Македонија
Локален дожд, грмежи и силен ветер во четврток

Времето во Македонија во четврток ќе биде променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи.
Попладне и во вечерните часови ќе дува засилен, на места силен северозападен ветер (над 70км/час) кој ќе придонесе за опаѓање на температурата.
Температурата ќе се движи од 13 до 26 степени.
Во Скопје температура до 21 степен. /крај/ухмр/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Онака сложно како што ги зачуваа патните трошоци, пратениците да изгласаат дополнително покачување на минималната плата од 6.000 денари, побара Трендафилов

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), денес, до Владата, до Собранието и до работодавците достави предлог во кој бара дополнително зголемување на платите работниците за 6.000 денари покрај редовното законско зголемување на минималната плата, кое треба да се случи месецов, а ќе влијае на зголемување на сите други плати. За да може работодавците во приватниот сектор да ги зголемат платите на работниците, ССМ бара државата да се откаже или да ги субвенционира придонесите за задолжително социјално осигурување, кои треба да се плаќаат на дополнителните 6.000 денари во период до 12 месеци. Доколку Владата не го прифати овој предлог, Слободан Трендафилов, претседател на ССМ, ги повика пратениците да го изгласаат оти е доставен и до нив.
„Она што го предлагаме денеска е пратениците, онака сложно како што беа сложни да ги зачуваат трошоците за превоз, да гласаат и за предлогот на Сојузот на синдикатите на Македонија за дополнително зголемување на минималната плата за 6.000 денари, што ќе значи и дополнително зголемување на сите други плати на работниците во Македонија“, рече Трендафилов.
Тоа што државата би се откажала од придонесите за задолжително социјално осигурување за дополнителните 6.000 денари, Трендафилов вели дека нема да го осиромаши буџетот оти е веќе предвидено законското покачување на минималната плата.
„Државата има планирано придонеси на нивно на системското покачување, она што бараме е Владата на непредвидените приходи од задолжителното социјално осигурување да се откаже во период од 12 месеци или да ги субвенционира за работодавците во приватниот сектор да може да ги зголемат платите на сите работници за најмалку стотина евра“, рече претседателот Трендафилов и нагласи дека парите од покачувањето што би го добиле работниците нема да завршат во банка, туку за основни прехранбени производи за кои данокот е од 5 до 18 проценти, пари што повторно ќе завршат во буџетот.
Со договорите за вработување или анексите за покачување на личниот доход од 6.000 денари во приватниот сектор платите ќе останат на истото ниво и по истекот на тие 12 месеци во кои се бара субвенција од државата или откажување од државата за задолжителните придонеси. Трендафилов вели дека значи речиси 40 отсто повторно ќе одат назад во буџетот како придонеси од задолжителното социјално осигурување, што ќе помогне работниците да затворат мал дел од дупката на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за редовното финансирање на исплатата на пензиите.
Трендафилов очекува до 15 март да бидат повикани на разговори за дополнителното покачување од 6.000 денари. Доколку тоа не се случи, не е исклучена можноста за штрајк.
„Упатувам порака до Владата и до работодавците еднострано да не одлучуваат за ваквиот предлог, особено поради фактот што и ние како претставници на работниците исто така еднострано можеме да одлучиме да го искористиме правото на штрајк“, вели Трендафилов.
ССМ потсети дека итно мора да се формира и комисија за утврдување репрезентативност, без која не може да се објави износот на минималната плата, која законски е предвидено да се покачи овој месец. Комисијата за репрезентативност е нефункционална оти се повлечени тројцата претставниц од Владата. Без нив комисијата не може да утврди репрезентативен претставник на работниците за преговори во Економско-социјалниот совет, каде што се преговара за зголемување на минималната плата, која значи зголемување и на сите други плати.
Македонија
Герасимовски со младите на Центар, во кампања за совесно возење и промоција на субвенции за возачки дозволи

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, заедно со младите и Првиот скопски извиднички одред, денеска на една од најфреквентните сообраќајници во Центар , улицата Партизанска, ја реализираше акцијата „Совесен возач“, за подигнување на свеста за совесно и одговорно возење, како и за информирање на граѓаните за можноста за аплицирање за субвенции за полагање на возачки испит.
На возачите кои застануваа на семафорите им беа давани флаери и промотивен материјал со пораки за безбедно возење и со информации за јавниот повик за субвенции што е во тек.
„Ги повикувам младите да аплицираат на повикот што го распиша Општина Центар за субвенции за полагање на возачки испит. Возењето автомобил без возачка дозвола е ризик за сите учесници во сообраќајот. Затоа, како општина, со субвенција од 10.000 денари ги поттикнуваме младите да се пријават, да поминат стручна обука и на законски начин да се вклучат во сообраќајот. Безбедноста на улиците е наш приоритет!“, порача Герасимовски.
Право на субвенција имаат сите млади кои во текот на 2025 година ќе наполнат 18 години, односно се родени во 2007 година и се жители на Општина Центар најмалку една година. Субвенцијата од 10.000 денари може да се искористи исклучиво за полагање возачки испит во автошколи регистрирани на територијата на Општина Центар, информираат од општината.
Македонија
(Видео) Неморал и аздисаност, СДСМ објави сметки од гозбите на Кочоска и Мицкоски

Неморалот на Кочоска не е само во навредите и дискриминациите кон жените туку и во аздисаното трошење на народни пари, истакна Мартин Костовски, организациски секретар на СДСМ.
„Денеска ќе објавиме сметки и фактури од времето кога Кочоска била директор за финансии во ЕЛЕМ а Мицкоски директор на истата државна компанија. Јавноста ќе види како со народни пари се плаќале гозби по кафани и ресторани, со потписи на Кочоска и Мицкоски.
Ова е фискална сметка од ресторан во Белград, соседна Србија, вредна околу 100 евра, потпишана од Кочоска и Мицкоски. Што се јадело и пиело на сметка на народот: Џони вокер – блек, Дуњовача, поховани јагнешки шницли, купус салата, ќебапи, крвав бифтек, чоколадно суфле, крем пита, „И као да си Анџео“. Потпишани Кочоска и Мицкоски. Кафана во Белград.
Ова е фактура за кетеринг услуги, 110 илјади денари во еден ресторан во Скопје. Исто така потпишано од Кочовска и Мицкоски. Уште една фактура, 38.000 денари, од еден ресторан во Брвеница. Потпис, Кочоска и Мицкоски. Една минимална плата, едно седнување, 21.270 денари во истиот ресотран“, предочи Костовски.
Како што вели, истата Кочоска која заедно со Мицкоски не даваат да се покачи минималната плата, им кажуваат на граѓаните и работниците каков грашок да јадат, дали треба цреши и грозје да си купат.
„Гозби, ручеци, кетернзи. Како да не знаеле да сопрат од кафани и ресторани. Ова е расипничко трошење на парите на граѓаните и аздисано однесување“.
Лажните “домаќини“ и моралисти, како што ги нарекува, ги фрлале парите на народот за по кафеани и ресторани.
„Не им било гајле ниту колку пари ќе потрошат. Ако како први луѓе на ЕЛЕМ вака аздисувале, можеме само да претпоставиме што се случува сега. Кочоска нема морал ниту совест. Кочоска не може да им кажува на работниците дека нема пари за миниминална плата, што може а што не може да јадат“.
Единствено што не може, е Кочовска да води министерството и треба да биде разрешена, нагласува Костовски.