Македонија
Издадени 155.444 лични карти и 208.509 пасоши во 2013
Вкупно 155.444 лични карти и 208.509 пасоши биле издадени во 2013 година, стои во извештајот од областа на управно надзорните работи на Министерството за внатрешни работи.
„Во 2013 година, издадени се вкупно 155.444 лични карти, од кои 109.377 се лични карти на македонски јазик, додека 46.067 се двојазични лични карти. Лани за првпат лична карта извадиле 35.978 лица, а 103.552 биле заменети по разни основи. Во матичните книги определени се вкупно 39.322 нови матични броеви, а донесени се вкупно 815 решенија со кои се поништува погрешно определен матичен број, додека донесени се 3.312 решенија за промена на личното име”, стои во извештајот.
Минатата година биле издадени 208.509 патни исправи што е 24 проценти помалку во однос на 2012 година, а на 1.090(948 во 2012г.) лица им се одземени пасошите.
Во Извештајот се наведува дела во дипломатско – конзуларните претставништва на Република Македонија во странство, обработени се вкупно 2.071 поднесено барање за патни исправи, од кои вкупно се издадени 2.071 патна исправа и тоа, во САД – Њујорк, Чикаго и Детроит се издадени 643 патни исправи , во Австралија – Канбера и Мелбурн – 277 патни исправи и во Германија- Бон, Берлин и Минхен-446 исправа.
Во делот на постапките за стекнување и отпуст на македонско државјанство е постапувано по 1.654 барања за стекнување на државјанство на Р.Македонија и 1.096 барања за отпуст од македонско државјанство. Притоа, донесени се 2.608 (2.352) решенија, од кои 2.368(2.130) се позитивни, а 240 (222) негативни. Од вкупниот број позитивни решенија, 1.157(1.073) се за прием во државјанство, 154(120) решенија за утврдување државјански статус, а 1.057 (937) за отпуст од државјанство на РМ. Наедно издадени се и 85.581 уверенија за државјанство.
Во текот на 2013 година поднесени се вкупно 4.799(4.141) барања за издавање на одобренија за набавување на оружје, од кои се издадени 2.266(2.304) одобренија, 1.065 барања се одбиени, а останатите 1.468 барање, сево постапка на одлучување. Регистрирани се вкупно 6.871 парчиња оружје, од кои 2.576 се ново регистрирани, а 4.295 се пререгистрирани парчиња оружје.
Во областа на сообраќајот, лани во Р.Македонија биле регистрирани вкупно 415.392 возила, при што, за првпат се регистрирани 44.349 нови и половно -увезени возила, регистрацијата е продолжена на 369.505 возила. Исто така, издадени се 21.345 нови возачки дозволи, на лица кои за прв пат полагале возачки испит, потоа важноста е продолжена на 71.636 дозволи, а издадени се и 6.656 дупликати.крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Димитриевски: Владата на Мицкоски им ги скрати субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра
Од времето на СДСМ кога субвенциите беа 140 милиони евра, Мицкоски ги намали на 100 милиони евра. Ова е огромен удар врз земјоделците, врз нивниот труд, нивните семејства и егзистенција, оценува Александар Димитриевски од СДСМ.
„Пред избори, ВМРО ОКГ на земјоделците им ветуваше 180 милиони евра субвенции.
Наместо да ги зголемат субвенциите, ги излажаа земјоделците. Сега им ги намалија за 80 милиони евра помалку од тие што им ги ветува. Дополнително им ги усложнија условите.
80 милиони евра директно одземени од маката, трудот и егзистенцијата на земјоделците, од луѓето кои произведуваат храна.
Мицкоски ги понижи и ги измами земјоделците“.
Како што додаде, кратење има на сите страни и усложнување на условите, со зголемување на прагот за добивање на субвенции.
„Кај поледелските култури, кај пченицата, кај лозарството и овоштарството, намалени субвенции за тутун, за кокошки.
Ги укинаа сите добри мерки што ги воведе владата на СДСМ. Ја укинаа авансната исплата на субвенциите, земјоделецте останаа без сигурност, без поддршка, без чувство дека трудот им се вреднува.
Оваа влада крати од сите, само за да има за сопствениот луксуз, само да има за криминални тендери.
Нема пари за минимална плата од 600 евра, нема пари за повисоки субвенции за земјоделците, ама власта има пари за криминални тендери, нов авион, за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“.
СДСМ, посочи тој, бара итна ревизија на програмата, враќање на средствата и вистинска поддршка за малите и средни земјоделци.
„Земјоделството не смее да биде жртва на криминалните политики на ВМРО-ОКГ“.
Македонија
„Падна една недопирлива, победи јавниот притисок“ – Левица за оставката на антикорупционерка Цвета Ристовска
Од партијата Левица денеска реагираа на оставката на Цвета Ристовска од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), оценувајќи ја како директна победа на јавниот притисок, вистината и истрајноста на нивната партија во разобличување на, како што велат, клиентелистичките структури.
„Оставката на Ристовска не е личен чин, туку резултат на разобличување на коруптивните врски што ја компромитираа Комисијата. Тоа е признание дека фактите беа неоспорни и дека јавноста не може повеќе да се лаже,“ се наведува во соопштението од партијата.
Од Левица потсетуваат дека тие јавно ги обелодениле фактите поврзани со, како што велат, непријавени интереси и компании на синовите на Ристовска, кои добивале милионски средства од партиски каси, како и наводното системско прикривање во рамки на ДКСК.
„Сите обиди за релативизирање, за правни акробации и за прикривање зад бирократски флоскули паднаа во вода“, додаваат.
Покрај тоа, од партијата бараат да се ревидираат и одблокираат предметите поврзани со: директорот на АНБ, Бојан Христовски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, компанијата „Сити Аутсорсинг“, во врска со директорот на СОЗР Ивица Томовски и добиените 161 јавна набавка.
„Ова е само почеток. Ќе им дишеме во врат на сите корумпирани структури на ДПМНЕ, без исклучок. Секој функционер кој мисли дека може да ја злоупотребува функцијата или да се штити зад партиски чадор, треба да знае дека следниот предмет може да биде токму негов“, се вели во партиското соопштение.
Од Левица упатуваат повик до сите службеници, институционални вработени и граѓани кои располагаат со информации за корупција и клиентелизам да продолжат да ги доставуваат до партијата.
„Левица ќе ги штити изворите и бескомпромисно ќе ја изнесува вистината во јавноста.“, уверуваат.
Соопштението завршува со зборовите: „Денес падна една ‘недопирлива’. Утре ќе паднат и други. Борбата продолжува.“
Македонија
Цвета Ристовска поднесе оставка од Антикорупциската комисија: „Никогаш немав намера да прикријам информација“
Членката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска, поднесе неотповиклива оставка од функцијата, која ја доставила до претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Во писмото, Ристовска наведува дека одлуката ја донела по „неделни јавни полемики и сомнежи изнесени во врска со нејзината работа“ во Комисијата. Таа вели дека целата своја професионална кариера, вклучително и работењето во ДКСК, ја извршувала „законито, совесно и со најдобра намера“.
„Жалам доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, доведоа до неосновани сомнежи во јавноста“, наведува Ристовска во оставката.
Таа потенцира дека во секоја ситуација во која постоела можност за судир на интереси, побарала изземање согласно законот, и отфрла дека имала намера да прикрие информации.
„Напротив, ги почитував законските обврски. Убедена сум дека секој што извршува јавна функција, мора да покаже највисок степен на личен и професионален интегритет“, додава таа.
Претходно, ДКСК отвори два предмети за Ристовска, за проверка на судир на интереси и непријавување имот.
Ова е нов случај на оставка во Антикорупциската комисија за помалку од една година. Во 2025 година, оставка поднесе и тогашната претседателка Татјана Димитровска, откако против неа беше поднесен обвинителен предлог за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат, поврзани со случајот „Адитив“.

