Македонија
Јанкулоска без коментар на претставката на ЗНМ
Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска повторно нема коментар за претставката што ја поднесе Здружението на новинарите на Македонија до Секторот за внатрешна контрола, за насилното отстранување на новинарите од собраниската галерија минатиот понеделник.
„Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди даде еден обемен и исцрпен одговор и јас навистина немам ништо да додадам. Се разбира дека сите ние треба да се почитуваме, пред сè, и да си овозможиме непречено да ја работиме работата која е наша основна заложба. Полицијата мора да ја работи својата, медиумите исто така. Се работи за две јавни и одговорни функции во општеството. Треба да настојуваме да имаме меѓусебно разбирање и почитување и, доколку е можно, да си помагаме“, рече Јанкулоска.
ЗНМ, пак, е крајно незадоволно од одговорот на Министерството за внатрешни работи, според кој немало прекумерна употреба на сила од страна на собраниското обезбедување при отстранувањето на новинарите од собраниската галерија.
„Одговорите на МВР не се однесуваат на нашата претставка. Ние баравме да се утврди одговорност на наредбодавачите и извршителите на одлуката која е спротивна на Уставот и со која беа спречени новинарите да ги следат настаните во Собранието. Насилното исфрлување на новинарите без никаква правна основа од галеријата во Собранието е чин на цензура што е забрането со член 16 од Уставот на РМ. Потсетуваме дека согласно со член 70 од Уставот на РМ „Седниците на Собранието се јавни. Собранието може да одлучи да работи без присуство на јавноста со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“. Таква одлука не беше донесена“, велат од ЗНМ./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

