Македонија
Претпладне сончево, попладне нестабилно со пороен дожд

Претпладне сончево со умерена облачност. Попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи, но локално се очекува и поизразена нестабилност со пообилен пороен дожд. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер.
Дневните температури ќе се движат од 16 до 28 Целзиусови степени.
Во Скопје и околината претпладне сончево, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи. Дневната температура ќе достигне 24 степени.
УВ индексот ќе изнесува 6. /крај/ухрм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Побаран нов притвор за несреќата во Кочани: вкупниот број се искачува на 18 лица

Основното јавно обвинителство Кочани до надлежниот суд доставил предлози за продолжување на мерката краткотраен притвор за нови 48 часа за 16 лица досега опфатени со постапката на кои оваа мерка им истекува во текот на денот.
На уште две лица, по предлог на обвинителството, притвор им е определен во текот на вчерашниот ден и тој се уште трае.
До овој момент мерката краткотраен притвор е побарана за 18 лица, соопшти обвинителството.
Македонија
Герасимовски: Општина Центар издвои еден милиони денари за семејствата на загинатите и повредените во Кочани

Општина Центар денеска одржа вонредна седница по барање на градоначалникот Горан Герасимовски, на која советниците едногласно донесоа одлука за доделување парична помош во висина од еден милион денари за настраданите и повредените во трагедијата во Кочани. Седницата започна со едноминутен молк во знак на почит кон загинатите.
Герасимовски, потенцира дека во овие моменти на голема болка, не постојат зборови што може да ја намалат тагата, но постои нешто што може сите ние да направиме, а тоа е да бидеме сплотени и меѓусебно да си помагаме кога е најпотребно.
„Трагедијата во Кочани е огромна болка за сите нас, не можам ни да замислам како им е на оние фамилии што ги загубија своите најмили. Во овие моменти на тага, не постојат зборови што можат да ја намалат тагата, но постои нешто што можеме сите ние да направиме, а тоа е да бидеме сплотени и меѓусебно да си помагаме кога е најпотребно. Загубата е непроценлива, но човечката поддршка и заедништвото се тие што можат барем малку да ја олеснат тежината што ја носат овие семејства. Општина Центар издвои еден милион денари за семејствата на настраданите и повредените, ги повикувам и другите општини да се мобилираат, мораме да бидеме солидарни и сплотени“, истакнува Герасимовски.
Семејствата и блиските на настраданите и повредените кои се хоспитализирани во скопските здравствени установи можат бесплатно да се сместат и да одморат во хотелите на територија на градот Скопје. Оваа иницијатива се реализира со поддршка на скопските хотели, а граѓаните можат да се јават на телефонскиот број 073 821 120.
Македонија
Добра вест е што поминаа критичните 72 часа и не почина ниеден од преживеаните, 101 пациент се во странство, рече Таравари

Министерот за здравство Арбен Таравари утрово со олеснување извести дека поминале критичните 72 часа за повредените во пожарот во Кочани. Дома и во странство се лекуваат вкупно 178 пациенти и сите се во стабилна состојба.
Ги поминавме првите критични 72 часа, нема ниеден починат од оние што ја преживеаја трагедија. Се надевам дека сите пациенти ќе закрепнат и полека-полека од идните прес-конеренции да зборуваме само колку пациенти си одат дома.
„Добрата вест што сакаме да ја соопштиме е дека ги поминавме првите критични 72 часа, нема ниеден починат од оние што ја преживеаја трагедија. Се надевам дека сите пациенти ќе закрепнат и полека-полека од идните прес-конференции ќе зборуваме само колку пациенти си одат дома. Се третираат вкупно 178 пациенти во повеќе здравствени установи. Од нив, 64 се во државните болници во Македонија и 13 пациенти се во приватните. Сите се во релативно стабилна состојба. Во моментот 101 пациент се третираат надвор од државата. Сите се во релативно стабилна состојба“, рече министерот Таравари.
Вчера, лично ги посетил сите пациенти сместени во Солун и во Софија. Во Солун се петмина, во Софија деветмина. Двајца од пациентите во Софија вчера биле симнати од респиратор, а уште двајца ќе бидат симнати денес.
Таравари рече дека денес ќе бидат последните трансфери на пациенти во странство. Петмина повредени ќе заминат за Шведска и веќе нема потреба од лекувања во странство.
На лекување во Бугарија се 15 пациенти, во Србија 30, во Грција 12, во Турција 9, во Унгарија 6, во Австрија 6, во Хрватска 5, во Словенија 4, во Литванија 4, во Белгија 4, во Италија 4 и во Полска 2 пациенти.
Денес, од болница ќе бидат пуштени двајца од тројцата пациенти сместени во болницата во Штип, а министерот Таравари се надева дека во следните денови ќе има повеќемина што ќе си заминуваат дома.