Македонија
Извештајот на ЕК поттик за работа на Министерство за локална самоуправа
Во областа на децентрализацијата на власта, се забележани достигнувања, но и застој, во Извештајот на Европската комисија, потенцира Министерството за локална самоуправа.
„Во целина, се истакнува дека процесот на децентрализација продолжува. Како достигнувања се бележени во извештајот се: донесена нова Програма за спроведување на процесот на децентрализација и локална самоуправа за периодот 2011- 2014, и донесен соодветен Акциски план за нејзина реализација. Осумдесет и четири од вкупно 85 општини влегоа во втора фаза на фискална децентрализација’, со тоа се овозможува поголем и посуштествен трансфер на надлежностите и на финансиското управување на локално ниво. Данокот на додадена вредност (ДДВ) кој треба да им се префрли на општините е зголемен на 4,2%. Ова се проценува како мерка со која “се зајакнува финансискиот капацитет на општините и капацитетот во преземањето на нови одговорности“, посочуваат од МЛС.
Како предизвици и забелешки кои се ги констатирала Европска комисија, се финансиската независност на општините, како и неспроведување во целост на делот на Законот за регионален развој, кои остануваат главни предизвици на Македонија во иднина.
„Делот на Законот за регионален развој кој се однесува на финансиските алокации преку одговорните тела, не се спроведува во целост“, велат од МЛС.
Финансиската независност на општините останува предизвик.
Сепак, забележено е некакво зголемување во прибирањето на локалните даноци и такси, иако некои општини бележат потешкотии во прибирањето на данокот на сопственост.
Во извештајот се истакнува дека треба да се забрза напредокот во постигнувањето на целите на децентрализацијата, предводен особено од Министерството за локална самоуправа и од Министерството за финансии.
„Ограничени механизмите за адресирање на истакнатите диспаритети во пружањето на јавни услуги и руралните и малите општини се значително маргинализирани“, сметаат од министерството.
Во извештајот се препорачува Зајакнување на ефикасноста на општините одговорни за финансиско управување преку подобрување на управувањето со одговорностите, со обезбедување на соодветен број на вработени и кратење на административните процедури.’
Како препорака што произлегува од Извештајот на Европска комисија, е и тоа дека а треба да се зголеми напредокот на децентрализацијата во областа на локалната самоуправа, особено во делот на фискална децентрализација.
Министерството за локална самоуправа има забелешка на Извештајот на ЕК, во кој не се спомнува напредокот и успехот во областа на управувањето со градежното земјиште, кое има значајна улога во локалниот економски развој.
„Посакувам напредокот и успесите што ги постигнавме досега, кои се проценуваат на последниот извештај на Европската комисија, да биде поттик за да работиме сите за да се надминат забелешките кои ги забележи ЕК во нејзиниот извештај, бидејќи овие забелешки се добронамерни и одат во интерес на граѓаните, во интерес на општините и во целина во интерес на Република Македонија“, соопшти МЛС./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пешак тешко повреден во сообраќајна несреќа кај Брвеница
На 26 декември 2025 година околу 06:45 часот на регионалниот пат Тетово – село Брвеница, патничко возило „пежо“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од 20-годишниот Б.Н. од Тетово, удрило во 35-годишниот пешак Б.С. од село Брвеница.
Пешакот се здобил со тешки телесни повреди, кои му биле констатирани во Клиничка болница Тетово. За настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово, а увид на местото на несреќата извршила екипа од СВР Тетово.
Македонија
Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ ги објави заедничките усогласени барања
Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ ги објави заедничките усогласени барања, кои, како што велат оттаму, се направени во отворена координација со сите граѓани кои се вклучија во иницијативата. Барањата ќе бидат официјално доставени до сите надлежни институции за понатамошно постапување.
Барањата ги пренесуваме во целост:
1. Мерната станица кај Усје, поставена од Општина Кисела Вода во 2023 г., да започне со континуирано 24/7 мерење и јавно прикажување на податоците во реално време. Истата да биде интегрирана со сите јавни апликации за квалитет на воздухот (пр. AirCare), наместо досегашното парцијално објавување резултати преку ПДФ документи на веб-страницата на општината. Дополнително, да се постават повеќе мерни станици во поширокиот простор околу Усје, со цел јавноста транспарентно и во реално време да го следи нивото на загадување.
2.Усје да инсталира автоматски CEMS (Continuous Emissions Monitoring System), директно поврзан со МЖСПП, кој ќе обезбедува континуирано следење и автоматски аларм ако мерната станица поставена во oџаците на УСЈЕ покаже загадување над дозволеното. При секое прекршување, веднаш да се изрекува казна по принципот „Safe city“, како и времена забрана за работа. Податоците од CEMS мерењата да бидат јавно и транспарентно достапни 24/7 за сите граѓани.
3.Да се ревидираат постојните мерки за прогласување вонредна еко-состојба, така што при температурна инверзија и надминување на граничните вредности на загадување, автоматски да стапува на сила мерка за целосен стоп на работата на Усје, вклучително и рудниците. Истата мерка да важи за сите иматели на интегрирана А-дозвола.
4.Важечките гранични вредности за ПМ10, ПМ2.5, NO₂ и други загадувачи да се усогласат со препораките на СЗО (Светска здравствена организација), односно да се намалат и заострат во однос на сегашните стандарди.
5.Целосно елиминирање на употребата на високо-загадувачки горива во производниот процес на Усје и премин кон почисти енергенси, како природен гас или водород.
6.Акредитација на државната лабораторија за мерење на аерозагадувањето.
7.Запирање на активностите на рудникот за лапорец.
8.Најстрого и целосно почитување на сите мерки предвидени во интегрираната А-дозвола за спречување на фугитивната прашина.
9.Поништување на одредбата за „деловна тајна“ од Законот за контрола на индустриски емисии, со цел целосна транспарентност кон јавноста
Македонија
Таткото на загинатата Надица во „Пулс“: До последен здив ќе се борам за правда за моето дете
Александар Наунов, татко на Надица која го загуби животот во трагичниот настан во дискотеката „Пулс“ во Кочани, денеска се обрати пред јавноста, испраќајќи емотивна порака за загубата на својата ќерка и барањето одговорност за, како што рече, системските пропусти што довеле до трагедијата.
Наунов истакна дека маршот е посветен на „ангелите“ кои ги загубија животите, а неговото обраќање дојде еден ден пред 28 декември, датумот кога неговата ќерка Надица требаше да го прослави својот 18-ти роденден.

Тој се присети на последните моменти поминати со своето дете, кога семејството заедно ручало и зборувало за подготовките за роденденската прослава – музиката, гостите, фустанот и соништата што Надица ги имала за иднината.
„Тоа не беа само планови, тоа беше живот што го очекувавме. Но на 16 март сè згасна“, рече Наунов, додавајќи дека со загубата на ќерката, нивниот дом бил исполнет со тишина која, како што рече, боли повеќе од секој крик.
Во своето обраќање, таткото на Надица директно ја посочи корупцијата, немарот и институционалните пропусти како причини за трагедијата, нагласувајќи дека неговата ќерка „не заминала по Божја волја“, туку, како што рече, била „земена од систем што требало да штити, а не да убива“.
Наунов истакна дека од денот на трагедијата неговиот живот е борба за правда и дека нема да престане да зборува и да се бори додека одговорните не сносат последици.
„Сакам правдата да биде гласна, колку што беше тивка нивната совест“, порача тој, додавајќи дека единствената негова молба е да има сила да го дочека денот кога ќе може да каже дека правдата е задоволена – не само за неговото дете, туку и за сите деца кои ги загубија животите.
Маршот за правда продолжува како симбол на барањето одговорност и вистина за трагедијата во Кочани, а семејствата на загинатите најавуваат дека нема да се откажат од својата борба сè додека, како што велат, љубовта кон нивните деца не се претвори во праведна разрешница.

