Македонија
Претстои седмица на пролетни температури
Од понеделник започнува цела недела во којашто временските прилики многу повеќе ќе наликуваат на пролетни отколку на зимски, про што температурите ќе достигнат до 18 Целзиусови степени.
Во Македонија во утринските часови има појава на слаба магла, а во текот на денот ќе биде претежно сончево со локална облачност и ветровито. Ќе дува засилен јужен и југоисточен ветер, а во западните предели ќе дува засилен југозападен ветер со брзина до 30 километри на час. Утринските температури се движат од минус 2 до 5 Целзиусови степени, додека дневните ќе се движат од 9 до 16 Целзиусови степени.
Во Скопје во утринските часови има појава на слаба магла, а во текот на денот ќе биде претежно сончево со локална облачност и ветровито. Утринската температура е од 2, а дневната температура ќе достигне до 13 Целзиусови степени.
Ваквото време ќе продолжи со незначителни осцилации до крајот на седмицата./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Тренчевска: СДСМ ќе поднесе претставка до Уставниот суд по срамната Резолуција
СДСМ ќе поднесе претставка до Уставниот суд по срамната Резолуција во Собранието, објави потпретседателката на партијата, Јована Тренчевска.
„Од овде, од пред Уставниот суд испраќаме гласна порака: СДСМ нема да дозволи гушење на демократијата и слободата на говор. Заедно со граѓаните ќе ја одбраниме Македонија, ќе ја одбраниме демократијата. ДПМНЕ–ЗНАМ усвоија неуставна Резолуција со која директно се загрозуваат слободата на говорот и слободата на политичко дејствување на опозицијата“, рече таа.
Според Тренчевска, целта на власта е да ја замолчи опозицијата и да се забрани било каква дебата за договорот -мигранти за пари, да се спречи вистината да излезе на виделина.
„Секој што ќе зборува јавно за мигранти, да се таргетира со закани за кривични пријави и затвор. Затоа и забрзано работат на воспоставување контрола врз судството и обвинителството“, рече таа и истакна дека ќе биде поднесена претставка до Уставниот суд за уривање на уставниот поредок.
Според неа, Резолуцијата е спротивна на Уставот во делот на основни човекови слободи и права на граѓанинот – слободата на изразување која е неприкосновена.
Тренчевска најави и дека ќе се обратат до сите релевантни меѓународни институции и ќе побараат помош и од институциите на ЕУ, од сестринските партии во Европа.
Македонија
Нова кривична пријава за поранешниот градоначалник на Струмица
Полицијата поднесе кривична пријава за „несовесно работење во службата“ и „злоупотреба на службената положба и овластување“ против поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, и двајца вработени во општината.
„СВР Струмица, до Основното јавно обвинителство Струмица, поднесе кривична пријава против К.К.(35) и Б.Ш.(64), двајцата од Струмица, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „несовесно работење во службата“ и против И.Г.(54) од Струмица поради постоење основи на сомнение дека сторила кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување““, информира МВР.
Пријавената И.Г., во својство на раководител на Одделението за администратирање на приходи при општина Струмица, постапувајќи спротивно на одредбите од Законот за даноците на имот, во четири наврати ги пречекорила своите овластувања со тоа што изготвила решенија за даночно ослободување од данокот на промет на недвижен имот при продажба на станови од станбена куќа со наменска класификација А1.
Ваквото ослободување од плаќање било направено повикувајќи се на член 25 од Законот за даноците на имот, меѓутоа одредбите за таквото даночно ослободување се однесувале само за станбени згради и станови кои согласно класата на намени се со номенклатура А2.1, но не и за станбени куќи со номенклатура А1.1, за кои и биле изготвени решенијата. Исто така, И.Г. во три од четирите решенија, во отсуство на пријавениот Б.Ш., се потпишала и во полето Потврдил-контролирал.
Пријавениот Б.Ш., во својство на Раководител на Секторот за финансиски прашања при општина Струмица и пријавениот К.К., во својство на градоначалник на општина Струмица, постапиле несовесно при вршењето на своите службени овластувања и пропуштиле должен надзор при постапувањето по тие предмети и ги потпишале изготвените решенија за даночно ослободување изготвени од И.Г..
Со ваквите дејствија пријавените лица го оштетиле буџетот на општина Струмица за износ од 668.388 денари.
Костадинов ги отфрли обвинувањата и кажа дека се работело според законот.
Македонија
Надминат прагот на штетни честички во воздухот во Кичево и Струмица, соопштија надлежните
Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 150 mg /m3 во текот на два последователни денови) е надминат на мерното место Кичево и Струмица.
„Прагот на алармирање е дефиниран во Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели (Службен весник на Република Македонија бр. 183 од 14.12.2017 година)“.

(Во табелата се прикажани среднодневните концентрации на PM10 на мернoто место и деновите каде има појава на надминување на праг на алармирање).
Од ресорното министерство потенцираат дека согласно настанатата состојба, за Струмица важат следните мерки: Да се интензивираат вонредните инспекциски надзори на инсталациите со А-Интегрирана еколошка дозвола;
Да се интензивираат вонредните инспекциски надзори на терен за контрола на инсталациите со Б-Интегрирани еколошки дозволи и Елаборати;
Инсталациите со континуиран мониторинг да овозможат јавен пристап на измерените податоци;
Да се интензивираат вонредните контроли на техничката исправност на возилата, особено оние со дизел горива и нерегистрирани возила;
Да се интензивираат вонредните контроли на градилиштата;
Забрана на горење на отворено;
Се препорачува на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар;
Се препорачува на сите правни субјекти (работодавци) да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11.00 до 17.00 часот;
Се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.

