Македонија
МО: Секој да даде придонес за реформите за членство во НАТО
Апелираме секој да работи на своите работни задачи во рамките на законските прописи со цел да се даде придонес кон успешна реализација на реформската Агенда за членство во НАТО, повикаа од Министерството за одбрана во изјавата за реафирмација на значењето на Белата книга на одбраната.
„Белата книга на одбраната е документ кој е во надлежност на Министерството за одбрана на Република Македонија и ги претставува веќе донесените политики во одбраната. Нејзиното промовирање беше во функција на поголема транспарентност и отчетност на Министерството за одбрана пред своите граѓани, земји партнери и НАТО. Во изработката на Белата книга на одбрана партиципираа офицери одредени од Генералштабот на АРМ и тие учествуваа во изработката и беа запознаени со целиот тек на подготовка и публикување на Белата книга. Воедно за прв пат беше организирана јавна расправа по текстот на Белата Книга на одбрана во која учествуваа бројни професори и експерти од областа на одбрана и безбедноста во земјата и претставници на други надлежни државни институции“, велат од министерството.
„Министерството за одбрана на Република Македонија е целосно посветено и секојдневно ангажирано на Агендата за реформи за евроатлански интеграции во чија функција е и промоцијата и издавањето на новата Бела книга на одбраната на Република Македонија и никој не може да го дефокусира од примарната задача“, велат од Министерството за одбрана.
На промоцијата, одржана во понеделник не присуствуваше Началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Горанчо Котески. Во средата тој објасни дека не се согласува што била објавена тријазична верзија на документот. Според него, стратешкиот документ требало да биде објавен на македонски јазик, а потоа да се преведува на јазиците за кои има потреба. /крај/мф/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Карпош и Кисела Вода денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради отстранување дефект на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Нобелова крстосница со ул. Хелсинки, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците: Нобелова, Виенска, дел од ул. Хелсинки и дел од ул. Лондонска. (Општина Карпош)
· поради изведување приклучок на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Жил Верн бр. 10, од 10:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од ул. Жил Верн и ул. Есенинова. (Општина Кисела Вода)
Македонија
Делови од неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од с. Ќојлија. (Општина Петровец)
· од 08:30 до 09:30 часот, корисниците од селата: Драчевица и Цветово. (Општина Студеничани)
· од 08:55 до 09:55 часот, корисниците од селата: Горно Соње, Долно Соње , Чифлик и Света Петка. (Општина Сопиште)
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Веле Марков. (Општина Ѓорче Петров)
· од 12:30 до 14:30 часот, корисниците од дел од улиците: Димо Хаџидимов и Христо Татарчев. (Општина Кисела Вода)
Македонија
Претпладне сончево со умерена облачност, попладне зголемување на облачноста
Претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне и кон крајот на денот облачноста ќе се зголеми и ќе има услови за слаб локален снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 0, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, претпладне сончево, попладне ќе има зголемување на облачноста. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на студена воздушна маса во среда ќе дува засилен до силен северен ветер што ќе услови и дневната температура на повеќе места да остане под нула. Во четврток ќе дува умерен до засилен северен ветер, а во петок ветерот ќе го смени правецот во јужен и ќе има услови за слаб дожд и снег на планините. За време на викендот ќе биде претежно сончево со пораст на температурата.

