласи значењето на образованието на македонски јазик како клучен столб за зачувување на националниот идентитет, посочувајќи дека „преку можноста младите да учат и да се изразуваат на својот мајчин јазик, не се пренесува само знаење, туку и чувство на припадност, достоинство и самосвест“. Тој особено ја истакна потребата од активна вклученост на младите генерации во институционалниот и општествениот живот на заедницата, оценувајќи дека нивната енергија, визија и лидерство се двигател на нејзиниот понатамошен развој.
Осврнувајќи се на јубилејот од 80 години од доселувањето на Македонците во Војводина, Иванов посочи дека станува збор за историски втемелена приказна на истрајност, работа и достоинство, преку која македонската заедница оставила длабока трага во општествениот и културниот живот на средините во кои живее. Во таа насока, тој упати искрена благодарност за поддршката што ја даваат властите во Република Србија и Војводина оценувајќи ја како силна порака на почит и вреднување на македонската заедница во Србија.
Во говорот Иванов ја потенцираше улогата на македонската заедница во Република Србија, како и на српската заедница во Република Македонија, кои претставуваат жив мост на пријателство, разбирање и соработка меѓу двете држави, со посебно значење на културната, општествената и дипломатската соработка.

На промоцијата присуствуваа министерот за човекови и малцински права и општествен дијалог на Србија, Демо Берища, македонскиот амбасадор во Србија Никола Тупанчески, покраинската омбудсманка Драгана Ќориќ, директорот на Архивот на Војводина Небојша Кузмановиќ, како и претставници на Покраинскиот секретаријат за образование, прописи, управа и национални малцинства, претставници на Македонскиот национален совет и на македонската заедница во Република Србија.
Целите и програмските определби на Стратегијата детално ги образложија претседателката на Советот, Зорица Митровиќ, и секретарот Марјан Јованоски, кои се осврнаа на клучните приоритети, мерки и активности предвидени за наредниот период, по што со свои обраќања се обратија и амбасадорот Тупанчески, ресорниот министер Бериша, како и домаќинот на настанот, директорот на Архивот на Војводина Кузмановиќ.
За време на настанот,Иванов оствари кратки средби со присутните претставници на државната власт на Република Србија, како и со претставници на покраинската власт на Војводина. Посебно значајни беа средбите со претставниците на македонската заедница во Војводина и со претседателството на Националниот совет на македонското национално малцинство во Република Србија, на кои беше изразена заедничка подготвеност за понатамошно продлабочување на соработката и поддршката на активностите од интерес за македонската заедница.

