Македонија
На Богородица за излез се чека помалку од час

На граничниот премин Богородица за излез од Македонија се чека околу 40 минути, а на другите гранични премини нема подолготрајни задржувања за влез и за излез од државата. Оваа информација се однесува само за македонската страна на премините.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, имајќи предвид дека петок е неработен ден и граѓаните го користат продолжениот викенд, а некои започнаа со користењето на годишниот одмор.
Сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци низ државата се одвива непречено, по суви коловози
Од АМСМ препорачуваат внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево и Берово – Виница, каде е можна почеста појава на одрони
.Од пред десет дена пуштен е за сообраќај мостот на регионалниот пат Р1-103 Неготино – с. Лакавица (Пепелишки мост) за сите возила со ограничување на брзината од 30 км/час. Сообраќајот се одвива по левата коловозна лента поради санација на столбно место бр.3.
Работи на пат се одвиваат на патниот правец Гостивар – Маврово во близина на Ново Село, поради реконструкција на мост, сообраќајот се одвива регулирано со семафори и наизменично по една коловозна лента. Потоа на патниот правец Прилеп – Градско (Р106), 1 км пред тунел Фариш, сообраќајот се одвива наизменично по една коловозна лента во должина од 200 метри. Поставена е соодветна светлосна сигнализација за регулирање на сообраќајот, како и на регионалниот пат Кочани – Штип, поточно на делницата од селото Чардаклија до Штипска петља се изведуваат градежни работи, но нема застој на сообраќајот.
Поради оштетување на коловозот на патен правец Р-409 Маврово – Дебар во близина на Бошков мост сообраќајот се одвива во две ленти преку бајпас (додека траат санациите на оштетената коловозна лента)./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Трка во чест на херојот од Кочани кој 11 пати возеше до Скопје за да спаси животи и го загуби својот

Делчево е домаќин на првото издание на „Голак Треил“, спортски настан кој комбинира планинско трчање и брзо одење низ живописните предели на планината Голак. Настанот има хуманитарен карактер и е посветен на прерано починатиот Иле Гоцевски, возачот на Брза помош во Кочани, кој остана запаметен по својата пожртвуваност и хуманост.
Иле Гоцевски, во текот на трагичната ноќ кога животите беа во прашање, 11 пати возеше од Кочани до Скопје за да помогне во спасувањето на пациентите. Неговата посветеност и храброст станаа симбол на вистински хуман гест, но за жал тој го загуби сопствениот живот.
„Во негова чест, патеката на првото издание на ‘Голак Треил’ ќе биде долга 11 километри, симболично претставувајќи го патот на Иле и неговата борба за секој спасен живот,“ соопштија од Еколошкото друштво „Голак“, организатор на настанот.
Сите собрани средства од котизациите ќе бидат донирани на „Support Kocani“, а настанот, покрај хуманитарниот карактер, ќе има цел и да ја промовира планината Голак како природна дестинација за спорт, рекреација и туризам.
Организаторите нагласуваат дека преку вакви иницијативи сакаат да ја зголемат свеста за значењето на здравиот начин на живот, но и да го поттикнат развојот на туризмот во источниот дел на Македонија.
Македонија
Илиевски: Дали за торба пари Мицкоски продаде државни тајни?

Потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски, денес одржа прес-конференција на која ја истакна загриженоста на партијата за одбивањето на Христијан Мицкоски и директорот на АНБ, Бојан Христовски, да ја дексласифицираат документацијата која би требала да го потврди случајот со наводното следење на Мицкоски.
„Веќе втора недела Мицкоски и Христовски одбиваат да откријат информации кои се клучни за довербата на граѓаните во државните институции. Наместо да ја обезбедат транспарентноста, власта прави се за да ја саботира работата на надзорната комисија“, рече Илиевски.
Според него, вчерашната седница на надзорната комисија, која требаше да ја следи работата на АНБ и АР, мистериозно била откажана и покрај итноста потенцирана од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
„Се поставуваат сериозни прашања: Дали Мицкоски се плаши од содржината на овие документи? Дали тие покажуваат врски со странски служби од непријателски држави? Дали дел од финансиските средства кои пристигнале од странство завршиле кај него лично или во Белата Палата?“, праша Илиевски.
Потпретседателот на СДСМ додаде дека основната цел на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање е да ја штитат државата од странски и домашни закани, а обвинувањата упатуваат на можна злоупотреба на државниот апарат.
„Дали Мицкоски за торби пари ги продал интересите на сопствената држава на странски непријателски држави? Ова не е само прашање за политички дебата, туку прашање на национална безбедност“, нагласи Илиевски.
СДСМ уште еднаш јавно ја повика власта да ја дексласифицира документацијата и да овозможи целосна транспарентност, за да се спречат какви било сомнителни операции кои ја загрозуваат државата.
Македонија
СДСМ призна дека ги прислушкувал Мицкоски, новинари и бизнисмени, вели Петрушевски

СДСМ призна дека го прислушкувал и го следел претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како и новинари и бизнисмени, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Претеникот Бране Петрушевски истакна дека ова признание открива целосно злоупотребување на државниот апарат за политички цели.
„СДСМ прво тврдеше дека не прислушкувале и не следеле никого, а сега, преку ова признавање, се обидуваат да ја свртат приказната за 180 степени со глупи тези за наводната содржина на материјалите“, изјави Петрушевски.
Според него, признанието на СДСМ ги потврдува двете клучни точки:
– „Прво, го следеле и прислушкувале претседателот Мицкоски.“
– „Второ, иако прислушкувале пет години, велат дека не нашле ништо спорно или противзаконски. Доколку нешто било спорно, велат, ќе отвореле постапка одамна“.
„Со ова, СДСМ го дава најголемиот доказ дека целиот државен апарат бил ставен во функција за тие да опстанат што подолго на власт“, рече Петрушевски.
Тој додаде дека Јавното обвинителство не смее да молчи.
„Очекуваме веднаш акција и разрешница. Нема време за одлагање кога станува збор за ваква злоупотреба на институциите“, истакна пратеникот.
Петрушевски нагласи дека ваквиот скандал не смее да остане неказнет, и дека граѓаните очекуваат одговорност од сите кои учествувале во прислушкувањето.