Македонија
Ограничени дискусиите за законот за бранители
Пратениците на Комисијата за труд и социјална политика ги изгласаа ограничувањата на обраќањата на пратениците во расправта за предлог законот за посебните права на бранителите.
Ограничувањето доаѓа по препораките содржани во писмото што претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски го упати до Комисијата и до пратеничката група на ДУИ.
Подоцна беше изгласано и ограничување на времетраењето на процедуралните забелешки бидејќи за време на седницата пратениците од ДУИ и од ДПА се обидоа преку нив да имаат подолги обраќања поврзани не само со темата на седницата.
Седницата по вторпат беше прекината откако пратеникот на ДПА, Зијадин Села, одби да го прекине своето обраќање побарано како процедурална забелешка откако ги надмина трите минути, изгласани само неколку минути пред тој да застане на говорницата.
Села рече дека не ја почитува одлуката на Комисијата истакнувајќи дека на тој начин им се ограничува правото на збор на пратениците Албанци.
„Ќе ви кажам јас како се блокира овој закон. Ќе ви покажам кога ќе стигнеме до последниот амандман, ќе видите кога ќе ја земеме оваа говорница, овие микрофони и овој Парламент ќе го запалиме“, рече Села обраќајќи им се на пратениците од ДУИ.
Со ограничувањето на дискусиите, а сега веќе и на процедуралните забелешки, пратениците и од ДУИ и од ДПА сметаат дека им се ограничува правото на изразување во Собранието.
Цветанка Иванова, претседателката на Комисијата, рече дека се прави обид за повторна блокада на работата на ова собраниско тело и дека тоа го прават ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ со поддршка од претседателот на Собранието.
Иванова е одлучна да не дозволи да се направи повторно блокирање на работата на Комисијата, како што тоа се случи при првото поднесување на прелог законот во редовна процедура, кога пратеникот на ДУИ, Талат Џафери зборуваше со молчење.
Токму затоа, предлагачот на законот за посебните права на бранителите ВМРО-ДПМНЕ го повлече првиот предлог, за потоа да го поднесе истиот закон, но по скратена постапка, со ограничени дискусии.
Владејачкиот албански партнер ДУИ не сака да се донесе овој закон, сè додека со него не се опфатат и правата на припадниците на ОНА, па затоа подесоа и повеќе од 15.000 амандмани./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

