Македонија
Сончево и многу топло, кон крајот на денот врнежи

Метеоролозите и за во петок во Македонија најавуваат сончево и многу топло време.
Кон крајот на денот во западните делови од државата ќе има услови за локален пороен дожд и грмежи.Максималната температура ќе се движи од 32 до 39 степени, а во Скопје ќе достигне 38 степени. /ухмр/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Војниците во касарната „Илинден“ оддадоа почит за хероите загинати кај Љуботенски бачила

Во касарната „Илинден“ во Скопје, со положување венци и цвеќе, највисоките државни претставници оддадоа почит на хероите кои го загубија животот кај месноста Љуботенски бачила во одбрана на својата држава.
Во знак на сеќавање и благодарност, венци и цвеќе положија делегација на Владата предводена од министерот за правда Игор Филков и министерот за дигитализација Стефан Андоновски, претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, предводени од бригадниот генерал Орце Јордев, како и делегација од Кабинетот на претседателот на Македонија, претставници на Армијата и роднини на загинатите бранители.
На денешен ден пред 24 години, осум бранители од резервниот состав ги загубија животите при активирање на мина додека биле на пат кон месноста Љуботенски бачила. Загинатите се: Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски. Исто така, денес се оддава почит и на Ацо Ангеловски, кој го загуби животот во 2000 година за време на вооружен напад врз полициска патрола во Арачиново.
Македонија
Пак горат огнови во државава, активни четири пожари

„На територијата на државата денеска до 13 часот имало вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири пожари и изгаснати четири пожари,“ информира Центарот за управување со кризи.
Активни се пожарите во Национален парк Јасен во Општина Македонски Брод, каде гори мешана шума, потоа пожарот во село Рамановце во Општина Куманово, каде гори стрниште, пожарот на депонија во во атарот на село Бучин во Општина Крушево и пожарот на стрниште помеѓу селата Копаница и Рашче во Општина Сарај.
Изгаснати се пожарите помеѓу селата Биџево и Ливада во Општина Струга, кај село Балиндол во Општина Гостивар, покрај патот Гевгелија – Богданци во Општина Гевгелија и кај село Ерџелија во Општина Свети Николе.
Македонија
На 12 и на 14 август ќе биде полагањето на двата екстерни испита од државната матура

Двата екстерни испита во августовската испитна сесија од државната матура, за матурантите кои во јуни не ги положиле или не во целост, ќе се полагаат на 12 и на 14 август.
Во вторник (12 август) ќе биде тестирањето по мајчин јазик (македонски, албански, турски, српски) и литература, а два дена подоцна (14 август) е полагањето на изборниот екстерен испит (математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, италијански јазик, филозофија, естетика).
Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), за двата испитни дена вкупно се пријавени 1118 ученици. Од нив, 352 ќе полагаат македонски јазик, 225 – албански јазик, девет – турски јазик. Англиски ќе полагаат 779, еден ученик ќе полага француски јазик, двајца – германски јазик, 27 – математика и еден матурант е пријавен да го полага испитот по естетика.
Според видот на образование, од гиманзиско ќе полагаат 265 ученици, средно стручно – 835 и 18 од средно уметничко образование. Испитите во августовскиот рок кандидатите ќе ги полагаат во простории на факултетите.
МОН и ДИЦ пред пет дена ги соопштија резултатите од спроведената државна матура во јуни кои се подобри од минатата учебна година. Посечната оценка на успехот од полагањето на двата екстерни испита во јунската сесија е 3.69 и е повисок од минатата година кога средната оценка беше 3.26. Поголем успех е забележан кај мајчините јазици и кај други предмети, а особено по математика за кој средната оценка е 4.14.
Пријавени за полагање во јунскиот рок беа 15.004 ученици. Поради обиди за препишување, употреба на електронски уреди и други неправилности, поништени биле тестовите на 172 ученици.