Македонија
Со проектот „Рурален доктор" прегледани над девет илјади граѓани
Во јануари и февруари годинава, со пилот проектот „Рурален доктор” биле прегледани повеќе од девет илјади граѓани, а овој проект со кој се опфатени жители на населени места во Македонија кои немаат директен пристап до лекар во нивното место на живеење, ќе продолжи и понатаму, соопшти министерот за здравство Никола Тодоров.
Тодоров вели дека речиси 360 илјади граѓани ќе бидат директни бенефитори од овој проект.
„Веќе се отворени и функционираат 309 пунктови во кои ќе работата доктор и сестра во точно определен ден и час во текот на неделата, како и 538 населени места кои ќе бидат посетувани од граѓаните преку патронажа составена од доктор и сестра. Оваа распределба е направена затоа што има дел од селата во кои има поголем број жители и во нив е потребно да има доктор во определен ден од неделата еднаш или два пати, но има и села со помал број жители (50 до 60) кои ќе бидат посетувани од патронажен тим. Во скопскиот регион ќе се посетуваат 61 населено место и за два месеци колку што траеше пилот проект се прегледани 1.384 жители, а тука спаѓаат села кои се оддалечени од Скопје (10, 20, па и повеќе километри), чии жители досега немале пристап до здравствена заштита или имале, но сега немаа”, потенцира Тодоров.
Тодоров посочил дека во процедура е вработување на 30 доктори и 22 медицински сестри кои ќе се приклучат на постојните тимови кои веќе работат на овој проект.
Како еден од примерите за успехот на овој проект, Тодоров го истакна селото Љубанци, кое брои 766 жители до пред неколку години имаше лекар, потоа еден период немаше, а сега во рамки на проектот „Рурален доктор” повторно функционира здравствена ординација со лекар кој ќе го посетува тоа населено место еднаш неделно.
„Во селата Горно Свиларе, Грчец, Брест и Глуво отворени се здравствени пунктови кои ќе бидат посетени од медицински тим еднаш неделно, за разлика од порано кога на овие граѓани не им било овозможена здравствена заштита во сопственото место на живеење. Во скопскиот регион селата Раштак, Јурумлери, Трубарево, Горно и Долно Коњари и Бањани медицински тимови ќе ги посетуваат еднаш неделно во отворените здравствени пунктови”, додаде Тодоров, објаснувајќи дека при посетите, медицинските тимови на граѓаните им пружаат основни здравствени услуги, како што се мерење на притисок, холестерол, гликемија и аплицирање на ампуларна терапија./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски: За два дена од Скопје се исчисти над четири и пол илјади тони отпад, скопјани имаат човек на кој може да се потпрат
Над четири и пол илјади тони отпад или четири до пет пати повеќе од секој вообичаен викенд што се собирало во Скопје се собрани во акцијата за чистење што ја почна новиот градононачалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски веднаш по преземањето на градоначалничката функција.
Во изјава дадена вечерва на плоштадот „Македонија“ по изминувањето на 72 часа, Ѓорѓиевски рече дека акцијата е успешно реализирана и дека во неа биле вклучени над две и пол илјади работници.
– Успешно ја завршивме оваа акивност на која се обврзавме дека ќе ја реализираме во 72 часа, иако состојбата на почетокот беше нереално да ја изведеме и сработиме како задача што самите си ја поставивме бидејќи беа десеткувани структурите во јавните претпријатија од аспект на организацијата и механизацијата со која располагаат. Кога ја презедов функцијата известив дека Комунална Хигиена имаше 16 камиони, денеска имаме повеќе од 40 камиони, но нашата тенденција е до петок да бидат околу 60 функционални камиони што значи дека ќе бидеме целосно самостојно оперативни. Изминатиот период тоа го бајпасиравме и со општествено одговорни компании кои сериозно ни помогнаа, како и градоначалниците на Тетово, Кавадарци, Штип, Велес и останатите, изјави Ѓорѓиевски.
Како што информираше, исчистени се сите микролокации во населените места, плоштадот „Македонија, Градскиот парк, Жена парк, речното корито на Вардар, депонијата кај Градските гробишта Бутел, а почнато е чистењето и на депонијата Вардариште.
– Освен микродепониите, исчистено е и речното корито на Вардар и после 10-тина години вештачки создадените островчиња од земја и разни наноси се исчистени. Плоштадот не беше испран долго време, третирано е и целото партерно уредување, мостот, Градскиот парк, Жена парк, односно сите места кои во минатото беа срам за Скопје. Нема да дозволам да се повтори грдата слика што ја гледавме во Скопје, нагласи Ѓорѓиевски.
Најави дека се прави оперативен план за дејствување и во следниот период и оти фокусот во зимскиот период ќе биде на решавање на овие состојби, а веќе напролет ќе почнат градежните активности.
– Скопјани да бидат спокојни, имаат човек на кој може да се потпрат во секое време и човек кој апсолутно ќе даде се од себе заедно со својот тим во наредниот период да не поминуваат низ голгота каква што имавме изминатите четири години, рече Ѓорѓиевски.
Македонија
Ѓорѓиевски со предупредување до граѓаните, ќе се казнува секој што ќе фрла отпад
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека акцијата за чистење „72 часа“ се одвива одлично, со цел градот да изгледа „чисто, како што му доликува“.
Ѓорѓиевски рече дека во акцијата вклучени се повеќе од 2.500 луѓе и над 100 возила.
Градоначалникот упати апел до граѓаните за одговорно однесување, предупредувајќи дека несовесното одложување на отпад нема да се толерира.
„Досега напишани се десетици казни на неколку правни субјекти, а оваа пракса ќе продолжи за секој оној кој го загрозува нашето здравје. Да го чуваме Скопје,“ порача Ѓорѓиевски.
Македонија
Почнува откупот на тутунот
Привршуваат подготовките за стартот на откупот на тутунот, кој законски почнува од 15 ноември и трае до 28 февруари наредната година.
Според Кире Ристески, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија, останува 10-те откупувачи кои треба да преземат околу 22 000 тони тутун да ги верификуваат мострите, да ги истакнат на 17 ноември, и од 18 ноември да ги отворат вратите на откупните пунктови во земјава.
„Од понеделник почнуваат да се верификуваат мосттрите тутун во Институтот за тутун во Прилеп. Тоа ќе трае до петок, 14 ноември. Од понеделник, 17 ноември, откупните компании ќе може да ги подигнат и на 18 ноември може да ги отворат пунктовите. Ние како Сојуз сме подготвени да почне откупот на тутунот. Имаме капацитет, односно повереници, за да ги покриеме сите ваги, а годинава во земјава се 337 откупни ваги што е најмногу досега, така што се очекува тутунот да се купи што побрзо и со добар квалитет“, изјави Ристески.
Сојузот сѐ уште преговара за повисоки цени, но Ристески смета дека тутунот ќе биде подобро платен од лани.
„Со компаниите преговараме, но може да тврдам дека поради високиот квалитет на тутунот ќе биде подобро платен од ланската реколта“, смета Ристески.
Поради сушата родот е намален. Откупувачите очекуваа 26 000 тони, но реколтата може да тежи најмногу до 22 000 тони, сметаат од Сојузот.
Јусуф Ибраими, тутунопроизводител од долненското село Житоше со нетрпение чека да почне откупот на тутунот. Има околу 3,5 тони квалитетен род кој, се надева, ќе постигне повисока цена, иако сушата ги намали приносите.
„Иако ги зголемивме површините годинава, сушата во летото го зеде данокот. Малку се подобри ситуацијата, за 10-ина проценти, со дождовите во септември и родот ми е околу 3,5 тони. Очекувам да постигнам повисока цена од ланската“, рече Ибраими.
Со неодамнешните измени во Законот за тутун, се забранува увоз на тутун во текот на откупната кампања, од 15 ноември до 28 февруари.

