Македонија
Судскиот совет избра претседатели, еден ден пред изборот на членови во Советот

Судскиот совет на Македонија избра претседатели на Врховниот и Основниот суд Скопје 1 Скопје еден ден пред изборот на пет членови на судскиот совет.
Претседателката на Советот, Александра Зафировска негира дека Советот побрзал да ги избере претседателите, пред да биде сменет составот на Советот, бидејќи на утрешните избори ќе се изберат пет нови членови на Советот.
„Не треба да се меша изборот на кандидатите на Судскиот совет, изборот на пет кандидати со работата на целокупниот судски совет. Се врши избор на пет кандидати од Судскиот совет, остануваат уште десет членови на судскиот совет кои можат работат во полн состав, со тоа што Министерот за правда нема право на глас“ изјави Зафировска.
Откако во јули му истече мандатот на поранешниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски, Судскиот совет имаше неколку неуспешни обиди за избере претседатели на најголемите судови во Македонија.
По неколку месеци, советот за наследник на Вангеловски ја избра поранешната претседателка на Кривичниот суд, Лидија Неделкова, а за претседател на Кривичниот суд го избра судијата Владимир Панчевски.
„Она што го прифативме како позитивно укажување беше укажувањето на поткомитетот за слобода правда и безбедност кој беше одржан на 30 ноември во Брисел. Имавме укажување дека треба да извршиме избор на кандидатите, така да Судскиот совет сметаше дека такво укажување треба да се прифати и ние се организиравме, се договоривме, се согласивме по одредени кандидати и ја закажавме седницата“ вели Зафировска
Таа смета дека сите кандидати кои учествувале во изборот за судија на Врховниот суд се искусни судии докажани во својата фела.
По изборот на претседателите на овие судови, новиот состав ќе бира и судии за испразнетите места во Врховниот и Апелациониот суд.
Не денешната седница, ги избраа Енвер Беџети за судија на Апелациониот суд во Скопје, Мирсад Суроји и Ѓиљсиме Шабани за судии на Основниот суд Куманово, Лавдрим Сефери за судија на Основен суд Гостивар и Емељ Кранли Али за судија во Основниот суд Ресен. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.