Македонија
Парите од алкохолот ќе одат во здравството

Од идниот месец еден денар од литар пиво и 40 денари од тон увезен чист алкохол, наместо во државниот буџет на име на акцизна стока ќе се слеваат во касата на Министерството за здравство.
Според пресметките на министерот за здравство Никола Тодоров, од ова здравството годишно ќе добива пет милиони евра кои ќе се користат за проекти за мајки, новороденчиња и други проекти.
Со измените на Законот за здравствена заштита, од 13 јули секој матичен лекар задолжително треба да испрати до Јавните здравствени установи термини кои ќе ги резервира за своите пациенти. Потоа директорот на установата ќе направи список на термините и ќе ги истакне на јавно место.
Измените исто така предвидуваат одземање на лиценцата на лекарот доколку тој спротивно на законот работи како консултант во приватна здравствена установа. Лекарите од државното здравство ќе смеат да работат во приватна установа само доколку двете установи имаат потпишан договор./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Влада: Злоупотребата на болката не носи правда, посветено продолжуваме да им помагаме на семејствата од кочанската трагедија

„Не се точни наводите пренесени во дел од медиумите за состанокот со роднините на загинатите од кочанската трагедија. Во моментот се прави злонамерно дефокусирање и злоупотребување на трагичната судбина. Владата е тука за семејствата, за сè што им е потребно и секогаш ќе биде со нив дури и кога за некои работи ќе имаат различни мислења“, се наведува во соопштението на Владата.
„Ова писмо од родителите и роднините е потсетник дека мора да се решаваат проблемите и да се демонстрира волја и одлучност да се помогне уште повеќе и уште подецидно.
Владата жали за впечатокот кој некои го добиле, но тие средби досега не се ни први, а ни последни и апелираме да не се прави сензација од средба наменета за поддршка и сочувство. Тоа беше втора средба со семејствата и ние би потсетиле дека премиерот за време на средбата од почетокот и до крајот разговараше и се поздрави изразувајќи сочувство со сите присутни поединечно и низа други гестови и иницијативи и работи кои од етички и човечки причини навистина не сакаме да бидат предмет на јавна дискусија затоа што се интимни и длабоко приватни и ние тоа сакаме да го почитуваме.
Сведување на дискусијата на „здраво како сте“ и „колку чини“ не само што не ја одразува вистинската дискусија и намера, туку е навредливо и се обидува да фрли сосема погрешно светло на намерите и постапките на Владата, определувајќи ги како длабоко нечовечни што е несоодветно и неточно.
Истовремено, изразувајќи длабока тага за трагедијата, сочувство и поддршка за семејствата, упатуваме на тоа дека оваа трагедија, овој трагичен и ужасен настан, е болка не само за семејствата, но и за целата држава и нема некој кој не го мисли и чувствува тоа.
Владата ќе биде секогаш тука за семејствата и што се однесува до нашиот ангажман и тоа што зависи од нас, ќе се трудиме правда да има, и ќе се бориме утеха некаква ако може да се најде, и секогаш ќе бидеме потпора на семејствата, во нивните потреби, барања и предизвици. Затоа што ова е и наша болка и тага, и тие не се мерат и споредуваат, туку се докажуваат со дела кои ние ги правиме и планираме да ги правиме.
Апелираме да не се злоупотребуваат овие настани и моменти, да не се суди врз база на гнев и тенденција, а владата секогаш ќе биде тука за семејствата и колку што може – максимално ќе им помага во барањата кои се рационални и врз основа на закон и ингеренции“, се додава во соопштението на Владата.
Македонија
Обвинето едно лице за насилство врз градоначалничката на Скопје

По целосно испитување на настанот, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против едно лице за кривично дело – Насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
На 11 јули, на улицата „Севастополска“ во Скопје, обвинетиот извршил грубо насилство врз градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, со кое предизвикал телесна повреда кај оштетената и чувство на несигурност, загрозување и страв во јавноста.
Додека градоначалничката заедно со овластени службени лица, присуствувала на локација по претходна пријава на граѓани во врска со бесправно градење и неовластено приклучување на водоводна и електропреносна мрежа на објект, обвинетиот пристигнал со електричен тротинет и ѝ се приближил заканувачки.
Потоа физички ја нападнал, удирајќи ја најпрво по лицето и раката, а потоа со нога во пределот на левата потколеница. Откако присутните униформирани полициски службеници реагирале да го спречат во намерата, продолжил и вербално да ја навредува и да и се заканува.
Јавниот обвинител до Судот достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот, за кој и натаму постои опасност да се даде во бегство или да го повтори делото.
За истиот настан, за насилство со вербални закани кон градоначалничката беше пријавено уште едно лице, меѓутоа по прибирање на сите докази, вербалните искази на сведоците и оштетените, како и извршеното препознавање со соочување се утврди дека оштетените не го препознаваат пријавеното лице како сторител на заканувачки и насилнички дејствија кон нив.
Бидејќи не постојат материјални и вербални докази од кои неспорно би се утврдила кривична одговорност на второпријавениот за конкретното кривично дело, јавниот обвинител донесе решение за отфрлање на кривичната пријава против него и на судот му предложи да ги укине претходно определените мерки на претпазливост за тоа лице.
Македонија
Пуштен во употреба теренот на фудбалскиот стадион во Илинден

Со одигрување фудбалски натпревар беше пуштен во употреба теренот на фудбалскиот стадион во општина Илинден. Капитална инвестиција што ја реализираше Општина Илинден во соработка со Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). Овој проект претставува едно од најзначајните инфраструктурни вложувања во спортот на локално ниво и е симбол на континуираниот развој на општината.
Стадионот е изграден согласно сите современи стандарди за одржување на фудбалски натпревари, вклучително и критериумите на УЕФА. Тој е дел од развојниот план на Општина Илинден и од предизборната програма на градоначалникот Александар Георгиевски, што претставува уште едно целосно исполнето ветување.
На отворањето присуствуваше градоначалник Георгиевски, заедно со претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, пратеничката Драгана Бојковска, како и директори и советници. Градоначалникот во своето обраќање гордо истакна дека со отворање на новиот стадион, Илинден добива повеќе од само спортски објект – добива центар за заедништво, младински развој и спортски дух.
„Илинден доби модерен фудбалски стадион, изграден по сите европски стандарди. Ова не е само терен, туку симбол за посветеноста кон младите, спортот и иднината на нашата општина“, истакна градоначалникот Георгиевски.
Проектот опфати комплетна реконструкција и проширување на фудбалскиот терен со поставување на нова вештачка трева и нова заштитна ограда, како и изградба на систем за дренажа и одводнување, со што ќе се добие професионална подлога за одржување на фудбалските натпревари. Во следната фаза ќе биде изградена нова трибина со капацитет од 1100 гледачи, како и нови административни и технички простории, соблекувални и стадионско осветлување. Исто така, ќе се изградат паркинг места, а хортикултурно ќе биде уреден и просторот околу стадионот.
Илинден доби спортски капацитет со кој ќе се задоволат потребите на пошироката заедница. А општината ќе продолжи да вложува во унапредување на спортско-рекреативните капацитети, со што ќе се поттикне здравиот начин на живот помеѓу младите.