Македонија
Иванов ќе ги прими акредитивните писма на четворица нови амбасадори
Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, во четврток ќе ги прими акредитивните писма на четворицата новоименувани амбасадори од Република Полска, Јацек Стефан Мултановски, на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Чарлс Едмонд Гарет, како и на Народна Република Кина, Вен Џеншун и на Република Албанија Петрит Бушати.
Од претседателскиот кабинет соопштуваат дека Чарлс Едмонд Гарет доаѓа на местото на досегашниот британски амбасадор, Кристофер Ивон, кој во британската дипломатија работи од 1987 година, и досега работел во британските претставништва во Хонг Конг, Никозија, Берн и Тајпеј.
Новиот амбасадор на Кина Џеншун кој го заменува досегашниот Цуи Живеи, е поранешен новинар. Магистрирал на Академијата за дипломатска политика во Виена, а зад себе има искуство во Директоратот на западно-европски работи во кинеското МНР, како и во амбасадите на неговата земја во Германија и во Луксембург. Во Скопје доаѓа од местото генерален конзул во Франкфурт.
Поранешен новинар ќе раководи и со Албанската амбасада во Скопје. Бушати, покрај 11-годишната новинарска кариера, зад себе има и дипломатско искуство во претставништвата на Албанија во Виена, Стокхолм и Вашингтон.
Акредитивите ќе ги предаде и новоименуваниот амбасадор на Република Полска Мултановски./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Зелениково и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 10.00 часот, дел од корисниците од улиците Самоилова и Јоаким Крчовски, како и објектот на Музејот на Современа Уметност, општина Центар;
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од селата Зелениково, Ново Село, Страхојадица и Смесница, општина Зелениково;
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците лоцирани околу ул. Австралиска бр. 5 во населба Даме Груев, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Променливо облачно, претпладне со повремен локален дожд
Променливо облачно, претпладне со повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Утре во претпладневните часови ќе има локални врнежи од дожд, кои во текот на денот насекаде ќе престанат. Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен северен ветер. Потоа до крајот на неделата времето ќе биде стабилно и суво со пониска утринска температура.
Македонија
Ѓорѓиевски отпушти 500 вработени
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека се отпуштени 500 вработени од претпријатијата на Скопје затоа што се месеци, дури и години, не оделе на работа.
„500 лица до денес, се отстранети од работа од претпријатијата во градот Скопје. Тоа се лица кои се платени од парите на скопјани, но не оделе на работа со месеци, дури и години“, објави Ѓорѓиевски.
Тој најави дека секој кој чесно си ја работи работата, ќе биде награден, а оној што не работи ќе биде казнет.
„Тука, нема да има толеранција, а ќе има и одговорност! Секој оној што чесно си ја работи својата работа ќе биде награден, а оној што не работи – ќе биде санкциониран. Ред во Скопје, мора да има! Она што е платено со парите на граѓаните јас мора да го заштитам“, напиша Ѓорѓиевски на „Фејсбук“.

