Македонија
За една година електронска продажба на автобуски карти
Електронска продажба на автобуски карти, бесплатен превоз на инвалидизирано лице со 90 отсто инвалидност, глоба за превозник без лиценца, автобуски постојки во Скопје да функционираат како попатни станици за меѓуградски превоз предвидуваат измените на законот за превоз во патниот сообраќај.
Владата на својата последна седница ги усвои измените и дополнувањата на Законот за превоз во патниот сообраќај, каде се предвидуваат некои нови одредби од една страна, а од друга страна се врши и дорегулирање и допрецизирање на некои од постојните одредби што ќе придонесе за полесна примена на истите, информираше во четвртокот министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
„Во измените од Законот се предвидува дека превозникот и автобуската станица се должни на инвалидизирано лице со телесна инвалидност од 90 отсто и негов придружник со потврда за членство и возен картон издаден од Сојузот за инвалидизирани лица, да им издадат билет за патување во двата правци без надомест и во возната книшка да евидентираат дека слепото лице и инвалидизираното лице го искористиле превозот“, рече Јанакиески.
На слепото лице со оштетување на видот над 90 отсто и неговиот придружник и на инвалидизираното лице и неговиот придружник во текот на една календарска година може да им се издадат билети за максимум шест повратни билети за патување во внатрешниот превоз на патници, на трошок на превозникот, а досега во Законот беше предвидено оваа одредба да важи само за инвалидизирани лица со телесна инвалидност од 100 отсто.
За вршење превоз без лиценца за превозникот или без извод од лиценца за возилото, се предвидува глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност за лицето кое го управувало возилото и се предвидува возилото што било користено за превоз со кое е сторен прекршокот трајно да се одзема во сопственост на Македонија со асистенција на униформиран полициски службеник во моментот на сторувањето на прекршокот.
„Во измените на Законот се предвидува можност автобуските станици да може да продаваат возни билети преку електронски систем со електронско плаќање на билетите. Туристичките агенции во рамките на својата дејност за своите клиенти може да купуваат возни билети преку електронскиот систем на автобуските станици. Автобуските станици треба да го прилагодат своето работење согласно наведената одредба во рок од една година од влегување во сила на измените на законот“, рече Јанакиески.
Предлог-законот предвидува и мерки кои се однесуваат и на подобрување на контролата во јавниот градски превоз.
„Предвидена е новина дека патникот мора да го даде билетот за патување на увид на барање од освен на инспекторот за патен сообраќај и на контролорите од превозникот што го одржува превозот. Контролорите контролираат дали патниците поседуваат билети за јавен превоз во градот Скопје. Доколку контролорите утврдат дека патникот нема билет за јавен превоз, ќе поднесат предлог за поведување прекршочна постапка до надлежниот инспекциски орган“, вели Јанакиески.
Со дополнувањето на Законот се предвидува дека со одлука или решение од Град Скопје, некои автобуски стојалишта во градот да се определуваат како попатни станици за вршење на меѓуопштински превоз на патници.
„Новина во Законот е тоа што се предвидува вршење на општински линиски превоз на патници со тролејбус, трамвај или други видови шински возила и истиот да може да биде предмет на концесија или јавно приватно партнерство под услови предвидени со прописот со кој се уредува постапката за доделување на концесија или јавно приватно партнество и услови утврдени од Советот на општината односно Советот на Градот Скопје“, рече Јанакиески./крај/бб/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

