Македонија
Вежба „Здружен отпор 13“: Приказ на интероперабилност и координираност
Со симулиран пожар, спасување на повредените од опожарената зграда, гаснење на пожарот и укажување на прва помош, беше одбележан денешниот Ден на високи гости во Центарот за обука „Пепелиште“, со што се реализираше и финалниот ден од меѓународната вежба „Здружен отпор 13“.
Во рамки на посетата на вежбата, министерот за одбрана на Република Македонија, Талат Џафери, се осврна на деталните активности кои беа дел од Денот за високи гости, по што заклучи дека сите учесници прикажаа висок степен на координација на активностите за спроведување на потребните мерки.
Во тој контекст, началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Горанчо Котески посочи дека целта на вежбата е да се прикаже координираноста помеѓу АРМ и останатите засегнати институции при вонредни прилики.
„Полската болница е значаен дел од АРМ и таа е наменета за хируршки операции во полски услови“, укажа генералот Котески, истовремено информирајќи дека за иницијативата за заеднички медицински сили кои би дејствувале во регионот за одредени потреби е разговарано и дека Министерството и Армијата го поддржуваат концептот.
Како елемент за поддршка, посочи генералот Котески, е и фактот дека ќе биде понудено штабот на овие сили да е во Република Македонија.
Пред министерот Џафери, генералот Котески, заменик-министерот за одбрана Емил Димитриев, заменик-амбасадорот на САД, Брајан Агелер и останатите високи гости, согласно сценариото, во симулиран пожар, се изведоа дел од планираните активности во кој претставниците од цивилните структури и Армијата на Република Македонија, заедно со учесниците од Армиите на САД, Албанија, Босна и Херцеговина, Словенија, Црна Гора и со Безбедносните сили на Косово ги спасуваа повредените од опожарена зграда. По гасењето на пожарот и укажаната прва помош, лицата беа транспортирани во Лесната маневарска болница ниво 2, каде им беше укажана соодветна медицинска помош. Повредените на кои им беше неопходен итен здравствен третман од повисоко ниво, по стабилизирањето во болницата, беа транспортирани по воздушен пат (CASEVAC).
Во рамките на програмата на Денот за високи гости се реализираше и обиколка на болницата, со што присутните имаа можност да запознаат со нејзината намена и значење.
Теренската вежба „Здружен отпор 13“, во реализација на Бригадата за логистичка поддршка и Военомедицинскиот центар се изведува во периодот од 27 мај до 7 јуни во центарот за обука „Пепелиште“, армискиот полигон „Криволак“ и с. Мушанци.
Истата е базирана на сценарио за операции за справување со природни катастрофи и давање хуманитарна помош. Во текот на вежбата акцент беше ставен на демонстрацијата на интероперабилноста помеѓу Армијата, цивилните агенции и земјите од регионот. Воедно, за време на вежбата се одвиваше и Самооценување ниво 1 на полската болница Ниво – 2, со цел исполнување на партнерската цел 4244. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДОМ: Дислокација на цементарницата Усје преку јавно-приватно партнерство
Зелената партија ДОМ предлага воведување на моделот „Зелен урбан трансфер“ како стратешко решение за дислокација на цементарницата, без никакви трошоци за државниот буџет, се наведува во соопштението на партијата.
Според ДОМ, досегашните тврдења дека дислокацијата на цементарницата е „невозможна мисија“ се резултат на застарени економски пристапи. Партијата посочува дека во светот веќе со години се применуваат модели со кои тешките индустриски зони се трансформираат во нови, еколошки урбани четврти, без директно оптоварување на државните финансии.
Клучот на предложениот модел е принципот „вредност на земјиштето наместо државен буџет“. Наместо државата да ја финансира дислокацијата, се предлага пренамена на земјиштето на Усје од индустриска зона (Г) во станбено-деловна зона (А и Б). Со ваквата одлука, вредноста на парцелата значително се зголемува, а инвеститорот, односно сопственикот, добива можност да развие модерен „Smart City“ комплекс. Приходите од продажбата на недвижностите, според ДОМ, би се користеле за изградба на нова, целосно еколошка фабрика на соодветна, подалечна локација.
Бидејќи процесот на дислокација може да трае од пет до седум години, од ДОМ бараат Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање веднаш да воведат преоден режим во А-интегрираната дозвола, со најстроги еколошки стандарди. Меѓу барањата се итна инсталација на филтри од последна генерација за целосна елиминација на цврстите честички PM10 и PM2.5, како и системи за десулфуризација и денитрификација за намалување на емисиите на сулфур диоксид и азотни оксиди.
Партијата предлага и задолжително воведување на системи за вбризгување активен јаглен и вреќасти филтри, со цел целосна неутрализација на диоксините и фураните, нагласувајќи дека на тој начин ќе се спречи испуштање канцерогени материи во воздухот за време на транзицискиот период. Дополнително, ДОМ бара 24-часовен јавен дигитален мониторинг, при што податоците од оџаците би се емитувале во живо на веб-страницата на Министерството и на јавни екрани во општина Кисела Вода.
Во соопштението се осврнуваат и на решавањето на еколошкиот товар од ОХИС и Пеленица, при што се предлага чистењето на линданот да се финансира преку меѓународни развојни грантови и концесиски модели. Според ДОМ, приватен партнер би можел да добие право на стопанисување со исчистениот простор, во замена за целосна ремедијација на почвата.
Од партијата порачуваат дека Скопје заслужува чист воздух, а индустријата треба да се развива надвор од градското јадро. Со моделот „Зелен урбан трансфер“, како што наведуваат, сопственикот на „Усје“ добива нов капитал, а граѓаните – подобри услови за живот. Истовремено, преку новиот Генерален урбанистички план, градот би го насочил своето стратешко ширење кон нова, еколошки уредена четврт, додека би се намалил притисокот од прекумерна урбанизација и бетонизација во веќе преоптоварените централни и западни делови на Скопје.
Македонија
Тошковски денеска на Пониква ги посетил децата и семејствата на загинатите бранители
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска ги посетил децата и семејствата на загинатите бранители кои традиционално во овој период престојуваат во зимското одморалиште на МВР на Пониква.
-Имав чест на заеднички ручек да поминеме време заедно, во искрена и топла атмосфера, да поразговараме на повеќе теми. Жртвата што ја дале нивните најблиски е најголемата можна жртва, затоа што тие ги загубиле своите татковци, сопрузи, синови во одбрана на татковината, посочува Тошковски во објавата на својот Фејсбук профил.

Министерот нагласува дека жртвата на загинатите бранители не смее и нема да биде заборавена.
-Таа за нас претставува аманет и трајна обврска, секогаш да бидеме покрај нив, да им даваме поддршка, да ги почитуваме и да одговараме на нивните потреби во рамките на надлежностите што ги имаме, вели Тошковски.
Македонија
Минималната плата не го покрива ни основното преживување, велат од СДСМ
Од СДСМ порачаа дека платите на работниците мора да се зголемат веднаш, а не по најави и проекции за две или четири години, оценувајќи дека актуелната економска политика не одговара на реалните животни трошоци и секојдневните потреби на граѓаните.
„На работниците не им требаат изговори ниту најави за 2028 година. Платите треба да се покачат сега, затоа што парите не им стигаат од први до први“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека животниот стандард е сериозно загрозен, а минималната плата не обезбедува основна егзистенција.
Од партијата реагираат и на изјавите и настапите на премиерот Христијан Мицкоски, прашувајќи дали тој чекал две години кога купувал часовници во вредност од 65.000 евра, додека работниците се принудени да преживуваат со примања што не ги покриваат ниту основните трошоци.
Според последните податоци, минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство во јануари 2026 година изнесувале 66.413 денари, што, како што посочуваат од СДСМ, значи дека ниту две минимални плати не се доволни за покривање на основните потреби. Со сегашното ниво од околу 400 евра, минималната плата, според опозицијата, не обезбедува заштита на животниот стандард и не ја следи реалната структура на трошоците во едно просечно домаќинство.
„Работниците буквално се борат за парче леб и не можат да чекаат до 2028 година“, велат од СДСМ, оценувајќи дека Македонија денес има најниска минимална плата не само во регионот, туку и во Европа.
Во реакцијата се споредуваат и состојбите во соседството. Во Косово, минималната плата се зголемува од 350 на 500 евра во две фази, во Албанија од 1 јануари 2026 година минималната плата ќе изнесува 500 евра, во Србија со владина одлука е зголемена на 500 евра, додека во Црна Гора се движи од 600 до 800 евра.
СДСМ предупредува дека последиците од ниските плати веќе се видливи, со масовно заминување на квалификувани работници и млади луѓе во странство, додека во земјата се увезува работна сила. Според партијата, ваквите политики водат кон дополнително намалување на вредноста на трудот, доколку тоа, како што наведуваат, не е и свесна цел на актуелната власт.

