Македонија
Советот на честа реагира за неточната вест за смрт на сопственик на портал

Советот на честа при Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) смета дека веста на порталот mkdnews.com на кој беше објавена информација дека сопственикот на порталот komunikacija.mk наводно загинал во сообраќајна несреќа, претставува грубо кршење на професионалните норми и стандарди во новинарството.
„Претставува врв на непрофесионализам! Зарем упатена порака (по мобилен телефон најверојатно) може да биде валиден извор на информација? Зарем Советот на честа треба да укажува како, каде и кај колку извори треба да се провери една информација (без разлика на нејзината чувствителност) пред да се објави? Со објавувањето на таквата непроверена информација, порталот ги повредил сите одредби од Кодексот на новинарите. Повредени се чувствата на роднините и пријателите на сопственикот на komunikacija.mk, вознемирено е неговото семејство. Јавноста е тотално дезинформирана“, се вели во реакцијата на Советот на честа.
Од Советот на честа при ЗНМ предупредуваат дека пласирањето дезинформации во јавноста е сé позачестена појава, особено кај порталите и повикува на поголема одговорност и почитување на професионалните стандарди.
„Однесување слично на порталот кој ја објавил информацијата за наводното загинување во сообраќајна несреќа на сопственик на друг портал, само ја девалвира новинарската професија и води во насока да се губи авторитетот на новинарите. Ја девалвира новинарската фела до степен да не и’ се верува“ се вели во реакцијата.
Порталот mkdnews.com, повикувајќи се на смс порака која ја испратиле до нивната редакција, објави вест дека сопственикот на порталот komunikacija.mk, поранешен bez.pardon загинал во сообраќајка на магистралниот пат Ниш-Белград./крај/мф/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утревечер собир на плоштадот „Македонија“ во Скопје: со ѕвездено небо и молк да обележиме шест месеци од масакрот во Кочани

Утре во 20:16 часот, на плоштадот „Македонија“ во Скопје, ќе се одржи собир на кој ќе се обележат шест месеци од пожарот во дискотеката во Кочани со 62 жртви и над 200 повредени.
Иницијативата „Кој е следен?“ и студентски активисти повикуваат на достоинствено сеќавање, со ѕвездено небо и молк, како симбол на солидарност и граѓанска одговорност.
„Ова не беше несреќа. Не беше трагедија. Беше масакр. Свирепо убиство од страна на дисфункционалните институции и партискиот картел. Не смееме да отрпнеме. Болката мора да ја почувствуваме сите заедно . таа болка треба да не разбесни и да не поттикне на акција. Вистинската борба за живот или смрт е токму борбата за Кочани“, велат организаторите.
Обвинението, поднесено во јуни, сè уште не е оценето од надлежниот суд, поради обемноста на предметот и бројните приговори од страна на обвинетите. Вкупно 34 физички и три правни лица се соочуваат со обвиненија.
Семејствата на загинатите преку „Марш на ангелите“ во Кочани секоја сабота веќе шест месеци бараат одговорност и правда за нивните деца, а протести се организира и во други градови.
Македонија
Јаневска потпиша протокол: Македонија и Турција ќе разменуваат наставно – научен кадар, ученици и студенти

Македонија и Турција ќе потпишат протокол за соработка во областа на науката, технологијата и иновациите. Дефинирањето на содржината на документот е во финална фаза и за истиот се дискутираше на денешната средба помеѓу министерката за образование и наука Весна Јаневска и турскиот амбасадор Фатих Улусој.
„Двете страни изразија подготвеност процесот да биде заокружен до крајот на годината, а потпишувањето на протоколот ќе ги зајакне односите помеѓу двете држави и ќе обезбеди поголема соработка помеѓу образовните и научните установи, размена на наставно – научен кадар, ученици и студенти“, велат од Министерството за образование.
За време на средбата, министерката Јаневска го претстави концептот за основање на првиот технолошки парк во Скопје, а турската страна изрази подготвеност да ја поддржи реализацијата на оваа идеја преку претставници на турската бизнис заедница во Македонија.
На средбата се зборуваше и за унапредување на наставата на турски јазик во Македонија која ја следат над 8000 ученици, преку повеќе обуки за наставникот кадар и вложување во додатни наставни помагала и опрема.
Македонија
Ноќеска Итната помош 13 пати интервенирала во Трубарево, едно лице е пренесено на Токсикологија

Во текот на изминатата ноќ заклучно со попладнево во реонот на Трубарево се извршени 13 интервенции од Итната медицинска помош, при што едно лице е транспортирано во болница и извршен е транспорт на неподвижно лице до друго населено место, извести денес министерот за здравство Азир Алиу.
„Од извршените интервенции на Итната медицинска помош, само едно лице е транспортирано во јавна здравствена установа, на Клиниката за токсикологија. Воедно, кризниот штаб кој веднаш како Министерство го формиравме, континуирано заседава и во следниот период ќе се преземаат соодветни мерки согласно околностите“ вели министерот Алиу.
Директорот на Клиника за токсикологија, Арѓенд Имери, извести дека пациентката која во текот на ноќта е примена на Клиниката за токсикологија е во добра состојба.
Пациентката имала и други пропратни симптоми и од тие причини е задржана на лекување, но сега е во добра состојба.
Директорот Имери кажа дека денес амбулантски биле прегледани и пуштени дома уште тројца пациенти.