Македонија
Бесими: „Скорпионите“ и „Леопардите“ се беспрекорни војници и господари на својата професија
Запознавање со процесот на подготовки на декларираните единици за учество во меѓународни мисии, како и разговори и отворен дијалог за сите проблеми и потешкотии на кои наидуваат војниците во извршувањето на секојдневните задачи, во рамките на проектот „Стандард“.
Тоа се главните цели на петочната посета на министеротза одбрана Фатмир Бесими, на припадниците на првата механизирана пешадиска бригада во касарната „Јане Сандански“ во Штип.
„Колку и да вложуваме средства во модерна опрема и вооружување, доколку поединецот, војникот, старешината е незадоволен од која и да е причина, тоа може да влијае на процесот. Јас како министер за одбрана сум на ваша страна, јас сум овде за вас, да ги решавам вашите потешкотии во работењето“, им порача министерот Бесими на присутните.
Како приоритети на кои ќе се стави фокусот во идниот период, министерот Бесими ги посочи ажурирањето и спроведувањето на Стратегијата за човечки ресурси, спроведувањето на програмите за еднакви можности и правична и соодветна етничка застапеност, развивањето на Програмата за професионален развој на лидери и менаџери, континуитетот во спроведувањето на програмата „Лепеза“, како и донесувањето на Концептот за психолошка поддршка на воениот и на цивилниот персонал при упатување во мировни операции и поддршка на семејствата на персоналот кој е распореден во меѓународни мисии.
Воедно, во контекст на Денот на единицата, 17-ти септември, министерот Бесими им честиташе и им се заблагодари на присутните за нивните напори за развој, обученост и професионализам кои се евидентни, воочени и потврдени преку големиот број признанија од цивилните и воените авиторитети во секоја мировна мисија во која биле ангажирани припадниците на 1. мпбр.
Развојот и унапредувањето на армијата, посочи министерот, се врши на три нивоа, три столбови кои воедно преставуваат насоки по кои ќе се движи динамичниот план за трансформација на Армијата и на одбраната. Имено, станува збор за меѓународното делување во однос на членството во НАТО алијансата, преку спроведување на сите реформи, придонесот во етаблирањето на глобалниот мир и визибилноста на државата во меѓународните институции, потоа на национално ниво со зајакнување на меѓусебната етничка и меѓурелигиозна доверба, како и на ниво на Армијата на Република Македонија со контуниутетот во креирањето на модерна и високо професионална армија, подобрувањето на стандардот на припадниците на АРМ и процесот на доближување на Армијата до граѓаните.
Целта, како што кажа министерот, е престижна професионална и модерна армија и војници со достоинствен стандард како заедничка обврска, посочувајќи дека задачата од која нема да отстапи е, пред сè, професионалниот војник. /крај/мф/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Касами: Собранието го разреши раководството на партијата, важен чекор кон спојување на ВЛЕН во еден субјект
Централното собрание на Движењето Беса со мнозинство гласови ја одобри одлуката за распуштање на Централното претседателство на Движењето Беса, во продолжение на процесот започнат за спојување на ВЛЕН во еден субјект, објави на социјалните мрежи лидерот на движењето Беса, Билал Касами.
„Собранието на Движењето оцени дека треба да се отвори патот за структурирање на ВЛЕН и ја донесе оваа одлука врз основа на мораториумот за партиски активности од страна на субјектите што го сочинуваат ВЛЕН.
Во оваа прилика, Собранието ме овласти мене како претседател да продолжам со разговорите за иднината на ВЛЕН, давајќи поддршка на спојувањето во еден субјект, со решение што го почитува принципот на правда и го слуша гласот и волјата на гласачите на ВЛЕН и сите Албанци“, соопшти Касами.
На состанокот на Собранието, како што вели, била дискутирана и работата на функционерите на Движењето Беса во Владата.
„Членовите на собранието ја поддржаа мојата изјава дека Беса има капацитет за многу повеќе работа отколку што е сработено досега.
Анализата на работата на функсионерите ќе продолжи во наредните денови, додека наодите ќе бидат одразени во идната реконструкција на Владата.
Движењето Беса верува дека позициите во Владата се средство за наша најдобра и најефикасна служба на сите граѓани, а особено на Албанците, и сите идни одлуки ќе бидат засновани на овој принцип“, додава Касами.
Македонија
Од утре Мицкоски во Минхен на безбедносната конференција: во фокусот, геополитичката стабилност и улогата на Македонија како столб на стабилност во Западен Балкан
Oд утре (петок) премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ќе биде во неколкудневна посета на Сојузна Република Германија, каде ќе присуствува на 62-та Минхенска безбедносна конференција.
Во рамки на конференцијата, Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со европски лидери, високи претставници како и челни луѓе на меѓународните безбедносни организации.
Во фокусот на разговорите ќе бидат геополитичката стабилност на регионот, нагласувајќи ја улогата на Македонија како столб на стабилноста во Западен Балкан и активен придонесувач во НАТО алијансата.
Исто така премиерот Мицкоски на средбите и состаноците ќе ја реафирмира позицијата на државата за неопходноста од предвидлив и фер пат кон полноправно членство во ЕУ, без наметнати билатерални пречки.
На маргините на конференцијата, предвидени се средби со високи претставници на Европската Унија како и со шефови на влади и држави.
Македонија
Филипче да каже зошто со Заев дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и кој и колку профитирал, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Филипче жестоко се обидува да го одбрани својот ментор Заев и поврзаноста на луѓето блиски до СДС во последниот скандал со запленетата марихуана, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче и кланот Заеви, Македонија ја претворија во Балкански „нарко-центар“, каде наместо медицинска се произведувала марихуана за црниот пазар. Запленетите 40 тони марихуана, директно водат до фирми блиски до Заев и Филипче.
Венко Филипче е без кредибилитет. Нема афера и скандал, а тој и Заев да не се вплеткани. Филипче и Заев се синоним за криминал, корупција, импровизации, нетранспарентни одлуки и контроверзи. Филипче е човекот кој го уништи здравствениот систем во државата“.
Македонија во време на владеењето на СДС, додаваат од владејачката партија, Зоран Заев и Венко Филипче, наместо строго контролирано производство на канабис за медицински цели, беше претворена во балкански нарко центар за шверц на марихуана на црниот пазар.
Според нив, факт е дека темелите на бизнисот за марихуана ги постави владата на Зоран Заев во 2020 година, додека Филипче беше министер за здравство.
„Владата на СДС делела лиценци на фирми поврзани со Зоран и Вице Заев, а резултат на тоа, денес се тони дрога и сериозни безбедносни последици за државата.
Факт е и дека околу 70 проценти од запленетата дрога деновиве е на фирма во сопственост на луѓе на Заев.
Медицинската марухуана била параван за организиран криминал во огромни размери“.
Прашуваат, зошто Заев лично се интересирал за случајот со петте тони марихуана запленети во Србија?
„Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале?
Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Одговорност мора да има“.

