Македонија
Дијаспората првпат ќе гласа на претседателските избори

На престојните претседателски избори своето право на глас првпат ќе го оствари и дијаспората, па така 68 илјади македонски државјани кои живеат или работат во странство ќе гласаат за избор на нов претседател на Република Македонија, а своето право на глас ќе го остварат еден ден пред одржувањето на претседателските избори односно на 12-ти април.
Државната изборна комисија во средата едногласно го усвои јавниот повик на кој треба да се пријават сите заинтересирани.
Оваа бројка од 68 илјади гласачи од дијаспората произлегува од веќе евидентираните граѓани што во избирачкиот список се обележани со ѕвездичка и кои повеќе од три месеца живеат надвор од границите на матичната држава, а кои имаат право на глас.
Забелешка меѓу членовите на Државната изборна комисија по однос на оваа точка од дневниот ред на седницата имаше околу барањето веќе евидентираните избирачи кои живеат во странство повторно да се пријавуваат и да приложат докази за својот престој иако веќе еднаш се пријавиле и се забележани во избирачкиот список со ѕвездичка, а со тоа според некои од нив се успорувал процесот и се дуплирала работата.
Сепак, на крајот беше установено дека иако претходно била направена евиденција можно е во меѓувреме да настанале промени кај овие лица и според членовите на Државната изборна комисија добро би било повторно да се пријават, по што јавниот повик го оценија како добар и го изгласаа онака како што претходно беше срочен.
Предвидено е дијаспората да гласа во избирачките единици седум, осум и девет, а граѓаните кои живеат во странство ќе треба да пополнат образец кој се наоѓа на веб страната на Државната изборна комисија или во конзуларните претставништва и амбасадите, најдоцна до втори март.
За да го остварат своето право на глас, ќе треба да приложат биометриска патна исправа или документ со кој се потврдува дека имаат законски престој во земјите од странство како и пријава со личен потпис.
По однос на точката во која беше опфатен избирачкиот список, членовите на комисијата констатираа дека потребни се промени во неговиот изглед, бидејќи во досегашната практика евидентирани биле голем број проблеми поради кои во одредени избирачки единици дури биле и поништувани изборите./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.