Македонија
Маглата ја намалува видливоста на неколку патни правци

Сообраќајот на патиштата низ Македонија се одвива без забрани и застои, по наместа влажни коловози. Појава на магла со видливост од 50-100м. има на патните правци Тетово-Скопје, Скопје- Велес, Неготино-Д.Капија, Берово-Делчево и во Сарамзалино.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.
АМСМ препорачува исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и планирање на патувањето според временските услови.
Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Гостивар – крак Маврово – Стража, Демир Капија – Удово и Виница – Берово, каде е можна почеста појава на одрони. крај/амсм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МВР: Големиот број на полициски службеници во Кочани е заради службени активности а не заради попречување на протести

Министерството за внатрешни работи со известување до граѓаните дека овие денови има зголемено присуство на полициски службеници на територија на цела држава, особено во градот Кочани и околу општинската зграда.
Зголемениот број на полициски службеници е поради извршување на службени активности и обезбедување на документација од општината, а не заради попречување на граѓаните во нивното загарантирано со Устав право на собирање и одржување на протест, велат од МВР.
Апелираат до граѓаните сите собирања и протести да се одржат во мирна атмосфера.
Македонија
Заводот за трансфузија во Блеград: Има доволно крв за повредените во пожарот во Кочани

Како што истакнуваат од српскиот завод за трансфузија на крв во Белград, резервите на крв во моментов се стабилни и доколку има потреба од трансфузија на пациентите кои беа повредени во пожарот во дискотеката во Кочани, а кои беа пренесени во Белград и моментално се во Ургентниот центар на КЦС, ќе бидат згрижени.
„Кога станува збор за повредените во пожарот во Кочани, што се однесува до крвта, тие се згрижени. Би сакала да забележам дека за такви повреди, крвта не е од суштинско значење за лекување. Се разбира, никогаш не се знае како ќе се одвива текот на лекувањето и важно е да се напомене дека резервите на крв во овој момент се стабилни“, изјави Мирјана Кнежевиќ од институтот за трансфузија на крв.
Како што наведе таа, Заводот за трансфузија на крв во моментов има резерви од четири дена, што е добра состојба, но дарувањето крв не треба да престане бидејќи секојдневно се потребни крводарителите.
„Вчера во просторијата на Заводот за трансфузија на крв имаше уште неколку доброволни крводарители, но бидејќи тоа не е пресудно за повредените пациенти од Кочани, нема потреба од паника, бидејќи доколку има потреба ќе бидат згрижени во однос на трансфузијата и воопшто не смееме да се опуштиме бидејќи мора да бидеме свесно и одговорно општество и секогаш да имаме стабилни резерви“, нагласи Кнежевиќ.
Македонија
Симнати од респиратор петтемина пациенти испратени на лекување во Анкара, Турција

Петтемина пациенти повредени во пожарот во Кочани кои беа испратени на лекување во Анкара, Турција, од денес дишат самостојно. Заменик – министерот за здравство Јовица Андоновски доби информација за нивната состојба додека траеше утринската прес-конференција на која лекарите известуваа за состојбата на пациентите сметени во нашите клиники.
„Само што добив информација од Анкара, таму имаме шестмина пациенти, петмина беа интубирани, сега сите се екстубирани, состојбата им се подобрува“, рече заменик – министерот Андоновски.
Министерот за здравство Арбен Таравари вчераутро извести дека меѓу испратените пациенти на лекување во странство се шестемина во Анкара, Турција. Покрај овие шестмина, на лекување во Истанбул, Турција се уште тројца повредени во пожарот во Кочани.
До утрово на лекување во странство Министерството за здравство испрати 76 пациенти, а засега дома се лекуваат 89 повредени.