Македонија
ФЗОМ: Три бањи оштетиле осигуреници за 11 милиони денари
Три бањи кои имаат склучено договор со Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) им наплаќале на осигурениците дополнителни средства за услугите, со што во 2013 година ги оштетиле за 11 милиони денари.
ФЗОМ ги задолжи Катлановска бања и бањите Дебарски – Цапа и Цар Самоил – банско да им ги врати парите на граѓаните во рок од три месеца.
При извршена контрола на бањите кои имаат склучено договор со ФЗОМ, во април годинава, биле констатирани фрапантни неправилности во три од четирите контролирани бањи, односно злоупотреба на средствата на осигурениците во делот на наплата на дополнителни средства за користење на термо-минерална вода и сместувањето, соопшти директорката на Фондот Маја Парнарџиева Змејкова.
„Во Катлановска бања на сите 1.366 осигуреници им се наплатени дополнителни средства за користење на термоминерална вода во висина од 200 денари на ден. Дополнително на повеќето на нив им е наплатувано за натстандардни услови на сместување (соба) во износи од 50 или 150 денари на ден. Овие средства не требале да бидат наплатени на осигурениците. Само за 2013 година на оштетените осигуреници им се наплатени околу 7,8 милиони денари повеќе. Индивидуално гледано, осигуреникот наместо да плати 4.200 денари за целокупниот престој во времетраење од 21 ден по основ на партиципација, му наплатувале 11.500,00 денари вкупно. Во Дебарски бањи – Цапа вкупно 400 осигуреници се оштетени во износ од околу 2,1 милион денари. Индивидуално гледано, осигуреникот наместо да плати 4.200 денари за целокупниот престој во времетраење од 21 ден по основ на партиципација, му наплатувале 10.500,00 денари вкупно. Во Цар Самуил-Банско 119 осигуреници се оштетени во износ од околу 750.000,00 денари. Индивидуално гледано, осигуреникот наместо да плати 4.200 денари за целокупниот престој во времетраење од 21 ден по основ на партиципација, му наплатувале 11.500,00 денари вкупно”, појасни директорката.
Таа ги повика осигурениците кои користеле специјализирана медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување во 2013 година во горенаведените бањи, да ги проверат наплатените средства по ден и доколку им се незаконски наплатени средства за натстандардни услуги или услови на сместување, да се обратат во бањата каде престојувале, за да извршат поврат на истите.
За 2013 година, информираше Парнарџиева Змејкова, осигурениците се оштетени во вкупна вредност од 11 милиони денари (2000 осигуреници). Фондот, додаде, ги задолжи бањите да направат поврат на средствата во рок од три месеци.
„Повратот од бањите осигурениците може да си го реализираат без разлика дали потпишале изјава за користење на натстандардна услуга (а користеле стандардна), како и без разлика дали ги чуваат сметките, бидејќи, целокупната финансиска документација мора да ја има бањата. Доколку осигурениците се соочуваат со истава неправилност и во оваа 2014 година, ги повикуваме да си побараат поврат на средствата од бањите”, порача Парнарџиева Змејкова.
Фондот годишно издвојува 70 милиони денари за плаќање на здравствените услуги за осигурениците кои ги користат во четирите бањи.
„При остварување на правото на специјализирана медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување осигуреното лице учествува со лични средства (партиципација) во вкупниот трошок на здравствени услуги во износ од 200 денари за користење на стандардни услови на сместување (собата). Учеството од 200 денари на ден го опфаќа и користење на термоминералната вода на бањата”, појасни директорката на ФЗОМ. За сите информации осигурениците можат да се јават во Фондот на бесплатнaта инфо- линија 0800 33 222, во сектор контрола 3289 010, 3289 011, 3289 005, или во сектор финансиска контрола 3289 029, како и на инфо-меилот ( [email protected]), а и на мобилниот телефон 076/339 180 во текот на работењето на втората смена на Фондот од 12h-20h.крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

