Македонија
Непречено одвивање на сообраќајот по влажни коловози

Сообраќајот на патните правци низ државата се одвива непречено, по влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолготрајни задржувања за влез и за излез од државата.Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево и Берово – Виница, каде е можна почеста појава на одрони.Од Авто мото сојузот на Македонија ги предупредуваат возачите да пристапуваат внимателно и со намалена брзина кон местата на кои се изведуваат работи на пат и да се придржуваат кон упатствата од новопоставената вертикална сигнализација. крај/амсм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Фон дер Лајен пристигна во Скопје, Муцунски очекува потврда на поддршката за европската интеграција

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, попладнево слета во Скопје. Министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски, рече дека на денешните средби очекува да се потврди поддршката за европската интеграција на Западен Балкан.
„Попладнево на скопскиот аеродром ја пречекав претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која во рамки на својата агенда за Западен Балкан денес пристигна во Скопје. Очекувам на денешните средби да се потврди поддршката за европската интеграција на Западен Балкан и постепеното приближување на регионот кон единствениот пазар на Европската унија“, напиша Муцунски.
Додава дека членството во Европската унија останува стратешки приоритет на македонската надворешна политика.
Македонија
Утре променливо облачно време со повремени врнежи од дожд

Времето утре ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 10, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне и во текот на ноќта со повремен дожд. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 17 степен.
Следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат утре кон крајот на денот, во текот на ноќта и во петок, кога се очекува локално да наврнат и над 20 l/m². Во петок ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер, особено долж Повардарието.
Македонија
Уставниот суд не поведе постапка по иницијативата на Левица, партијата ќе се жали во Стразбур

Уставниот суд ја одби Иницијативата на Левица за оценување на уставноста и законитоста против Упатството на ААВМУ што се однесува на радиодифузерите за поделба на времето за рекламен простор за учесниците на изборите. Од партијата велта дека случајот ќе го носат во Стразбур.
„Според ова контраверзно Упатство, иако е парламентарна партија, Левица не доби ниту една секунда простор за рекламирање на овие локални избори, а како политичка партија, Левица ни со сопствени средства, нема право на ниту една секунда – реклама, наспроти милионското расфрлање на пари од страна на ДПМНЕ и СДС. Уставниот суд одлучи да го разгледува ова на 3 дена пред изборите и тоа: не по службена должност, туку по поднесената Иницијатива од страна на Левица. Иако контраверзното Упатство, не е објавено во Службен весник, а по својата суштина претставува општ акт и согласно Устав мора да биде објавено за да произведува правно дејствие, ги повредува уставните начела на еднаквост и политички плурализам преку противуставната ЦЕНЗУРА, повредува меѓународни правни акти инкорпорирани во нашиот правен систем, со кои е гарантирано правото на политичко дејствување загарантирано со Европската конвенција за човекови права и со Уставот, сепак, за судиите од Уставен суд тоа не е нималку важно и штетно по уставниот поредок и „во согласност со закон“, настрана што и законот не е уставен – од причина што се работи за дискриминација на партија која е трн во око на олигархијата, нивните газди“, велат од Левица.
Додаваат дека апликацијата до Европскиот суд за човекови права е во подготовка, а после денешната одлука на Уставен, велат од Левица, убедени сме дека Република Македонија ќе загуби.
Претходно денеска, претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, ги образложи причините за неповедување на постапка по поднесената иницијатива од Левица.
„Судот одлучи да не поведе постапка, едногласна беше одлуката. Три околности беа релевантни за Уставниот суд да ја донесе оваа одлука. Подносителот на иницијативата на 29 септември 2025 година го оспори Упатството за радиодифузерите за локалните избори 2025 година. Околност што ја ценеше Судот, беше тајмингот за одлучувањето по овој предмет и трета околност беше уставно-судската практика.
Во поглед на Упатството, тоа во хиерархијата на правните прописи е подзаконски акт. Подзаконските акти се потчинети на повисоките акти, односно на законските одредби. Ова Упатство не е ништо друго освен пресликување на законската одредба. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги(АВМУ) доколку постапела како што предлага подносителот на иницијативата, односно минутажата да биде распределена на трите пратенички групи од власта и трите што се во опозиција, во тој случај Агенцијата би си ги пречекорила своите законски овластувања. АВМУ била должна да го донесе ова Упатство, тоа е втемелено на закон и во суштина само ја операционализира законската одредба од членот 75-ѓ од Изборниот законик. Тоа значи дека нема никаков проблем со законитоста ова Упатство. Уставноста на ова Упатство е сосема друго прашање и тука се земаат предвид другите две околности. Првото е уставно-судската пракса. Овој суд во 2022 година, постапувајќи по иницијатива ја има ценето уставноста на членот 75-ѓ и одлучил да не поведе постапка. Сега повторно истиот подносител на иницијативата, кој е одличен правник но некогаш за жал го злоупотребува доброто познавање на правото за политички цели, повторно го оспорува членот 75-ѓ. Јас сум еден од судиите кои не мислел така како мнозинството во 2022 година и за тоа имам издвоено мислење и не можам да прејудицирам каква ќе биде одлуката на Судот кога ќе постапува по втората иницијатива за оценка на членот 75-ѓ од Изборниот законик, а секако би бил среќен доколку моето издвоено мислење стане мнозинско мислење. Третата околност е што одлуката за Упатството кое беше оспорено ја носиме на два дена пред изборниот молк и Судот ги зема сите можни последици од одлучувањето. За волја на вистината, подносителот на иницијативата како добар познавач на правото имал четири години можност да иницира законодавна акција, тој е и пратеник, да предложи измени и дополнувања на ИЗ, да предложи како ќе се надополнува минутажата одредена со законот“, рече тој.
Костадиновски рече дека подносителот на иницијативата требало да покаже малку поголема и политичка и правна и академска култура.
„Сакам еден апел да упатам преку вас медиумите, бидејќи станува збор за подносител на иницијатива, пратеник, професор, сметам дека треба да покаже малку поголема и политичка и правна и академска култура. Тој често користи несоодветен и некоректен речник, квалификувајќи ги постапките на Уставниот суд. Некогаш кога е задоволен од одлуките е во ред, некогаш не е во ред, меѓутоа кога станува збор за професор, претеник треба да покаже едно повисоко ниво на една правна, политичка па и академска култура“, рече тој.
Костадиновски кажа дека со народни пари премногу се плаќаат политичарите и политичките кампањи.
„Она што можам да кажам е моето лично мислење, а тоа е дека изборното решение е проблематично и за тоа имам напишано издвоено мислење на околу 15- тина страници, тоа е и веќе објавено во Службен весник, и тоа не само во делот кои се критериумите за распределба туку и самата суштина, дали постои легитимна цел со буџетски пари да се финансира политичка кампања? Но тоа се прашања на кои во наредниот период Судот ќе мора повторно да се произнесе.
Што значи критериумот „резултат од претходните избори”? Што значи во период од 4 години може да се појават нови политички субјекти и некои да згаснат, а плурализмот налага фер и еднакви услови за сите. Со спортски термин да кажам, некои политички партии ја почнуваат утакмицата со 3-0 предност, а некои политички субјекти кои се создале во меѓувреме и уживаат поддршка кај граѓаните можеби не добиваат ништо. Тоа е едната страна и лично мое мислење како судија, мој личен став и така ве замолувам да пренесете. Јас мислам дека со народни пари премногу се плаќаат политичарите, им се плаќа политичката кампања со буџетски пари, со Законот за финансирање на политички партии откако ќе завршат изборите по број на освоени гласови повторно со буџетски пари се плаќа, тие што се власт, тие што се опозиција земаат плати трипати со буџетски пари и откако ќе заврши мандатот некои функционери имаат право на апанажа, тоа се четири пати. Јас од тој аспект како судија го имам проблематизирано прашањето дали постои легитимна цел, дали е оправдано, дали е нужно“, рече Костадиновски.