Македонија
Џафери: АРМ постојано придонесува за глобалниот мир, стабилност и безбедност
Министерот за одбрана Талат Џафери престојува во посета на контингентот од Армијата на Република Македонија која е во рамките на ЕУФОР-АЛТЕА во Босна и Херцеговина.
При посетата на медицинскиот тим во кампот Бутмир, во Сараево, Џафери посочил дека македонските мировници во континуитет ги прикажуваат своите вештини и способности, што недвосмислено укажува на мисијата на АРМ, како постојан придонесувач кон глобалниот мир, стабилност и безбедност.
Во рамки на посетата Џафери положил и свежо цвеќе на споменикот на трагично загинатите припадници на АРМ во хеликоптерската несреќа кај Катлановско Блаце.
Припадниците на контингентот Алтеа-14 во операцијата ЕУФОР-АЛТЕА во Босна и Херцеговина извршуваат поголем број задачи, со фокус на давањето медицинска поддршка за ЕУФОР-АЛТЕА и за персоналот во базата „Бутмир“ во Сараево.
Македонија во мисијата АЛТЕА учествува од 2006 година и тоа со хеликоптерски деташман (до 2008 година) и со медицински тим (во моментов 14.ротација).
Дополнително, од 2007 година, Македонија го зголеми своето учество со еден помошник-правен советник во Командата на ЕУФОР, додека од 2008 до 2012 година и со подофицер за превентивна медицина./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Откажани летови и отежнат авиосообраќајот на скопскиот аеродром поради маглата
Како резултат на ниската видливост предизвикана од густата магла што ја зафати скопската котлина денеска до 14 часот на Меѓународниот Аеродром Скопје има пет откажани, два пренасочени и шест летови со доцнење. Од 12 часот временските услови се подобрени, така што три лета пристигнаа, еден полета, а три лета се спремни да полетаат, информираат од ТАВ Македонија.
Од ТАВ Македонија апелираат до сите патници дека временските услови се менуваат постојано и во однос на нивните летови да ги следат насоките кои им ги дава нивната авиокомпанија.
-Денеска, 20 декември 2025, од 00:00 часот до 14 часот, на Меѓународниот Аеродром Скопје има 5 откажани летови, 2 пренасочени летови и 6 летови со доцнење, како резултат на ниската видливост предизвикана од густата магла што ја зафати скопската котлина. Од 12 часот временските услови се подобрија, така што 3 лета пристигнаа (од Дортмунд, Истанбул и Париз), 1 лет полета (за Истанбул), а 3 лета се спремни да полетаат (за Осло, Љубљана и Баден-Баден), информираат од ТАВ Македонија.
Маглата, што го зафати денеска Скопје го отежнува авиосообраќајот на скопскиот аеродром, каде, според податоците од официјалната веб-страница, има откажани и летови што се реализираат со задоцнување, додека сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по суви коловози, но со намалена видливост на одредени патни правци.
Македонија
Мицкоски се фотографираше на одбележувањето посветено на ликот и делото на Даме Груев
Со полагање цвеќе и пригодна комеморација, денес во беровското село Русиново беше одбележана 119-годишнината од загинувањето на македонскиот револуционер Даме Груев, еден од клучните идеолози на борбата за слободна Македонија.

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денес присуствуваше на одбележувањето посветено на ликот и делото на Даме Груев, кој на 23 декември 1906 година загина во борба со османлиските сили на планината Петлец, во близина на Русиново.
Во рамки на настанот, на селските гробишта беше одржана панихида, по што Мицкоски и останатите присутни положија цвеќе пред спомен-обележјето на револуционерот.
Одбележувањето продолжи со традиционален марш кон месноста Петлец, местото каде што Груев го положи својот живот за идејата за слободна и независна Македонија.
Настанот се реализираше во организација на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ – Берово, со присуство на бројни граѓани, партиски претставници и почитувачи на македонската револуционерна историја.
Македонија
Ја претепал вонбрачната партнерка со трпезариска столица, па ја силувал откако тешко ја повредил
Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против 56-годишник осомничен за кривично дело – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1 и кривично дело – Полов напад и силување од член 186 став 7 во врска со став 3 од Кривичниот законик.
Како што соопшти ЈОРСМ, осомничениот, на 18 декември попладне, во заедничкиот дом на улицата „Васко Карангелевски“ во Битола, физички ја нападнал неговата вонбрачна партнерка.
-Ја удирал по телото, лицето и главата, па дури зел трпезариска столица и ја удрил и со неа. Потоа ја тргал и ја носел во правец кон терасата, заканувајќи и се дека ќе ја фрли. Од ударите жената се здобила со телесни повреди. И наредил да се соблече за да имаат сексуални односи, но оштетената не се согласила, па насилно ја соблекол и ја принудил на други полови дејствија, стои во соопштението на ЈОРСМ.
Јавниот обвинител, ценејќи ги сите околности, до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Оттаму додаваат дека притоа особено се ценела опасноста од бегство и можноста осомничениот да продолжи да врши дела на семејно насилство кон жената со која живеат во ист дом.

