Македонија
44.000 дијабетичари побараа помош од народниот правобранител за ненабавените ленти и глукомери

Во име на 44.000 дијабетичари Сојузот на здруженијата на дијабетичарите побара помош од народниот правобранител за скратеното право на здравствена заштита со доцнењето на набавката на глукомери, ленти и сензори за контролирање на вредностите. Сојузот поднесе претставка до народниот правобранител и порача дека стои на располагање за објаснување на состојбата во која се наоѓаат повеќе од девет месеци, принудени со свои средства да ги купуваат неопходните лекови и помагала.
„Обврската за редовна набавка на глукомерите и лентите, во согласност со член 16 од Законот за здравствената заштита и програмата на Владата на РСМ за набавка на инсулини, антидијабетска терапија, системи за континуирано мерење гликемија и пумпи, од 1.2.2023 година е исклучиво на Министерството за здравство со средства од буџетот на РСМ преку тендерски постапки за набавка во двегодишни програми. Претходната тендерска набавка беше со важност до 31.12.2022 година, следната требало да биде распишана два месеца однапред, до тоа не дошло, од кои причини не сме официјално запознаени, се доцнело до април и поради сите тие причини пациентите со дијабетес се оставени без неопходните глукомери и ленти од 1.1.2023 година до денес, односно 9 месеци“, стои во претставката до народниот правобранител.
Од Сојузот потсетуваат дека последиците од нерегулирани гликемиски вредности и компликациите што настануваат се кардиоваскуларните заболувања, дијабетска полиневропатија, нефропатија, ретинопатија и други, кои не се лекуваат, туку само се живее со нив.
„Периодот во кој пациентите се оставени без неопходните за нормален живот глукомери и ленти е долг веќе 9 месеци, со што на пациентите им е повредено правото за здравствена заштита загарантирано со Уставот на РСМ, Законот за здравствената заштита и Законот за правата и заштитата на пациентите, а воедно и им е предизвикана материјална штета бидејќи сите пациенти во изминатиот период лентите ги купуваат во аптеките со сопствени средства. Ние силно веруваме дека државата има полн капацитет да ги заштити правата на граѓаните за здрав живот, да им ги врати мирот, достоинството, спокојот и нормалниот живот без ризик на 44.000 свои државјани и граѓани. Како хумана држава мора да го одржува високо квалитетот на животот на сите свои граѓани, особено на децата и младите до 18 години заболени со дијабетес тип 1“, наведуваат од Сојузот.
Од таму објаснуваат дека и по неколкуте средби со министерот за здравство, решение на проблемот нема, а во законскиот рок од 15 дена немаат одговор ниту на претставката што ја испратиле до Министерството за здравство.
Токму поради немањето одговор од надлежните институции, од Сојузот одлучиле да се обратат и до народниот правобранител. Кога ќе добијат одговор од таму, најавија дека ќе носат одлуки за следните правни чекори што ќе ги преземат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ: „Влен“ покажа елементарно непознавање на законодавната процедура, додека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да се потсмеваат со нив

„Процесот на вработувања во државните институции се одвива селективно и дискриминаторски, при што Албанците остануваат целосно непретставени. Секојдневно, нивното исклучување станува редовна пракса на оваа Влада“, велат од ДУИ.
„Наместо да се зајакне правичната застапеност, Владата предлага замена на постојниот законски механизам (балансерот) со нефункционална комисија која еднаш годишно ќе подготвува „анализи“. Таквиот модел не гарантира ниту застапеност, ниту фер примена на законот, ниту основна еднаквост.
Дури и овој навредлив предлог-закон не се испраќа во Собранието, што укажува на понижувањето и недостаток на капацитет од страна на остатоците на ВЛЕН.
„Влен“ досега покажа елементарно непознавање на законодавната процедура, додека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да се потсмеваат со нив ангажирајќи ја Каракамишева да изготви навредлив закон, кој потоа и самите не се осмелуваат да го достават до Собранието.
ДУИ бара од надлежните институции и од меѓународниот фактор внимателно да ја следат оваа ситуација и да реагираат на назадувањето на правичната застапеност на Албанците во јавните институции“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Македонија
Муцунски од Мала Преспа: Преку конкретни проекти ќе продолжиме да ја јакнеме врската со дијаспората

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и министерот за култура, Зоран Љутков, вчера ја посетија Мала Преспа и општина Пустец – домот на македонското малцинство во Албанија. Во рамки на посетата, министрите остварија топли и конструктивни средби со локалното население и присуствуваа на свеченото отворање на фестивалот „Македонско културно лето“, каде настап имаше Велешкиот театар.
„Мала Преспа и Пустец се жив доказ дека етничката и културната разноликост не разделува, туку обединува. Благодарение на официјалниот статус на македонскиот јазик, двојазичното образование, активната дипломатска и прекугранична поддршка од нашата Влада – заедно со посветеноста и ангажманот на локалното население – македонската заедница во Албанија успева да ја зачува својата уникатност, да ја негува врската со матичната земја и да гради мостови на пријателство меѓу двете држави“, истакна министерот Муцунски во својата објава на социјалните мрежи.
На средбите со Македонците од Албанија, министерот ги сослуша нивните предизвици и се обврза дека поддршката од државата нема да остане само на декларативно ниво.
„Преку конкретни проекти и активности, ќе продолжиме да ги јакнеме врските на дијаспората со татковината. Само така ќе ја чуваме и пренесуваме македонската историја, култура и традиција во овој значаен дел од Балканот“, порача Муцунски.
Министерот упати искрена благодарност за поканата и срдечниот пречек и истакна дека секогаш со задоволство ќе се враќа во Пустец – помеѓу Македонците во Албанија.
Македонија
Герасимовски: Во мојот мандат Центар доби целосна поддршка за урбаната велосипедска култура

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на средбата со жителите од строгиот центар разговараше за најгорливите урбани предизвици: сообраќајниот метеж, загадениот воздух и потребата од алтернативен превоз.
„Она што секојдневно го отежнува животот во Центар е хаосот во сообраќајот. Затоа вложуваме во решенија за почист воздух и подобар квалитет на живеење“, истакна Герасимовски.
Тој потсети дека Центар е првата општина што воведе субвенции за алтернативен превоз, велосипеди, електрични велосипеди и тротинети, мерка што се надградува од година во година:
„Во мојот мандат воведовме и субвенции за дополнителна опрема, за што интересот постојано расте. Само годинава, од предвидените 600.000 денари за велосипеди, веќе се субвенционирани 197 граѓани”, рече Герасимовски, посочувајки дека во последните три години се дадени субвенции за над 500 велосипеди.
„Жителите на Центар заслужуваат модерен и одржлив град. Затоа продолжуваме со инвестиции во алтернативен превоз, почиста животна средина и поздрав начин на урбано живеење“, порача Герасимовски.