Македонија
Дојче Веле: Нема ад-хок враќање на визите
Барањата на ЦДУ-ЦСУ за враќање на визите, од германската опозиција и експертите се толкуваат како популизам кој загрижува. Оценка е: иницијативата е против достигнувањата во ЕУ и не се решава ад-хок, туку со долга процедура!, јавува Дојче Веле на македонски јазик.
„Јас сум строго против барањата на министрите за внатрешни работи. Зголемен е бројот на Роми и Синти од Македонија и Србија кои тука доаѓаат, но во најголем број барањата за азил се одбиваат. Поради ова и малите внатрешни проблеми што ги имаме во никој случај не смее да им се одземе слободниот визен режим на граѓаните на Македонија и Србија“, категорична е Мариелуизе Бек, пратеник во Бундестагот од Сојузот 90-Зелени, која активно цел политички век се занимава со случувањата на Балканот.
„Барањата во голема мерка се популистички! Но, загрижува што иницијаторите можат бараното и да го постигнат. Долго работевме врз либерализација на визите и затоа постигнатото не смее да се прокоцка“, смета и Михаел Хартман, пратеник на СПД. Според него бројките и не се толку драматични како што некои ги претставуваат, а проблемот нема да се реши со повторно воведување на визите.
И Мареи Пелце од ПроАзил барањето за повторното воведување визи го смета за чист популизам. Според неа, договорите се такви што генерално визната слобода може да се укине, но дипломатски тоа би било сосема погрешно, зашто станува збор за кандидати за членство во ЕУ.
Др. Оливер Шварц, експерт за европската надворешна политика од Универзитетот Дуизбург-Есен потсети дека „зимскиот бран баратели на азил“ од Балканот не е нова појава и дека политичарите со него се занимаваат особено во предизборен период. За Дојче Веле тој објаснува колку е реална заканата од повторниот визен режим?
„Овојпат станува збор за заедничка иницијатива на Белгија, Холандија, Луксембург, Франција, Австрија и Германија. Овие шест држави самите фактички не можат да го сменат она што правно е договорено во Европската унија. Потреба е регуларна постапка која бара изјаснување на сите парламенти и согласност од 27-те држави. Министерскиот совет не може сам ад-хок да донесе таква одлука, што значи има долга процедура која најрано би можела да биде спроведена во една година“, смета д-р Шварц.
Мариелуизе Бек потсетувајќи на некогашното слободно движење низ светот на носителите на југословенски пасош, не го крие задоволството што со либерализацијата граѓаните од Балканот долгорочно ги гледа како дел од ЕУ, кои слободно можат да патуваат. Според неа, „неодговорно е што ова значајно достигнување на надворешната политика е доведено во опасност поради кусогледоста на внатрешната политика“.
Од Дојче Веле прашуваат: колку е сериозно активирањето на заштитната клаузула наредната седмица на средбата на министрите за внатрешни работи?
„Се надевам дека тоа нема да успее. Ако се погледнат бројките, ќе се види дека Германија како и досега има мал проблем, каков што имаат и многу други земји. Во Грција на пример барателите на азил се за 50 проценти побројни. Се надевам дека Европската Унија нема да го прифати барањето со кое повторно би се разнишала стабилноста на Балканот“, смета Бек.
„Слободниот визен режим е централен елемент на европските права и слободи, на стратегијата за проширување на Европската комисија“, дополнува д-р Шварц, кој е категоричен дека поради азилантите не смее да се стави под прашање постигнатото. Особено ако се има предвид забавениот процес на проширувањето, поради кое како стратегиски важен инструмент за доближување до луѓето, Комисијата ги даде и олеснувањата и безвизниот режим, кои од министрите за внатрешни работи целосно се превидени.
„Ако се повлече визната либерализација има опасност земјите кои имаа добиено позитивни оценки од Комисијата повторно да се вратат на старите патеки’, заклучува за Дојче Веле социјалдемократот Михаел Хартман. /крај/мф/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хуманост на дело, за само шест часа собрани 3,1 милиони денари за лекувањето на малата Ана
Кампањата за лекување на осумгодишната Ана Јованчева официјално е затворена, откако за само шест часа беа собрани 3,1 милиони денари, објави доктор Ненад Лазаров.
Станува збор за една од најбрзите и најмасовни хуманитарни акции во последниот период, со што целосно се обезбедени средствата потребни за хируршката интервенција и лекувањето во странство. Со ова, како што посочи Лазаров, семејството на Ана е барем финансиски растоварено во најтешкиот период од нивниот живот.
Ана има дијагностициран редок и исклучително агресивен тумор на синусите – Tu Foss pterygopalatina Sinus sphenodalis lat dex et orbitae lat dex, со зафатена орбита. Дијагнозата е потврдена во Хрватска, каде што се бара специјализиран хирург за изведување на сложената и деликатна операција.
Болеста е сериозна и со висок ризик, а времето беше клучен фактор, поради што кампањата беше означена како најитна досега. Масовниот одѕив на граѓаните за неколку часа покажа силна солидарност и сплотеност кога е во прашање животот на дете.
„Секоја среќа ти посакуваме, Ана. Цела држава стана за тебе“, порача Лазаров, додавајќи дека поддршката за девојчето и нејзините родители ќе продолжи и во наредниот период.
Македонија
Љубов или вино: што навистина славиме на 14 февруари?
Секој 14 февруари, истата ситуација – некои го препознаваат само Свети Трифун, додека други го сметаат Свети Валентин, или Денот на вљубените, за поинтересен. За други, единственото нешто што е важно е да се забавуваат на тој ден.
Најмногу профитираат трговците и угостителите, на кои не им требаше многу за да ја спојат романтиката со добро вино и да најдат начин да заработат добри пари на тој празник. Сепак, повеќето луѓе всушност знаат малку за светците кои ја предизвикале целата расправија, како и за тоа како дошло до тоа Денот на вљубените и Фестивалот на виното да „паѓаат“ на ист ден.На тој 14 февруари, има двајца светци – едниот кој има многу долга традиција и е почитуван со векови, а другиот, понов кој, преку медиумите, стана глобален феномен надвор од христијанските земји.
Може ли Свети Трифун да се заљуби, а Свети Валентин да се опие?
Прво, зборуваме за два сосема различни светци кои ги почитуваат и православната и католичката црква. Свети Трифун, како светец-заштитник на лозарите и винарите, не може да биде замена за Свети Валентин, ниту обратно. Католичката црква го слави Свети Трифун, но на 10 ноември. Од друга страна, православната црква на Свети Валентин се сеќава на 12 август. Сепак, никој тогаш дури и не помислува на Денот на вљубените, бидејќи Денот на вљубените на 14 февруари стана глобален феномен.Свети Трифун живеел во 3 век од н.е. во Мала Азија. Легендата вели дека имал чудотворен дар за лекување и дека успеал да ја излечи ќерката на римскиот император Гордиј „од зол дух“. Тој ги делел богатите кралски подароци на сиромашните и живеел како скромен чувар на гуски до крајот на својот живот. За време на големиот прогон, тој одбил да се откаже од Христос, поради што бил убиен во 250 година од н.е. на овој ден. Свети Валентин живеел некаде околу тоа време. Тој го посветил својот живот на тајно женење на војници, на кои им било забрането да основаат семејство, со нивните избрани жени. Поради оваа помош на заљубените парови, Валентин бил обезглавен во 269 година.
И што да се слави денес?
Благодарение на Холивуд и добриот маркетинг, Денот на вљубените стана глобален феномен, а подарувањето бомбони, срца и други посебни подароци на саканата личност на крајот се прошири и во Србија. Сепак, има и такви кои сè уште го „препознаваат“ само Свети Трифун како празник. На која било група да припаѓате, имаме совет за вас – Прегрнете некого што го сакате… Отворете шише добро вино… И уживајте во животот.
Македонија
Изменет сообраќаен режим поради Задушница
Поради верскиот празник Задушница денеска од 6:00 часот ќе биде воведен посебен режим на сообраќај во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Од Единицата за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје информираат дека сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока, односно кружно. Сите возила ќе се упатуваат по улица „Бутелска”, лево по улица „Александар Урдаревски”, лево по улица „Боца Иванова” и десно до влезот на гробиштата Бутел. За излез, возилата ќе се движат десно по улица „Боца Иванова”, до кружниот тек на улица „Бутелска”, па лево по улица „Бутелска” и десно по улица „Кемал Сејфула”.
Посебен режим на сообраќај ќе биде воведен и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

