Македонија
Висока делегација на НАТО во посета на Македонија

Работната посета на Високата делегација на НАТО, предводена од официрите Франк Боланд и Гордон Дрејк, е во рамки на зацврстување на билатералната соработка помеѓу Македонија и НАТО, како и редовната евалуација на постигнатиот напредок во развојот на системот за одбрана на Македонија и новиот пакет Партнерски цели 2014, кои Македонија како аспирант за рамноправно членство во Алијансата ги добива на секои две години.
По тој повод во регионалниот центар за односи со јавност во Касарната Гоце Делчев, тимот на експерти предводен од Државниот секретар Сашо Стефаноски заедно со претставници и експерти од Армијата на Република Македонија, Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи, Министерството за финансии, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување како и одбранбените аташеа на земјите членки на НАТО акредитирани во Република Македонија ја информираа Високата делегација на НАТО за посветеноста на Република Македонија за континуиран и долготраен придонес во меѓународните мисии и операции, за напредокот во тековната трансформација на Армијата, за развојот на распоредливите способности, за предизвиците во опремувањето и модернизацијата на Армијата, за регионалната одбранбена соработка во рамките на регионалните форуми за соработка, за буџетот во одбраната како и за расположливите капацитети на АРМ кои можат да одговорат на НАТО потребите и стандардите.
Во дискусиите беше истакнато дека Република Македонија како одговорен член на меѓународната заедница и долгогодишен посветен партнер на Алијансата, уште еднаш ја потврдува својата политичка посветеност за продолжување на учеството во мировните мисии по 2014 година како и својата подготвеност да биде дел од пост ИСАФ мисијата во Авганистан – „Одлучна поддршка“ со сите свои национални капацитети и способности а согласно потребите и барањата на НАТО Алијансата. Покрај ова во разговорите со Високата делегација на НАТО, беше поздравена Одлуката на Владата на Република Македонија за усвојување на ажурираниот Долгорочен план за развој на одбраната на Република Македонија 2014 – 2023 со кој нашата земја останува силно посветена во планирањето и имплементирањето на одбранбените реформи.
Од страна на претставникот на НАТО тимот Гордон Дрејк, беше поздравено одржувањето и унапредувањето на интероперативноста на Република Македонија во имплементацијата на партнерските цели 2012 како и трансформацијата на Армијата и нејзината пополнетост со 90 проценти персонал и развојот на распоредливите капацитети и способности, ставајќи акцент на целосната професионализација на истата.
Работната посета на Високата делегација на НАТО продолжува и во среда./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Осуда од Ковачевски за каменувањето на македонскиот клуб во Бугарија: Очекувам да го санкционираат вандализмот во најкраток рок

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски најостро го осудува вандалскиот чин, на каменување на македонскиот клуб „Никола Јонков Вапцаров” во Благоевград.
Тој преку својот Фејсбук профил, порача дека очекува во најкраток можен рок, институциите во Република Бугарија да ги најдат сторителите и соодветно да ги казнат.
„Каменувањето на македонскиот клуб „Никола Јонков Вапцаров” во Благоевград е чин на вандализам кој најостро го осудувам. Ваквите активности не соодвествуваат на договорената политика за унапредување на добрососедските односи, взаемното почитување и пријателство меѓу две соседни држави. Очекувам од страна на надлежните институции во Бугарија во најкраток можен рок да се пронајдат и санкционираат сторителите и да се осуди вандализмот. Северна Македонија во духот на европските вредности, ќе продолжи со заложбите за зацврстување на дипломатската и позитивна агенда меѓу Северна Македонија и Бугарија“, пишува во објавата на премиерот Ковачевски.
Македонија
ЦУК: Пожар кај селото Миладиновци

Искрење на бандера, предизвика пожар помеѓу селото Миладиновци и рафинеријата ОКТА.
Центарот за управување со кризи на својот фејсбук профил објави дека во моментот се интервенира на негово гаснење.
,,Во 19:05 часот на телефонскиот број 112 пријавен е пожар помеѓу селото Миладиновци и рафинерија ОКТА кој настанал како резултат на искрење на бандера и истиот се проширил на околната сува трева. Во моментот на местото на настанот се екипи на БППЗ на Град Скопје и полиција. Се интервенира на негово целосно гаснење и во моментот нема опасност од негово проширување”, се вели во соопштението од ЦУК.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ го осуди демолирањето на македонскиот клуб во Благоевград: Да запре говорот на омраза кон Македонците во Бугарија

ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува демолирањето на македонскиот клуб во Благоевград. Вандализмот не е добрососедство и не може да биде. Негирањето на Македонија, но и на Македонците во соседството е пред се резултат на поданичкиот однос на власта, која го дозволи и мотивира тој однос, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека сега Ковачевски и Пендаровски на дело гледаат кај ја донесоа државата и македонскиот народ. Народот не смее да биде жртва на власта, затоа и ВМРО-ДПМНЕ бара промени. Потребна е власт која ќе се грижи за народот.
Упатуваме апел и до Бугарија и до меѓународните институции во таа земја, што побрзо да се откријат вандалите, истите да се казнат и да се запре со говорот на омраза против Македонците, се вели во соопштението.