Македонија
Започна Јавната расправа за новиот Закон за електронски комуникации
Започна Јавната расправа по однос на донесувањето на новиот Закон за електронски комуникации, кој треба да обезбеди економски и социјален развој, стимулирање на иновациите и отворање нови работни места во земјата.
Законското решение треба да даде придонес во рамките на заштитата на правата на корисниците, вклучувајќи ги корисниците со инвалидитет и корисниците со посебни социјални потреби, а исто така ќе обезбеди ефикасна конкуренција на пазарот за електронски комуникации.
„Новиот Закон за електронски комуникации мора да биде целосно усогласен со пакетот директиви за електронски комуникации на Европската Унија, како и со останатото домашно законодавство кое има допирни точки со електронските комуникации. Притоа, тој треба да ги има предвид барањата, ставовите и забелешките на приватниот сектор, односно од засегнатите страни. Од овие причини, постапката за неговото донесување мора да биде целосно транспарентна и инклузивна, за што и говори и оваа денешна јавна расправа“, рече во обраќањето министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски.
Тој напомена дека новиот Закон за електронски комуникации ќе овозможи ефикасно користење на радиофреквенцискиот спектар и нумерацијата, ќе помогне во унапредување на развојот и поттикнување на инвестиции во јавните електронски комуникации со воведување на нови технологии и услуги, а особено со воведување на следни генерации на јавни електронски комуникациски мрежи, и исто така, не помалку битно, ќе обезбеди доверливост на комуникациите.
„Јавната расправа треба да отвори дискусија по сите овие прашања, да наметне стручна полемика, да се понудат предлози кои ќе значат подобрување на содржините на предлог-законот. Конструктивноста ја очекуваме од сите субјекти кои имаат надлежност и работат во сферата на електронските комуникации. Целта е заеднички да донесеме закон кој ќе оди во прилог на подобрување на состојбите во сферата на јавните електронски комуникациски мрежи и јавните електронски комуникациски услуги во Република Македонија“, додаде министерот Ивановски.
Инаку, предлог текстот од законското решение опфаќа 178 члена во 19 поглавја, во кои се разработени надлежностите на институциите и регулаторното тело, отчетноста и транспарентноста во работењето на Агенцијата за електронски комуникации, начинот на финансирањето на агенцијата, како и надзорот на регулаторното тело над операторите и другите правни и физички лица опфатени со овој закон.
Директорот на Агенцијата за електронски комуникации, Роберт Орданоски ги претстави целите и задачите на законот, осврнувајќи се на реалните потреби и очекувања од неговата имплементација. Презентација на конкретните поглавја од предлог-текстот на законот одржа Димитар Буковалов, раководител на Секторот за комуникации при Министерството за информатичко општество и администрација. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Боки-13 за операцијата „Бумеранг“: поднесе кривични против Заев, Спасовски, Русковска
Бојан Јовановски – Боки 13 поднел кривични пријави против поранешниот премиер Зоран Заев, екс министерот за внатрешни – Оливер Спасовски, и двајцата генерални секретари на СДСМ, поранешниот Александар Кирацовски и актуелниот, Миле Зачевиќ, како и против поранешната шефица на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.
Тој дошол во Обвинителството на покана на актуелниот шеф на оваа институција, Ислам Абази.
Најави дела кривично-правната операција е наречена „Бумеранг“.
-Сите мои наводи и описот на настаните ќе бидат материјализирани со докази кои потекнуваат од мојот телефонски уред кој беше одземен при моето апсење во предметот Рекет. Се работи за кривични дела кои што се однесуваат на злоупотреба на службената положба и овластување, за изборни измани, незаконско финансирање на политичка партија, злоупотреба на јавните набавки“, додаде тој.
Најави и продолжение на предавање на докази во писмена форма.
„Поднесена е кривична пријава и против Вилма Русковска за злоупотреба на службена положба, примање поткуп, примена на тортура. Зоран Заев е скоро во секоја пријава#, кажа Јовановски.
Македонија
Мицкоски на средба со коалицијата: доби поддршка за почнување преговори за состав на идната влада
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска оствари средба со претседателите на партиите во состав на коалицијата „Твоја Македонија“.
Беше констатирано дека коалицијата оствари успешен и историски резултат, кој создава и одговорност за реализирање на очекувањата.
Мицкоски доби поддршка од претседателите на коалициските партии за почнување преговори за состав на идната влада.
Според заклучокот на состанокот, разговорите треба да се водат врз основа на постулати за забрзан економски развој на Македонија, силна борба против криминалот и корупцијата и европските интеграции врз база на принципи и вредности, соопштија од партијата.
Македонија
Лукаревска: СДСМ секогаш бил достоинствен поради зрелоста на неговите раководства да се соочат со поразот и одговорноста, јас не сакам да бидам исклучок
Изборните резултати ги искушуваат нашата искреност како политичари и искреноста на нашите зборови дека сме ја разбрале вашата порака, напиша на социјалните мрежи потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, откога неколку членови и партиски функционери во СДСМ претходно си поднесоа оставки.
СДСМ, додава таа, секогаш бил достоинствен и поради зрелоста на неговите раководства да се соочат со поразот и со одговорноста.
„Јас не сакам да бидам исклучок. Благодарам за укажаната доверба да бидам заменик-претседател на СДСМ. И таа должност ја извршував со почит, совесно, одговорно и чесно. Секако, со поддршка од сопартијците и незаменливата потпора од моите родители. Благодарам е најмалку што можам да им речам.
Горда сум што 8 мај беше празничен ден за демократијата. Тоа беше и суштината на борбата на СДСМ за ослободување од ‘заробената’ држава. Воедно, им благодарам на сите граѓани за секој глас за СДСМ, особено во Третата изборна единица. Вредна за внимание е и пораката од оние што не излегоа на гласање, како и на оние што гласаа против.
На ред е нашата внатрепартиска средба со вистината. На отчетниот конгрес на СДСМ неминовна e отворена, искрена и самокритична анализа на нашите погрешни чекори, на лошите кадровски решенија, како и за нашата немост за успешните политики што ги спроведовме во исклучително тешки услови предизвикани од светските кризи.
Го презедовме товарот и на тешките политички одлуки. Но, тоа е СДСМ кому државата, нејзината стабилност и иднина секогаш му биле пред сė друго. Така било. Така мора и да остане“, порача во напишаното Лукаревска.
Оценува дека на Македонија ѝ потребен СДСМ.
„Што побргу заедно ја консолидираме партијата толку побргу ќе можеме да кажеме – тука сме. Јас верувам во СДСМ, а уште повеќе во неговата сила да се реформира, да се обедини и да се подготви.
Честитки на победникот и на сите 120 пратеници.
Во искреното соочување со причините за изборниот пораз е нашата прва победа. Тоа е најмалку што им го должиме на сопартијците, на симпатизерите и поддржувачите на СДСМ, но и на демократска Македонија“, додава Лукаревска.