Македонија
Груевски: Полесно им е нас да не притискаат, не сме единствени како Грција
Негативните извештаи за Македонија се друг облик на притисок за спорот со Грција, со што ЕУ си наоѓа алиби, зошто Македонија останува надвор од нејзините рамки, смета премиерот Никола Груевски,
Тој во интервју за „Дневник“ вели: „Сега притисокот врз нас во спорот со Грција е во друга форма и се манифестира преку различни негативни извештаи за Македонија, што истовремено е и обид за изнаоѓање алиби зошто Македонија не влегува во ЕУ и во НАТО. Поточно, тоа е алиби за нивната немоќ и за немањето волја и интерес на големите сили да ја разрешат оваа неправда што ни ја прави Грција. Треба да најдат виновник за тоа“.
Според премиерот цел свет знае зошто Македонија не влезе во НАТО и не доби датум за почеток на преговорите со ЕУ.
„Единствена причина е што не прифативме промена на идентитетот на Македонците и на името на државата, а и таа промена да е по мера, да не речам по избор на Грција, истовремено одбегнуваат преговори и очекуваат се да биде како што тие бараат. Секоја година добивавме позитивен извештај од ЕУ. Истото е и со НАТО и таму за членство недостига само согласност од Грција. Навистина не сакам да звучи ова како некакво алиби, никогаш не сум бегал од преземање одговорност, но тоа е факт и не можам да измислам некој друг одговор, освен да ја кажам вистината“, вели Груевски.
Вели дека ставот на новиот претседател на СДСМ, Зоран Заев, кој пред неколку години јавно се произнесе дека треба да го свиткаме грбот, воопшто не помага на политиките на Македонија.
„Немам против кој како сака да размислува, но таа негова изјава воопшто не ни помага во борбата да се дојде до решение, кое, освен за Грција, би било прифатливо и за мнозинството Македонци и граѓани на Република Македонија. Понекогаш се ставам во кожата на нашиот јужен сосед и помислувам што им останува да прават во ваков случај кога имаат лидер на опозиција од другата страна, кој јавно кажува дека тој кога би станал премиер, би го свиткал грбот. Тоа сигурно ги одвраќа од брзо решение и ги наведува да чекаат на некои наредни избори да победи тој и да го свитка грбот. Зошто би брзале? И да ви кажам, од она што го гледам и слушам, многу не им се брза“, вели Груевски.
Смета дека можеби меѓународниот притисок врз Македонија за компромис би се намалил, доколку ние сме единствени за ова прашање наспроти цврстото единство кај Грција.
„Некако полесно им личи да притиснат кај нас отколку кај нив. Покршливи им личиме однадвор со неединството. Повеќето од нив не навлегуваат длабински во спорот и површно го третираат, па им личи дека штом во Грција сите се единствени за една позиција, а во Македонија има многу политичари што ги поддржуваат грчките позиции, а не македонските или барем изразуваат спремност за попустливост, тогаш, веројатно, проблемот е до нас“, вели Груевски.
Со годините, според премиерот, се променил видот на меѓународниот притисок врз Македонија, кој порано бил повеќе директен, а сега е повеќе индиректен, преку разни извештаи.
„И за да се оправда тоа, ќе дојдат не само од ООН и од ОБСЕ, туку секакви можни експерти за човекови права, медиуми, судство, администрација и што ли уште не, со однапред изготвени извештаи. Ќе прошетаат во државата за да се види дека биле и божем истражувале и на крајот ќе најдат доволно причини зошто Македонија не треба да оди напред во евроинтеграциите. Вториот ефект на овој притисок има цел да влијае врз владејачкото мнозинство праќајќи порака дека ако не попуштиме, ќе имаме лоши извештаи, кои ќе имаат ефект и врз гласачкото тело во Македонија. Притоа забораваат дека народот кај нас веќе е отрпнат на овие игри. Толку многу ги имаше, што веќе ни позитивен извештај многу не му значи ниту, пак, негативен, кој знае колку му менува. И во двата случаја безмалку е исто во смисла на добивање она што го заслужуваме“, вели Груевски.
Смета дека, ако утре ги прифатиме грчките ставови за името, сите известувачи нагло ќе го подобрат мислењето за човековите права во Македонија, медиумите, судството итн. „Ќе кажат дека работите се придвижиле напред во меѓувреме и еве ти нов извештај. Гледајте како го сменија ставот за Србија. Сега таа е реформска земја, а до пред три месеци не беше…“
Тој додава дека преку извештаите како инструмент на притисок, од Европа ни праќаат абери дека ДУИ може во секој момент да ја извадат од Владата, ако така решат, и со тоа Владата да падне./крај/дневник
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен сообраќаен режим утре и задутре во Тетово поради предизборни митинзи
СВР Тетово информира дека поради одржување на митинзи на политичките партии во рамки на предизборната кампања во следните два дена (недела и понеделник) ќе има посебен сообраќаен режим во центарот на градот.
– Ќе се воведе посебен режим на сообраќајот и тоа по булевар „Илирија“од влезот на Тетово сè до плоштадот, односно кружниот тек со булевар „Илинденска”, при што нема да се дозволува паркирање на возилата низ булеварот. Исто така, за време на митинзите сообраќајот ќе биде пренасочен по другите улици, и тоа по улиците „ЈНА“, „Тодор Ципоски-Мерџан”, „Јане Сандански“ и улица „Никола Тесла“, се вели во соопштението на СВР Тетово.
Отттаму со апел возачите да бидат трпеливи и да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници.
Македонија
Ковачевски: Имаме задача да не се откажеме од европскиот сон за подобра и просперитетна држава за идните генерации
„Нашата генерација има задача да не се откаже од европскиот сон на земјата и да направи сè за Македонија да стане рамноправна членка на Европската Унија“, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на митингот на Коалицијата за европска иднина во Кичево.
Ковачевски истакна дека денеска кога чествуваме 121 година од смртта на македонскиот револуционер, идеолог и учител, Гоце Делчев, важно е да се потсетиме дека низ историјата нашиот народ не се откажувал дури ни пред најтешките предизвици. Порача дека 8 мај е нов историски крстопат, денот кога сите прогресивни и демократски сили во државата треба да одлучат државата одлучно да продолжи на патот кон Европската Унија.
„Само така ќе изградиме подобра и просперитетна држава за идните генерации. Држава со европски животен стандард, европски вредности, европски правила на игра“, рече Ковачевски.
Ако ВМРО ДПМНЕ и Силјановска се дограбат до власта, ќе стават рампа на патот на Македонија кон Брисел и ќе можеме да се збогуваме од ЕУ, истакна Ковачевски.
„Не смееме да ја повториме грешката од минатото и да дадеме преголема моќ во рацете на десничарска партија како ВМРО ДПМНЕ. Уште се свежи раните што ѝ ги нанесоа на државата за време на нивното 11-годишно владеење на Македонија. Сетете се на заробените медиуми, замолчените вработени во јавниот сектор, натепаните студенти во библиотеките и плоштадите. Сетете се на милионите потрошени за жални врби, лажен барок, евтин стиропор само за да се богатат поединци од ВМРО – ДПМНЕ“, истакна Ковачевски.
Лидерот на СДСМ пред граѓаните на Кичево најави повисоки плати и пензии, пакети за поддршка на учениците и студентите, одговорна социјална политика и одлучна борба против криминалот и корупцијата.
Македонија
Проданоски: Експресниот пат Градско-Прилеп ни од далеку не е готов, да ставиме крај на лагите на СДСМ на 8 мај
Тука сме на лице место за да ги разобличиме лагите кои што СДСМ се обидуваат да ги пласираат до јавноста, рече Дејан Проданоски, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
– Овде во Дреновската клисура каде што сме на самиот старт на почетни градежни активности, а за кои што слушнавме дека во 90 % експресниот пат е завршен. Овие се истите лаги исто како оние на почетокот на нивниот мандат кога Фејсбук и Гугл чекаа на граница, истите лаги како фабриката за автомобили во Тетово. Но, македонските граѓани треба да видат и да знаат дека овде на ова место е сам старт на почеток на градежни активности, а не е видлив ниту крајот на она како што тие сакаат да го пласираат. Да не зборувам тука и за третата фаза од експресниот пат за која што има обезбедено средства и за која што можеше исто да биде завршена ако не беа платени пеналите кон компанијата на која што и се бараше рекет за да остане да го гради автопатот и се изгуби значително голем период од изградба на патот и барање на друга компанија, рече тој.
На лагите од СДСМ им нема крај, овие лаги мора да завршат, затоа на 8-ми мај ве повикувам сите да заокружите број 2 за да и ова автопатско решение биде завршено и биде ставено во функција на секој граѓанин на Република Македонија, додаде Проданоски.