Македонија
Студено утро, преку денот сончево со умерена облачност

Утрото ќе биде ведро и студено, а преку денот сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од северен правец.
Утринската температура ќе се движи од -9 до -2, а дневната од -2 до 7 степени.
Во Скопје и околината слично време со температура до 5 степени. /крај/ухрм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Со широко мнозинство усвоен извештајот за Македонија, Вајц рече дека е горд, а државата припаѓа во ЕУ

Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент со широко политичко мнозинство го усвои извештајот за Македонија, поднесен од европратеникот и известувач за земјата, Томас Вајц.
Вајц изрази задоволство и истакна дека е горд на целата напорна работа што беше вложена во наоѓањето компромиси за да може да биде донесен со широко политичко мнозинство овој, како што го нарече, добро избалансиран извештај.
„ЕУ мора да остане обединета со своите соседи во предизвикувачкиот геополитички пејзаж со кој се соочуваме. Северна Македонија припаѓа во ЕУ. По 20 години преговори, мора да го одржиме моменталниот добар моментум за понатамошно унапредување на процесот на проширување“, рече Вајц.
Извештајот наредно треба да биде одобрен на пленарното заседание на Европскиот парламент.
Извештајот првично требаше да се најде на дневниот ред на 4 јуни, но беше одложен на барање на Вајц. Тогаш тој нагласи дека посведочил интензивни политички дебати околу извештајот, но апсолутно стои зад документот. Потенцира дека се работи за извештај на Европскиот парламент и на Европската Унија, кој нема намера и нема за цел решавање на билатерални прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно изјави дека имало обиди да се нанесе удар на македонскиот идентитет, преку внесување на изрази како „модерен“ или „сегашен“ македонски јазик, но тие удари успеале да ги амортизираат.
На усвојувањето на извештајот најмногу се противеа бугарските европратеници. Бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев вчера изјави дека извештајот нема меѓународно правно обврзувачка природа, а Европскиот парламент нема надлежност да изразува мислење за прашања како што се идентитетот и јазикот.
Македонија
Осамна 100 ден по трагедијата во Кочани, веќе не молчиме, не простуваме: пораки на граѓаните низ центарот на Скопје

Осамна 100-тиот ден по трагедијата во Кочани. Молчевме, жалевме, марширавме, говоревме. Ветивме дека нема да заборавиме. За разлика од системот кој направи сè за да нè дефокусира и дискредитира, велат од граѓанското движење „Кој е следен“, потсетувајќи на 100 дена од трагедијата во Кочани.
„Викендов ве прашавме што би му порачале на системот на 100-тиот ден од трагедијата. И те како имавте што да кажете. Од тага и бол, преку гнев и бес, сè до јасни, недвосмислени повици за борба, за слобода, за правда.
Утрово ги закачивме вашите пораки, на кои додадовме и наши, на разни локации во центарот на градот. Ако градските служби не биле доволно ажурни, веројатно повеќето можете сè уште да ги видите.
Денес, сите заедно на системот му испративме вкупно 100 пораки од 100 различни гласа кои го артикулираат она што сите го мислиме и чувствуваме“, појаснуваат од ова движење.
Овие 100 крика за подобар систем, како што велат, не се само минливи желби и фантазии, ниту реторички прашања, туку критики за овој систем што нè убива.
„Наведнатата глава не ни помага, сабјата упорно нè сече. Затоа, мораме да ги дигнеме главите и да ги здружиме, и заедно да смислиме подобар систем кој ќе го брани животот, а не профитот.
Кочани, најдлабоко ти се извинуваме што дозволивме ова да ти се случи за да ни ги отвори очите. Но, сега нема назад. Веќе не молчиме. Не простуваме. Не забораваме.
Правда мора да има“, порачуваат од „Кој е следен“.
Македонија
Обвинителството донесе одлука во корист на правото на информирање на граѓаните за прашања од јавен интерес

Обвинителството донесе Решение за отфрлање на кривичната пријава против еден новинар и една телевизиска куќа, кои беа пријавени за кривично дело неовластено прислушкување и тонско снимање.
Подносителката на пријавата за време на пријавениот настан извршувала работни задачи на работно место – раководител на Одделението за односи со јавноста и информации за граѓаните во Град Скопје. Таа тврдела дека и била нарушена приватноста затоа што новинарот телефонски ја снимил и снимката ја емитувал во Дневникот на националната телевизија, со цел да ја праша за сообраќајниот метеж предизвикан од нефункционирање на сообраќајната сигнализација во Скопје.
„За постоење на кривичното дело – Неовластено прислушкување и тонско снимање, потребно е сторителот тонски да снима изјава којашто му е наменета, без знаење на тој што ја дава, со намера таквата изјава да ја злоупотреби или да ја пренесе на трети лица, односно потребно е сторителот непосредно да ја пренесе таквата изјава врз трети лица. Всушност, се работи за неправо кое се заснова врз противењето на оштетениот неговата изјава да биде регистрирана, односно пренесена на трето лице, како и врз посебната намера на сторителот за злоупотреба на изјавата или за нејзино пренесување врз трети лица“, велат од Обвинителството.
Испитувајќи ги наводите во пријавата, надлежниот јавен обвинител презеде повеќе дејствија, при што целосно го испита и потврди неформалното својство и работните задачи на подносителката во администрацијата на главниот град, како лице задолжено меѓу другото да остварува комуникација со медиуми во однос на активностите на органите на Градот Скопје, јавните претпријатија и јавните служби коишто се во надлежност на Град Скопје, иако таа тврдела дека во критичниот момент била вработена на проект во ЈУ „Универзална сала“- Скопје.
Покрај ова, јавниот обвинител низ призмата на конкретни пресуди од праксата на Европскиот суд за човекови права се произнесе и во однос на правото на информирање на граѓаните за прашања од јавен интерес наспроти правото на приватност на пријавителката.
Имено, согласно домашното и меѓународното законодавство, новинарскиот упад во приватноста е оправдан само ако постои доволна причина за тоа, односно ако упадот е оправдан со обемот на потенцијалната штета која може да произлезе од него, ако постои добра причина за мотивот, односно упадот да биде оправдан во поглед на јавниот интерес и јавното добро кое ќе следи по објавувањето на информацијата, доколку користените методи се во согласност со сериозноста на приказната и нејзиниот јавен интерес, но и доколку упадот нуди разумни изгледи за успех. Тајното снимање, под коешто се подразбира и снимањето без дозвола на телефонски разговори за можно емитување, како метод на крајна нужда во новинарското истражување, неспорно претставува упад во правото на приватност, но може да се користи кога тоа е оправдано со јасен јавен интерес. Европскиот суд за човекови права во Стразбур, преку пресудата во случајот Radio Twist a.s. против Словачка, нагласува дека тајните снимки во новинарското истражување, оправдани со јасен јавен интерес, особено може да се користат во ситуации кога истите не содржат невистинити и извитоперени информации, односно информации кои не предизвикуваат голема штета врз личниот интегритет и углед на лицето, чиешто право на приватност било предмет на упад при нивното обезбедување, како што е во конкретниот случај.
Надлежниот јавен обвинител, врз основа на прибраните и анализирани докази, оцени дека високиот јавен интерес во овој предмет е неспорен и дека обврска на пријавениот, како новинар кој ја обработувал предметната тема во конкретниот случај, било да ги повика на одговорност носителите на државни и јавни функции, да истражува и да ја расветли ваквата тема, бидејќи засегнатите граѓани на територијата на Град Скопје имале право да ги добијат таквите информации.
Од тие причини, јавниот обвинител оцени дека во дејствијата на пријавениот новинар и телевизијата не се содржани законски обележја на кривичното дело – Неовластено прислушкување и тонско снимање ниту пак на друго кривично дело за кое гонењето се презема по службена должност, па донесе одлука да ја отфрли пријавата. Донесеното решение е правосилно и потврдено од Вишото јавно обвинителство Скопје.
Воедно, имајќи предвид дека при секојдневното новинарско постапување, едно од клучните прашања кое создава дилема при остварувањето на нивната основна задача е токму прашањето за тоа што претставува јавниот интерес, бидејќи законските одредби не го дефинираат ова прашање, па новинарите како медиумски професионалци се ставени во ситуација да ја одредат рамнотежата, односно пропорционалноста помеѓу правото на приватност од една страна и правото на медиумите да објавуваат информации од јавен интерес од друга страна, Основното јавно обвинителство Скопје донесеното решение ќе го достави до новинарските здруженија и до невладините организации кои се занимаваат со прашањето на слобода на изразување во насока на поддршка на домашната правна пракса.