Македонија
Груевски упати телеграма со сочувство до Нетанјаху

Премиерот Никола Груевски упати телеграма со сочувство до израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, по повод терористичкиот напад врз израелски туристи во бугарскиот град Бургас.
„Длабоко ме потресе веста за грозоморниот терористички напад во Бугарија во кој животот го загубија и настрадаа повеќе граѓани на Израел. Иако во овие тешки мигови на шок и национална жалост не постојат зборови кои можат да ја намалат болката, сепак, како што нашиот народ умее да каже: “Споделена тага е помала тага“, и затоа дозволете ми од мое лично име и од името на Владата на Република Македонија да Ви упатам изрази на најдлабоко сочувство и воедно да го осудам овој срамен и кукавички чин.“, се вели во телеграмата.
Премиерот додава дека граѓаните на Македонија искрено сочувствуваат со болката на израелскиот народ и семејствата кои ги загубија своите најмили во овој безмилосен напад. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Денеска се одбележуваат 115 години од раѓањето на Мајка Тереза

Денеска се одбележуваат 115 години од раѓањето на Мајка Тереза (вистинското име и е Агнеса Гонџа Бојаџиу). Таа е родена на 26 август 1910 година на тогашната улица “Поп Кочина” број 14, која што се наоѓала на сегашниот плоштад „Македонија“ во Скопје.
Гонџа е најмалото дете во семејството, имала постара сестра Ага и постар брат Лазар. Гонџа потекнува од добростоечко семејство и во него владеело правилото да се помогне на секој на кој му е потребна помош.
Конечната одлука да го напушти Скопје ја донела затоа што на 12 годишна возраст добила повик од Бога. По 6 години, таа конечно, го напушта родниот град. Заминува за Даблин, Ирска од железничката станица во Скопје. Заедно со мајката Драна и сестрата Ага заминуваат за Загреб, од каде, после две недели, Гонџа заминува за Ирска. Ова е последната нејзина средба со своите мајка и сестра.
Во 1979 година ја добила Нобеловата награда за мир за извонредно широката дејност во помагањето на бедните, болните и унесреќените во целиот свет. Почина во Калкута, Индија, на 5 септември 1997 година по неколку годишна борба со болест на срцето и белите дробови
Две години по нејзината смрт, Папата Јован Павле II, ја започнува диоцезиската фаза од процесот за беатификација и канонизација.
По беатификацијата на Мајка Тереза, која на 19 октомври 2003 ја извршил папата Јован Павле Втори, таа ја добила титулата Блажена Мајка Тереза. Оваа титула ја носела сè до нејзиното прогласување за светица откако црквата официјално утврдила дела има изведено и второ чудо.
На 17 декември 2015 година Ватикан потврдил дела папата Франциск го признал второто нејзино чудо со лекување на човек од Бразил со повеќе тумори на мозокот.
Папата ја канонизирал Мајка Тереза на 4 септември 2016 на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан пред десетици илјади луѓе.
Македонија
ВЛЕН: Обвинителството да постапи по извештајот од ревизијата за Бујар Османи

Еден месец помина од јавно објавениот негативен извештај на Државниот завод за ревизија за трошењата во Министерството за надворешни работи во време кога министер беше Бујар Османи, а Обвинителството и судството сѐ уште не презеле никакви мерки, велат од ВЛЕН.
Од таму додаваат дека ревизорите утврдиле дека над 120 милиони денари (околу 2 милиони евра) се потрошени за организација на ОБСЕ самитот во Скопје без соодветна документација, без евиденција за испорачаните стоки и услуги и без трајна опрема која требаше да остане во државна сопственост.
Според ВЛЕН, тоа отвора сериозни сомнежи за нетранспарентност и злоупотреби на јавни средства.
„Сѐ ова потсетува на времето кога Бујар Османи беше Министер за здравство и кога исто така доби негативен извештај од Државниот завод за ревизија – со забелешки за незаконски постапки и сомнителни исплати. И тогаш, наместо одговорност, судството го амнестираше. Некоја структура во државата очигледно го штити и негува Бујар Османи како свој миленик. Денес гледаме повторување на истиот шаблон, судството и обвинителството повторно молчат. Ако беше било кој друг граѓанин, ќе одговараше и за сообраќајна казна. Но за Бујар Османи, изгледа важат други правила. Очигледно е дека е под нечија заштита, а тоа значи само едно, дека е должен некаде, а тоа не се Албанците или граѓаните на Чаир“, се наведува во соопштението.
ВЛЕН јавно потсетува дека Јавното обвинителството има законска обврска да отвори случај по негативен извештај на Државниот завод за ревизија. Ако тоа не се направи, велат од ВЛЕН, ќе биде втор пат како институциите свесно го амнестираат Бујар Османи за исти сомнежи и злоупотреби.
Македонија
Борче Стамов и д-р Ирфан Ахмети ќе ја примат државната награда „Мајка Тереза“

Борче Стамов од „Донирај компјутери“ и доц. д-р Ирфан Ахмети од Универзитетската клиника за ендокринологија, денеска во Собранието ќе ја примат државната награда „Мајка Тереза“.
„На 26 август 2025 година (вторник), во Кристалната сала на Собранието на Република Северна Македонија, во 11:00 часот, Одборот за доделување на државната награда „Мајка Тереза“ ќе ја додели државната награда „Мајка Тереза“ за 2025 година за особено значајни остварувања од интерес на државата во областа на хуманоста и човечката солидарност и за потикнување, унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката, како меѓу народите, така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери“, соопштија од Собранието.