Македонија
Седница за распуштање на Собранието
Собранието на Република Македонија во среда напладне ќе ја започне 87 – та седница на чиј дневен ред е Предлог – одлуката за распуштање на собранискиот состав.
Седницата следи откако во саботата Демократската унија за интеграција (ДУИ), поднесе Иницијативата за распуштање на Собранието и ги оствари своите најави дека доколку не биде исполнето нивното барање за консензуален кандидат за претседател на државата ќе бара предвремени парламентарни избори.
Иницијатива за распуштење на Собранието на Република Македонија покренаа пратениците Неџати Јакупи, Али Ахмети, Џеват Адеми, Ирфан Деари, Сузана Салиу, Бехиџудин Шехаби, Недим Рамизи, Рафет Муминовиќ, Ермира Мехмети, Вјолца Мехмети Нуредини, Јулиета Марку, Хајрије Мисими, Реџаиљ Исмаили, Дешира Имери и Хајрула Мисини.
Ваквата иницијатива во саботата ја прифатија и од владејачката ВМРО – ДПМНЕ, со што беше донесена одлука за новиот парламентарен состав да се гласа на 27 април, односно на денот кога ќе се гласа втор круг од претседателските избори.
Опозициските СДСМ и НСДП исто така ја прифатија иницијативата на ДУИ.
Според Уставот, Собранието се распушта доколку за тоа се изјаснат мнозинството од вкупниот број пратеници.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека причината за иницијативата на ДУИ за предвремени парламентарни избори не е неприфаќањето на нивниот предлог за консензуален претседателски кандидат, туку барањето да добие едно од трите раководни места во државата.
„ВМРО-ДПМНЕ не подлегнува на уцени и закани. Веќе е јасно зошто бараат консензуален кандидат, за да не го добијат, и, како што отворено најавија, да одат на обид за пропаѓање на претседателските избори, а потоа да извршат притисок за промена на Уставот со цел партиите, а не граѓаните, да го бираат претседателот на државата. Но, тоа не е крајната цел. Крајната цел е претпоставката дека ако ВМРО нема 62 пратеници по парламентарните избори, да условат со барање за еден од тројцата – премиер, претседател на Собрание или претседател на држава да биде предложен од редовите на ДУИ”, рече Груевски на Конвенцијата за избор на претседателски кандидат.
Од СДСМ побараа Владата да го реши проблемот со двата различни рокови за заклучување на избирачкиот список, со почитувањето на роковите за предизборна кампања, како и со медиумското претставување и веднаш да предложи измени на Изборниот законик кој не предвидува решенија за совпаѓање на парламентарните со вториот круг претседателски избори./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средба со коалицијата: доби поддршка за отпочнување на преговори за состав на идната влада
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска оствари средба со претседателите на партиите во состав на Коалицијата „Твоја Македонија“.
Беше констатирано дека Коалицијата оствари успешен и историски резултат кој создава и одговорност за реализирање на очекувањата.
Мицкоски доби поддршка од претседателите на коалициските партии за отпочнување на преговори за состав на идната влада.
Според заклучокот на состанокот разговорите треба да се водат на основа на постулати за забрзан економски развој на Македонија, силна борба против криминалот и корупцијата и европските интеграции врз база на принципи и вредности, соопштија од партијата.
Македонија
Лукаревска: СДСМ секогаш бил достоинствен заради зрелоста на неговите раководства да се соочат со поразот и одговорноста, јас не сакам да бидам исклучок
Изборните резултати ја искушуваат нашата искреност како политичари и искреноста на нашите зборови дека сме ја разбрале вашата порака, напиша на социјалните мрежи, потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, откако неколку членови и партиски функционери во СДСМ претходно си поднесоа оставки.
СДСМ, додава таа, секогаш бил достоинствен и заради зрелоста на неговите раководства да се соочат со поразот и со одговорноста.
„Јас не сакам да бидам исклучок. Благодарам за укажаната доверба да бидам заменик претседател на СДСМ. И таа должност ја извршував со почит, совесно, одговорно и чесно. Секако, со поддршка од сопартијците и незаменливата потпора од моите родители. Благодарам е најмалку што можам да им речам.
Горда сум што 8 мај беше празничен ден за демократијата. Тоа беше и суштината на борбата на СДСМ за ослободување од „заробената“ држава. Воедно, им благодарам на сите граѓани за секој глас за СДСМ, особено во третата изборна единица. Вредна за внимание е и пораката од оние кои не излегоа на гласање, како и на оние кои гласаа против.
На ред е нашата внатрепартиска средба со вистината. На отчетниот Конгрес на СДСМ неминовна e отворена, искрена и самокритична анализа на нашите погрешни чекори, на лошите кадровски решенија како и за нашата немост за успешните политики кои ги спроведовме во исклучително тешки услови предизвикани од светските кризи.
Го презедовме товарот и на тешките политички одлуки. Но, тоа е СДСМ на кого државата, нејзината стабилност и иднина секогаш му биле пред сė и над сė. Така било. Така мора и да остане“, порача во напишаното Лукаревска.
Оценува дека на Македонија и е потребен СДСМ.
„Што побргу заедно ја консолидираме партијата толку побргу ќе можеме да кажеме – тука сме. Јас верувам во СДСМ, а уште повеќе во неговата сила да се реформира, да се обедини и да се подготви.
Честитки на победникот и на сите 120 пратеници.
Во искреното соочување со причините за изборниот пораз е нашата прва победа. Тоа е најмалку што им го должиме на сопартијците, на симпатизерите и поддржувачите на СДСМ, но и на демократска Македонија“, додава Лукаревска.
Македонија
Трет состанок на политички директори во рамките на претседавањето со ПСЈИЕ
Денеска, во Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија се одржа третиот состанок на политички директори на учесниците на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), на кој присуствуваа и претставници на Советот за регионална соработка (СРС) и на Европската Унија.
На состанокот беа разгледани кандидатурите за избор на генерален секретар на Регионалниот совет за соработка (РСС) и предлог-текстот на Заедничката декларација во пресрет на министерскиот состанок, што ќе се одржи во рамките на нашето претседавање со ПСЈИЕ.
Северна Македонија со ПСЈИЕ претседава во периодот јули 2023 – јуни 2024 година со мотото „Премостување поделби, градење доверба“.