Македонија
Дванаесет години по Охридскиот рамковен договор
Се навршија 12 години од потпишувањето на Рамковниот договор со кој се стави крај на воениот конфликт во Македонија во 2001 година и се постави рамка за меѓуетнички соживот.
Дванаесетгодишнината од потпишувањето на Рамковниот договор, како епилог на неколкумесечниот вооружен конфликт во земјава во 2001 година и ден кој го промени уставното уредување на Македонија, неколку години е датум кој единствено го одбележува партијата ДУИ, која произлезе во политичка формација од ОНА.
Годинава, прославата на 13-ти август, денот кога домашните политички лидери и меѓународни гаранти ставија параф на оваа рамка, ќе се одбележи скромно, со трибина на која ќе говори вицепремиерот Муса Џафери, првиот човек на Секретаријатот за одбележување на Рамковниот договор во владата.
Лани, на приемот што се одржа во Музејот на современата уметност на скопско Кале, улогата на „домаќин“ ја имаше ДУИ, но повторно не успеа да ги собере на исто место живите потписници на Охридскиот рамковен договор, како и највисокиот државен врв.
Во пресрет на дванаесетгодишнината лидерот на ДУИ, Али Ахмети, неодамна испрати писмо до меѓународниот фактор, адресирајќи го до меѓународни личности, кои беа вклучени во разрешувањето на воениот конфликт од 2001 година.
„И по дванаесет години од потпишувањето на Рамковниот договор, како и по повеќе од една деценија на заеднички капитални инвестиции од страна на меѓународната заедница и домашните власти, ви пишувам за да ви се заблагодарам уште еднаш за вашиот ценет придонес кон сите овие достигнувања. Оваа искрена и заедничка заложба донесе дијалог, мир, сигурност, стабилност, стабилни меѓуетнички односи и евро-атлантска перспектива за Македонија така што мојата земја го доби статусот на земја-кандидат за членство во ЕУ во 2005 година претежно како резултат на имплементирањето на Рамковниот договор“, е само дел од она што неодамна во писмо го наведе Ахмети и го испрати до Џорџ Робертсон, поранешен генерален секретар на НАТО, како и до повеќе други меѓународни личности, кои беа вклучени во разрешувањето на воениот конфликт од 2001 година.
Писмо со слична содржина тој упати и до Јаап де Хоп Шефер, Хавиер Солана, Питер Феит, Франсоа Леотар, Бернар Валеро, Џејмс Пердју, Kристофер Хил, Сорен Јесен Петерсен и до Даниел Сервер.
Ахмети нив ги покани да го искористат својот авторитет со пријателите и со институциите што придонеле многу во овие големи мировни процеси за да се капитализира голема заедничка инвестиција во Македонија во последнава деценија, преку постигнување на крајната цел, членство во НАТО и во Европската Унија. Лидерот на ДУИ им упати повик да се заложат ова прашање да се стави „во итно внимание на меѓународната заедница, за да почне дијалогот на високо ниво помеѓу Македонија и Грција“. Тој во писмото искажа загриженост бидејќи, како што рече, достигнувањата од дванаесетгодишниот процес може да се осуетат токму поради нерешениот спор на земјава со јужниот сосед.
На 13-ти август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје Рамковниот договор го потпишаа тогашниот претседател на Република Македонија, трагично загинатиот Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Љубчо Георгиевски, претседателот на ПДП Имер Имери и тогашните претседатели на СДСМ, Бранко Црвенковски и на ДПА, Арбен Џафери.
Потписници на договорот, во својство на гаранти, беа и специјалните претставници на ЕУ и САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју, кои учествуваа во преговорите.
Преговорите за Охридскиот рамковен договор се одвиваа во Вилата „Билјана“ во Охрид во јули и во август 2001 година, и во нив покрај потписниците учествуваа и Хавиер Солана, тогашен висок претставник на ЕУ за безбедносна и надворешна политика и Питер Фејт, претставник на САД, како и повеќе експерти меѓу кои професорите на Правниот факултет во Скопје, Владо Поповски и Љубомир Фрчковски./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.
Македонија
Муцунски разговарал со шеикот Бин Зајед и дал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска телефонски се слушнал со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Муцунски ја истакнал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и изразил сочувство за жртвите од нападите.
„Министерот остро ги осуди нападите извршени од Иран врз Обединетите Арапски Емирати, оценувајќи ги како сериозна повреда на принципите на меѓународното право, вклучително и почитувањето на државниот суверенитет и територијалниот интегритет. Тој нагласи дека во услови на зголемени регионални тензии, неопходни се воздржаност, одговорност и дипломатски ангажман, со цел спречување понатамошна ескалација и зачувување на стабилноста и мирот во регионот“, се вели во соопштението на МНР.

