Македонија
Претседателот Иванов ја одликува Националната гарда на Вермонт со Одрен за воени заслуги
Претседателот Ѓорге Иванов по повод одбележувањето на 20 годишниот јубилеј од основањето на Армијата на Република Македонија донесе указ со кој се одликува Националната гарда на Вермонт, САД со Орден за воени заслуги.
Овој Орден Иванов го доделува за особен придонес за успешно остварување и за унапредување на односите и соработката меѓу вооружените сили на САД и вооружените сили на Македонија и нивно заедничко учество во меѓународните мисии.
Иванов испрати и писмо до генерал-полковник Мајкл Дуби, во кое му го честита неговото унапредување во генерал-полковник и преземањето на новата функција – заменик командант на Северната команда на Соединетите Американски Држави.
„Ја користам оваа пригода да ја изразам мојата искрена благодарност за Вашиот придонес во развојот на партнерството меѓу Армијата на Република Македонија и Националната гарда на Вермонт. Ова партнерство придонесе за зајакнување на врските меѓу народите на Република Македонија и Соединетите Американски Држави, врски кои постојано се прошируваат и во области како што се образованието, здравството и културата“. се вели во писмото коешто ќе биде прочитано и на свечената церемонија која ќе се одржи во вторник во Пентагон.
По повод 20-годишниот јубилеј од основањето на АРМ, Иванов донесе и три указа со кои со Орден за воени заслуги го одликува Полкот за специјални операции на Армијата на Република Македонија, за исклучителен придонес во јакнењето и развивањето на одбранбената способност на Република Македонија во зачувувањето на нејзината независност, безбедност и територијален интегритет.
Со Орден за воени заслуги е одликуван и генерал-потполковник Митре Арсовски, како и Воената акедемија на Турција, за постигнатите резултати во остварувањето на воената соработка, особено преку едукација на припадници на Армијата на Република Македонија, со што даде исклучителен придонес за развојот на пријателските односи меѓу Република Македонија и Република Турција./крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Го разбираме револтот и незадоволството: СДСМ го поддржува протестот и барањата на работниците
СДСМ го поддржува протестот на работниците и Сојузот на синдикатите во борбата за достоинствени плати и зголемување на минималната плата, соопштуваат од оваа партија.
„Го разбираме револтот и незадоволството кај работниците и целосно ги поддржуваме нивните барања, за зголемување на минималната плата на 600 евра и за зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори.
Граѓаните, работниците живеат тешко, инфлацијата и покачените цени го јадат стандардот на работниците, сиромаштијата расте а платите стојат во место.
Владата на Мицкоски нема пари за зголемување на минималната плата, пари има само за тендери. 161 тендер за една фирма, 51 тендер преку општините за друга фирма, 9 милиони евра за тендери со двајца вработени, 1,2 милиони евра за тендери преку Пошта“.
За време на владеењето на СДСМ, додаваат од опозициската партија, парите завршуваа кај граѓаните, ја зголемивме минималната плата од 8.000 денари на над 20.000 денари а просечната плата од 22.000 денари на над 42.000 денари.
И како опозиција, напоменуваат, СДСМ стои зад работниците.
„СДСМ предлагаше Закон за покачување на минималната плата но власта го одби. Поднесовме законски решенија и амандмани во Собранието за покачување на платите во различни сектори, но власта и тоа го одби.
Обврска на владата е да обезбеди покачување на минималната плата наместо да увезува „економски работници“ а да извезува квалификувани кадри надвор од земјата“.
Македонија
МНР со реакција до Бугарија: Македонија останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности, Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации
Македонското Министерство за надворешни работи реагира на денешното соопштение објавено на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија.
„Изразуваме жалење што оваа институција сѐ почесто се позиционира како рецензент на изјави на македонски политички претставници, наместо како партнер во суштински и европски ориентиран дијалог. Воедно, јасно нагласуваме дека ниту имаме намера, ниту потреба да бидеме дел од внатрешнополитичките или изборните процеси во Република Бугарија – ниту преку коментари, интерпретации, ниту преку вклучување во дневнополитички наративи“, се истакнува во соопштението од МНР.
Од таму со повик до бугарските институции да се водат од, како што е наведено, принципите на добрососедство, взаемна почит, предвидливост и институционална комуникација – принципи кои воедно претставуваат темелни европски вредности и стандарди.
„Затоа што Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации.
Република Северна Македонија и понатаму останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности“.
Македонија
Поради протест блокирани повеќе гранични премини за влез и излез од државата
Поради протест на возачите на камиони блокирани се повеќе гранични премини за влез и излез од државата, соопштуваат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

