Македонија
Новите полициски „шкода јети“ од денеска низ улиците
Македонската полиција од среда ќе се вози во новите возила „шкода јети“ коишто ќе ги заменат старите „крајслери“ стари 12 години.
Вкупно 150 нови „шкода јети“ ќе се возат не само во Скопје, туку и во другите градови.
Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска на денешната презентација на новите автомобили, на која присуствуваше и премиерот Никола Груевски, изјави дека со новите автомобили ќе се заштеди, но и полицајците ќе бидат побезбедни.
„Новите автомобили кои ќе ги користи полицијата се исклучително безбедни возила, возила кои се опремени со неопходната полициска опрема која е услов за завршување на полициската работа. Тоа се возила кои се далеку поекономични. За илустрација, ако просечната потрошувачка на ’крајслерите’ беше 16 литри со бензински мотор, просечната потрошувачка на шкодите е шест литри со дизел мотор. Ако просечниот трошок за одржување на секој ’крајслер’ во текот на годината беше околу 6.000 евра, во првите три години сервисот за новите автомобили е бесплатен“ изјави Јанкулоска.
Старите ’крајслери’ ќе се продаваат, додека оние што се во добра состојба и понатаму ќе и служат на полицијата.
Според понудата на „Порше Македонија“, која го доби тендерот, едно полициско возило „шкода јети“ ќе чини околу 21.000 евра, а целиот тендер ќе чини околу 3.150.000 евра.
За најдобар понудувач на овој тендер, најпрвин беше избрана „Ка-дис“, но тендерот беше поништен поради хакерски напад. На второто електронско наддавање најповолна понуда даде „Порше Македонија“.
„Ка-дис“ се жалеше на одлуката, но Државната Комисија за жалби по јавни набавки ја одби жалбата. /крај/мвр/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

