Македонија
Двегодишно дете – нов случај на заразен од вирусот Западен Нил
Двегодишно дете е хоспитализирано на Клиниката за инфективни болести откако лабораториски е потврдено дека е инфицирано со вирусот на Западен Нил, информираат од Институтот за јавно здравје.
Заклучно со 14-ти октомври во Македонија се пријавени седум случаи на лабораториски потврдени инфекции со вирусот на Западен Нил, кои кај три лица завршија со смрт.
Заболувањата биле со различна манифестација на клиничката слика, при што кај четири од заболените лица е регистрирана тешка невроинвазивна форма на болеста, додека тројца од заболените немале мозочно засегање и болеста се манифестирала како Западно Нилска треска.
Само еден случај на инфекција е пријавен во октомври, останатите заболувања се регистрирани во текот на месец септември.
Најголем број од заболените (4) се од Скопје, а по еден случај на заболување е со место на живеење во Крушево, Битола и Куманово.
Двете починати лица се на возраст 53 и 83 години и имале други хронични заболувања во својата медицинска историја, а едното е 2,5 годишно дете.
Освен едно заболено лице кое има историја на повеќе еднодневни патувања во соседна Грција, останатите не дале податок за патување надвор од Македонија во критичниот период на заразување.
Сите пријавени случаи на инфекција со вирусот на Западен Нил се лабораториски докажани во вирусолошката лабораторија при ИЈЗ – Скопје.
Западно Нилската треска е заболување кое не подлежи на задолжително пријавување согласно законската регулатива во Македонија, но согласно одредбите на Меѓународниот Здравствен Правилник (International Health Regulation – ITH), за појавата на случај на заболување на Западно Нилска треска, поради сериозните последици по јавното здравје и можноста за меѓународно ширење на заболувањето, редовно се известува СЗО (World Health Organisation – WHO) како и Европскиот Центар за Контрола и Превенција на Болестите (European Centre for Disease Prevention and Control – ECDC).
Западно Нилската треска е присутна и во неколку земји во соседството меѓу кои Грција, Србија, Косово, како и на Балканот – Хрватска, Романија, Унгарија.
Во Европа, во 2012 година Западно Нилската треска е регистрирана уште и во Италија и Руската Федерација, а случаи на заболување пријавува и Израел, окупираната Палестинска територија, Тунис и САД.
Согласно последниот ажуриран извештај за состојбата со ова заболување на Европскиот Центар за Контрола и Превенција на Болестите од 11 октомври 2012, во земјите на ЕУ се регистрирани 223 случаи, а во останатите земји од нивното опкружување 516 веројатни и потврдени случаи на Западно Нилска треска (вкупно 739).
Според последните податоци на Центарот за контрола и превенција на болестите (Centers for Disease Control and Prevention – CDC Atlanta) од 09.10.2012, на територијата на САД регистрирани се 4.249 хумани случаи на заболување предизвикано од вирусот на Западен Нил, од кои 50% биле манифестирани како невроинвазивни форми на заболување (енцефалит, менингитис). Дури 70% од заболените се регистрирани во 8 сојузни држави на САД, а повеќе од една третина од заболените се пријавени случаи во државата Тексас.
Од Секторот за контрола и превенција на заразни болести при ИЈЗ велат дека редовно ја следат состојбата со ова заболување во Македонија и светот. /крај/мф/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Градоначалникот Ќура ангажирал фирма што ќе утврди зошто е загадена водата во Струга
Градоначалникот на Струга, Менди Ќура, најави дека на 16 февруари приватна институција од Скопје ќе ги утврдува причините за загадувањето на водата во градскиот водовод, која тој лично ја ангажирал.
Тој изјави дека Општината презема мерки за надминување на проблемот поради кој жителите веќе една недела не можат да ја користат водата, која од чешмите тече заматена и со темнокафеава боја, поради што е забранета за пиење и употреба.
Македонија
Јаневска: Јавната дебата за Законот за високо образование не е завршена
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека јавната дебата за Законот за високо образование сè уште не е завршена и дека Министерството очекува официјални забелешки од универзитетите.
Одговарајќи на новинарско прашање на традиционалната прослава по повод празникот Свети Трифун на Опитното поле на Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Јаневска рече дека сѐ уште не е завршена јавната дебата и најави дека од следната недела, по договор со универзитетите, Министерството ќе оди во нивна посета на јавна расправа.
– Сè уште не е завршена јавната дебата, сè уште очекуваме забелешки. Ние добиваме на ЕНЕР, добиваме и преку мејлот, но очекуваме и универзитетите официјално, на било кој пат, да ги достават своите интегрирани забелешки, бидејќи делот не се повторува. Сè што сметаме дека е разумно ќе биде прифатено. Сè што сметаме дека можеби ќе претставува проблем ќе биде дискутирано. Тоа значи средба на Министерството за образование и наука со сите професори кои ќе сакаат да присуствуваат на јавната расправа, каде што ќе ги дискутираме спорните членови, и гледам дека во најголем број нема никакви забелешки. Спорни остануваат неколку членови за кои треба да се договориме и да дискутираме, рече Јаневска.
Вели Македонија веќе нема време за просечни и потпросечни резултати.
– Потенцирам, ние веќе немаме време да си играме со образование и наука. Немаме време за просечни и потпросечни резултати кои нè доведуваат во оваа ситуација. Мора да тргнеме напред. Министерството и законски и финансиски поддржува напредок, рече Јаневска.
На традиционалната прослава, претходно, Јаневска им го честиташе празникот на граѓаните, особено на земјоделците, лозарите и овоштарите, и изрази поддршка за Факултетот за земјоделски науки и храна.
– Ние, како Влада, ќе ги поддржуваме ваквите проекти и ваквата активност, бидејќи цениме дека немаме веќе време за просечни и потпросечни резултати, рече Јаневска.
Македонија
Работниците се двојно попродуктивни од она што го добиваат преку платите, велат од ССМ
Македонските работници создаваат повеќе од двојно поголема економска вредност од она што го добиваат како плата, покажуваат податоците на Меѓународната организација на трудот (ILO), кои денеска ги посочи Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Според индикаторот за бруто домашен производ по одработен час, продуктивноста во Македонија изнесува околу 34 американски долари по час, што е над светскиот просек од 23,27 долари. Пресметано на месечно ниво, со просечни 168 работни часови, еден работник создава 297.024 денари економска вредност.
Наспроти тоа, нето минималната плата во државата изнесува 24.379 денари, што значи дека работник кој зема минимална плата добива само 17 проценти од вредноста што ја создава.
Од ССМ оценуваат дека распределбата на создадената вредност е „непропорционална и неправедна“, при што најголемиот дел завршува во профит, инвестиции, амортизација, даноци и други капитални трошоци, а не кај работниците.
-Очигледно е дека обидите да се сопре растот на минималната плата не произлегуваат од продуктивноста на работниците, туку од тоа колку се богати газдите и функционерите на сметка на работничкиот труд, наведуваат од ССМ.
Според синдикатот, продуктивноста на македонските работници е повисока од онаа во дел од земјите во регионот, како Црна Гора, Србија, Босна и Албанија, а блиску до нивото на Бугарија. Сепак, минималната плата во Македонија останува значително пониска од повеќето соседни земји.
ССМ заклучува дека работниците се експлоатирани, а ваквата состојба, според нив, е поддржана од страна на работодавачите и институциите, нагласувајќи дека во државата постои економски простор за поголем раст на платите.

