Македонија
Без реакции на изјавата на Ахмети во Софија околу предлогот на Нимиц

Молк на државните институции по вчерашното обелоденување на предлогот „Горна Република Македонија“ од страна на претседателот на ДУИ, Али Ахмети во Софија.
Засега нема одговор од Министерството за надворешни работи, а единствената реакција досега Макфакс ја доби од пратеникот и претседател на Комисијата за надворешна политика во Собранието, Антонио Милошоски, кој потврди дека не го видел предлогот, а преку својот твитер профил подоцна објави дека „Јавното обзнанување на предлозите на посредникот Нимиц ниту ќе помогне на Нимиц, ниту на Република Македонија во однос на Грција“.
Макфакс побара и одговор од грчкото МНР, но и оттаму молк во однос на изјавата на лидерот на ДУИ.
Ахмети вчера за време на посетата на Бугарија, на предавање во Софија нагласи дека „досега имало средби на ниво на преставници меѓу Македонија и Грција и немаше конкретен предлог за името на Македонија, но сега постои еден предлог тоа да биде Горна Република Македонија“./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Само СДСМ може да се спротивстави на хаосот што го прави ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, заедно со кандидатката за градоначалник на општина Карпош, Маја Мојсова Мијовска се сретнаа со граѓаните на оваа општина на кои им порачаа дека СДСМ е силата што може да ја исправи државата која повторно е ставена под закана од режим, од сиромаштија и од институционално уништување.
„Брутална партизација, брутално задолжување на земјата од сомнителни извори во огромни суми како никогаш досега, злоупотреба и политички реваншизам. Нема никаква грижа за граѓаните – грижа има само за себе, за партијата и за една мала група луѓе. Во такво сценарио единствен кој може да се спротивстави е СДСМ“, рече Венко Филипче на маалската средба во општина Карпош.
Тој истакна дека борбата за подобра иднина мора да започне „од секоја една уличка, од секое маало, преку населба и општина, па сè до големите градови“ и дека тоа треба да биде вовед во голема победа за да се спаси државата. Филипче посочи дека граѓаните очекуваат чесност и одговорност, а токму тоа е понудата на СДСМ.
„Не е лесно – и ние не ветуваме лесно. Ветуваме тешка борба, но искрена и чесна. Ние сме тие кои треба да ја спасат државата од политичка катастрофа. Само со единство и обединети сили можеме да победиме“, додаде Филипче.
Во своето обраќањето тој ја нагласи поддршката за кандидатката за градоначалник на општина Карпош, Мојсова Мијовска, за која кажа дека како докторка има искуство во работата со луѓе и дека знае што значи да се слушнат и да се разберат нивните проблеми.
Македонија
Скопјани со денови се трујат, горењето на Дрисла е сериозна опасност за уште поголема катастрофа, велат од СДСМ

„Пожарот во Дрисла се уште не е изгаснат, власта со денови не може да се справи додека скопјани се трујат. Ова е крајно неодговорно кон граѓаните, кон најважното-здравјето и претставува сериозна закана за уште поголема катастрофа, поради тоа што постои опасност пожарот да дојде до метанот кој се наоѓа под слоевите земја и да настане и експлозија“, велат од СДСМ.
„Страшно е ова што се случува, скопјани се трујат од отровен чад и канцерогени честички поради горење на депониите Дрисла и Вардариште.
Виновници за труењето на скопјани се Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ кои 4 години не мрднаа со прст, не ги исолнија ветувањата и не го решија проблемот. Депониите се симбол на нивната неспособност и криминално владеење на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ и нивните градоначалници пред 4 години ветуваа „затворање на Вардариште, намалување на стакленички гасови, покривање и озеленување“.
Тимчо Муцунски ветуваше „дислокација на претоварната депонија Вардариште“. Мицкоски и Арсовска ветуваа „зелена зона Вардариште“ со спортско-рекреативни терени на канцерогеното земјиште. ВМРО-ДПМНЕ ветуваше „фабрика за селекција на отпад“ во Дрисла.
Ништо од ова не е реализирано. Скопје и натаму е задушено, Вардариште и Дрисла горат, а воздухот повторно е отров за граѓаните.
Мицкоски ги слуша гласовите на мајките кои ги затвораат прозорците за да ги заштитат децата од чадот, гледа како скопјани се гушат во облаци канцерогени честички, гледа телевизиски прилози со чадови од Дрисла и Вардариште, и пак не презема ништо.
Иако е претседател на ЗЕЛС, ниту Орце Ѓорѓиевски не направи ништо. Наместо решенија, се крие од граѓаните.
ВМРО-ДПМНЕ и нивната неспособна власт ја претворија метрополата во еколошка бомба.
Скопјани паметат, скопјани знаат и ќе ги казнат ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски на локалните избори“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Се уште има чадење од Дрисла, но во помал обем, дивата депонија Вардариште е целосно изгасната, вели Ангелов

Чадењето од депонијата Дрисла е се уште присутно, но во многу помал обем и не е причина за маглата, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Тој извести дека во текот на вчерашниот ден е затрупан дел од просторот на депонијата Дрисла од кој имаше чадење.
„Денес затрупувањето продолжува со засилено темпо бидејки вчера беа извршени неколку логистички зафати кои овозможуваат полесен и побрз пристап до критичната точка“, кажа Ангелов.
Директорот на ДЗС информираше дека дивата депонија „Вардариште“ е целосно изгасната и од неа нема никакво чадење.
Ангелов најави прес-конференција за денеска, на која ќе излезе со дополнителни информации за сите досега преземени активности, вклучително и оние кои се преземаат во текот на денешниот ден.