Македонија
Облачно и врнежливо време
Времето во Македонија во четврток ќе биде облачно со врнежи од дожд.
На места врнежите ќе бидат пообилни , особено претпладне каде локално се очекува да наврнат над 30 л/м2.
Ќе дува умерен повремено засилен ветер претежно од јужен правец. /крај/ухмр/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Иницијативата „Кој е следен“ објави правила и препораки за однесување на протестниот марш денеска во Скопје
Денеска во 17 часот под паролата „Секој еден може да е следен“ ќе се одржи голем протестен марш во Скопје. Протестот ќе почне пред Универзалната сала, а потоа насобраните граѓани ќе се движат до Собранието, Основното јавно обвинителство, а ќе се завршат пред Кривичниот суд.
Иницијативата „Кој е следен“ објави правила и препораки за однесување на протестниот марш:
1. Почитувајте ги инструкциите на редарите;
2. Движете се постојано по рутата на маршот и во насоката по која маршираат присутните;
3. Забранети се партиски обележја – протестот е граѓанска иницијатива и не смее да се партизира;
4. Избегнувајте секакви провокации и не реагирајте на истите. Не се впуштајте во конфротација;
5. Забрането е носење на остри предмети, оружје, пиротехники и слични предмети;
6. Почитувајте го јавниот простор – одржувајте чистота и не оставајте отпад. Забрането е уништување на јавен и приватен имот.
„Ги повикуваме сите загрижени граѓани да излезат и да го изразат својот револт кон системот, кој одново потфрли. Колку несреќи треба да се случат за одговорните да ја сносат својата одговорност? Колку пати треба да се докаже дека улиците се небезбедни, пред да се интервенира во урбаната инфраструктура? До каде ќе оди преќутното одобрување и возвишување на девијантното однесување?
Заедно ќе бараме одговори на овие прашања на денешниот протестен марш. Почнувајќи пред Универзална сала, преку Собрание, Основното јавно обвинителство и завршувајќи пред Кривичниот суд, институциите мора да го слушнат гласот на народот. Освен до институциите, мора да се прати јасна и недвосмислена порака и кон секој од нашето општество, дека дивјачкото однесување МОРА да се осуди и да се направи сѐ, за во иднина да нема потреба од ваков протест“, пишува во објавата на иницијативата „Кој е следен?“.
„Оној што не успеал да го воспита сопствениот наследник да ги почитува законите, да разликува добро од зло и да живее чесно, не може да бара доверба да управува со државата. Напротив, ваквите лица не смеат да добијат јавна функција. Тие треба да одговараат за своето делување, но и за криминалните постапки на своите „помлади полнолетници“. Општеството не смее да биде заложник на луѓе без морални темели, а функциите во државата не смеат да бидат засолниште за оние кои не ги почитуваат законите, ниту во својот дом, ниту надвор од него. Ние за Фросина бараме правда, не само од убиецот, бараме да одговара и татко му Зоран Јованов и судијката Даниела Алексовска Стојановска, кои не излегоа јавно да изразат сочувство за семејството, туку кукавички се кријат и бришат профили. Правда за Фросина мора да има!“, порача Росица Кулакова.
22-годишната Фросина Кулакова пред четири дена беше прегазена од дваесет годишниот Васил Јованов, кој возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло, додека таа минувала на пешачки премин на Партизанска.
На 20-годишниот скопјанец осомничен за смртта на Фросина му беше определена мерка притвор од 30 дена, а за него и претходно имало кривични пријави за друга сообраќајна незгода и за недозволена употреба на дрога.
Стотици граѓани во петокот на мирен собир запалија свеќи и положија цвеќе пред фотографијата на Фросина, а потоа маршираа до скопскиот кривичен суд каде со извалкани раце од црвена боја извикуваа „Убијци!“.
Македонија
СДСМ: Судијката Алексоска Стојановска е од „тефтерчето“ на Јанкуловска
После трагедијата што се случи со прегазувањето на младата Фросина нацијата е во жалот а гневот на народот е огромен и реален. Наместо да преземат одговорност и да бараат решенија за проблемите, од ДПМНЕ етикетираат луѓе, лажат и манипулираат, велат од СДСМ.
„Срамно и недозволиво е ВМРО-ДПМНЕ да го злоупотребува овој трагичен настан, кога добро знаат дека и судијката и таткото на сторителот се блиски до нивната партија. Судијката Даниела Алексоска Стојановска е избрана токму од ВМРО-ДПМНЕ, во времето на нивниот режим, на 8 февруари 2012 година. Таа е дел од фамозното „тефтерче“ на Гордана Јанкулоска, симбол на партиските влијанија врз судството. Граѓаните добро знаат како се избираа судии тогаш и чии кадри се тие. Етикетирањето и лажните обвинувања се очајна стратегија која покажува дека Владата бега од решенија и јавната болка сака да ја сведе на политички пазар. СДСМ нема да дозволи манипулации со човечки трагедии. Ги повикуваме ВМРО-ДПМНЕ да престанат со некрофилски политики и да почнат да бараат решенија за вистинските проблеми – дивеењето по улиците и неспособноста на министерот Тошковски да воспостави ред и безбедност во државата“, стои во соопштението на СДСМ.
Македонија
(Видео) Георигиева-Трпевски: СДСМ бара оставка од Таравари за хаoсот во здравството
Здравствен систем е пред колапс и во тотален хаос: нема лекови на Онкологија, дечиња умираат на Клиниката за детски болести, има недостиг на кадар, повторно има листи на чекања, нема добри здравствени услуги, кажа денеска на прес-конференција, д-р Душанка Георигиева-Трпевски, членка на Извршниот одбор на СДСМ.
„Само минатата година, за шест месеци, регистрирани се 19 починати доенчиња и едно петгодишно девојче. Ова не се бројки – ова се изгубени животи! Деца умираат поради недостаток на здравствена грижа, поради неодговорноста на надлежните. Нема лекови на Клиниката за Онкологија, луѓе умираат поради неспособност на власта. Ова не е само здравствен проблем – туку хуманитарен, затоа што е директна закана по човечките животи. Животи кои зависат од лековите што државата мора да ги обезбеди, а денес ги нема! Сега дознаваме и дека лицата со хемофилија се во страв – тендерот за нивните лекови не е распишан навреме, и големи се шансите да остануваат без основната терапија која им значи живот!
Листи на чекања за преглед има повторно, пациенти се жалат дека ова станува голем проблем. И работата на Клиниката Козле е доведена во прашање. Се врши мобинг врз лекарите од директорка која по секоја цена ја штитат Таравари и ДПМНЕ, на директна штета на здравјето на децата“ вели Георигиева-Трпевски.
Таа истакна дека на чело на многу клиники се поставени директори без потребното искуство, што дополнително го влошува функционирањето на здравствениот систем.
„Има директори кои земаат пари за дежурства, а никогаш не се појавиле на клиника! Оваа катастрофална состојба во здравството не е случајна. Таа е резултат на неспособност и неодговорност на министерот Таравари и Министерството за здравство. Таравари веќе осум месеци раководи со здравствениот сектор, а неговата партија управува со овој ресор веќе две години. Политичкиот континуитет е факт, како што е факт и целосниот колапс на здравствениот систем. Ова не може и не смее да продолжи! Катастрофата во здравството ја плаќаат луѓето со своето здравје и живот. СДСМ бара итна оставка од министерот Арбен Таравари за хаосот во здравството! Бараме одговорност!“, заклучи Георигиева-Трпевски.