Македонија
Голем одрон го блокира патот Маврово – Дебар
Забрана за движење на тешки товарни возила е воведена на патниот правец Маврово-Дебар поради голем одрон, соопшти АМСМ.
Патничките возила се пропуштаат наизменично по една коловозна лента. Се очекува одронот да се расчисти во наредните неколку часови и сообраќајот повторно да се нормализира.
Од АМСМ препорачуваат повнимателно управување со возилата и на магистралниот пат М-1 делница Катланово – Велес, каде се одвиваат работи за реконструкција на патот за што има поставено соодветна сообраќајна сигнализација.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од Македонија. /крај/амсм/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски со катарскиот амбасадор: Можно воспоставување авиолинија Скопје–Доха и продлабочување на економската соработка
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска оствари работна средба со Рашид Бин Саед Ал-Кајари вршител на должност амбасадор на Катар.
Билатералната соработка е на добро ниво, потенцираа двајцата соговорници и ја истакнаа можноста за зајакнување на економските и трговски односи меѓу двете земји.
На средбата вицепремиерот Николоски истакана дека Владата има амбициозна програма во делот на инфраструктурата, исто така во туризмот и авиосообраќајот. Во таа насока, Македонија води одлични политики во делот на ависообраќајот и ја потенцира можност за воспоставување на авиолинија меѓу Македонија и Катар (Скопје и Доха).
Исто така на средбата се разговараше и за зголемување на соработката во транспортниот сектор, туризмот и инвестициите. Притоа вицепремиерот Николоски истакна дека Македонија е во фаза на реализација на крупни капитални проекти и повика на сите заинтересирани компании од Катар да се пријават на меѓународните јавни повици.
„Соработката меѓу Македонија и Катар е многу важна за развој на економијата, туризмот и секако за поврзување на граѓаните од двете земји. За нас е посебно значајно да се воспостави директна линија меѓу двете земји, пред се поради одржување на бизнис релациите. Имаме добра соработка со Катар, но сметаме дека постои голема можност оваа соработка да се зголеми преку размена на искуства, нови инвестиции итн.“ – истакна по средбата вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Македонија
СДСМ: Во процес се консултации и обновување за создавање силен и одговорен тим
Додека државата тоне во скандали, додека заради корупција се губат стотици милиони евра од ЕУ, а граѓаните имаат се помалку пари, ВМРО-ДПМНЕ измислува приказни за СДСМ, за да го одвлече вниманието од сопствените проблеми. Ваква е реакцијата на СДСМ, откако претходно денес Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ праша дали е точна информацијата дека никој не сака да му се нафати на Филипче да му биде во раководството.
„Очигледно е дека кога во Владата владеат криминал и неспособност единственото што им останува е да зборуваат за Венко Филипче и за СДСМ. Ова се очајнички обиди на ВМРО-ДПМНЕ да го сокријат фактот дека за една година власт, не реализираа ништо што им го ветија на граѓаните. Државата пука по сите шавови, инфлацијата расте, економијата тоне, инвеститорите си заминуваат. Последниот скандал со суспензија на средствата од ИПАРД програмата е уште еден доказ за вистинската слика од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, држава заробена од партиски и лични интереси, корупција и неспособни кадри“, се вели во реакцијата.
Им порачуваат да си ја гледаат својата Влада која, како што велат, се распаѓа пред очи на јавноста.
„Уплашени се од секојдневните скандали кои допрва ќе излегуваат во јавноста. Ваквите спинови во паника се јасен индикатор колку не им оди работата. СДСМ е единствена политичка сила која секој ден ја разобличува криминалната власт“, додаваат.
Партијата нагласува и дека во нејзините редови се спроведува сериозен процес на консултации и обновување, насочен кон создавање силен и одговорен тим кој ќе ја води партијата во новата фаза.
Македонија
Нова генерација питомци и офицери положија заклетва на Воената академија
Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, министерот Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски денеска (10 ноември) на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ се обратија пред новата класа од 31 питомец и 28 слушатели на курсот за офицери кои дадоа свечена заклетва, со што и официјално го започнаа своето воено образование.
Претседателката Сиљановска – Давкова порача дека питомците стапуваат во Армијата кога се најпотребни, во време-невреме на растечки непријателства и тензии, разгорени воени конфликти, длабоки геополитички бранувања и промени.
„Како идни офицери на македонската, но и на НАТО-армијата, од вас се очекува да почитувате и да практикувате највисоки професионални и морални стандарди во справувањето со сите видови закани: традиционални, но и асиметрични и хибридни, во различен простор: физички и сајбер. Но, не смеете да ги занемарите или да ги заборавите етичките и моралните вредности, ако сакате да останете луѓе и да бидете личности“, рече таа.
Министерот Мисајловски на новите питомци и слушатели за офицери им рече дека униформата која ја носат претставува одговорност, укажувајќи дека во армиското семејство „интегритетот и лојалноста кон татковината се вредности кои се пренесуваат од генерација на генерација, вредности кои се силни и инспиративни.“
„Ве очекуваат предизвици кои ќе ја стават на тест вашата физичка подготвеност, но и психичка издржливост. Ќе научите како да ги совладате вештините на воената професија, ќе научите кога треба брзо да реагирате, да бидете одлучни, но истовремено и трпеливи“, рече тој. Додаде дека процесот на воената едукација ќе ги научи дека вистинската сила и умешност не е само во знаењето и вештините кои ќе ги стекнат, туку и во посебноста на нивните карактери, во истрајноста и во вербата дека служат на нешто многу поголемо од себе.
Министерот истакна дека Академијата е симбол на извонредност, како воена установа „која повеќе од 30 години создава лидери кои со знаење и патриотизам ја носат одговорноста за безбедноста и стабилноста на нашата држава.“
Деканот на Академијата, полковникот Ненад Танески истакна дека дадената заклетва значи и завет кон знамето, како и „една вековна нишка на верност, што ја поврзува секоја генерација што се борела за слободата на нашата земја.“ За свечената заклетва, рече, дека е ветување пред себе, својот народи и својата историја дека ќе ја чуваат татковината со знаење, дисциплина и љубов.
„Воената академија…веќе три децении стои на темелите на тие идеали. Нашата мисија е да создадеме современ офицер — образован, морален и одлучен, човек што ја разбира тежината на зборот должност и величината на зборот чест“, порача Танески.

