Македонија
5 приговори на обвинението поднеле адвокатите на осомничените во „Талир“
До кривичниот суд до вчера стигнале 5 приговори од адвокатите на обвинетите во предметот „Талир“ на специјалното јавно обвинителство, потврдија од скопска единица за „Макфакс“. Од судот велат дека сè уште тече рокот во кој бранителите на осомничените може да приговараат на поднесеното обвинение кое треба да го оценат тројца судии на скопска единица. Осомничените имаат право да поднесат писмен приговор против обвинителниот акт во рок од осум дена од приемот на обвинението.
СЈО поднесе две обвиненија за случајот „Талир“ за нелегално финансирање на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Едното обвинение е за нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, а другото за незаконската изградба на седиштето на партијата.
Во првото обвинение се опфатени поранешниот лидер на партијата, Никола Груевски, ексгенералниот секретар на партијата, Кирил Божиновски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, пратеникот Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска. Тие се обвинети дека незаконски добиле најмалку 4,6 милиони евра во кеш за партијата, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро сметката на партијата преку уплатници на име на различни луѓе.
За изградбата на новото партиско седиште, пак, се обвинети Никола Груевски и Кирил Божиновски. Тие склучиле договор за изградба на објектот со градежната компанија „Бетон“ од Штип, иако не смееле тоа да го направат затоа што оваа фирма имала склучено договори за јавни набавки со други државни институции. Со договорот со „Бетон“ тие договориле „несразмерна корист“ за ВМРО-ДПМНЕ и на тој начин се стекнале со имотна корист од над 8 милиони евра за партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на планинските превои Стража и Ѓавато, до 30 метри на планинскиот превој Плетвар и во Крушево и од 15 – 20 метри на патниот правец крак Маврово – Маврови Анови, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Утре без вода дел од општина Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре:
· Поради изведување на водоводен приклучк на водоводна мрежа со пречник од ф-200мм на улицата Радишанска, крак – 4 (Бел Камен), од 09:00 часот до завршување со работните активности, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица и населба Кучевишка Бара, општина Бутел.
Македонија
АД МЕПСО го рестартира стратешкиот проект: Избран изведувач за изградба на 𝟦𝟢𝟢 ᴋᴠ интерконекција Битола – Елбасан
АД МЕПСО информира за успешното завршување на постапката за избор на најповолен понудувач за проектот од највисок стратешки интерес, изградбата на 400-киловолтната интерконекција Битола – Елбасан (Компонента 1: ДВ од ТС Битола 2 преку ТС Охрид до македонско-албанската граница).

„Со овој чекор, компанијата официјално го рестартира проектот кој ќе ја воспостави клучната енергетска поврзаност помеѓу Република Северна Македонија и Република Албанија.
По спроведената меѓународна постапка преку системот за е-набавки на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), отворен на 25.04.2025 година, и по детална евалуација на пристигнатите понуди, како најповолен понудувач е избран меѓународниот конзорциум предводен од DALEKOVOD d.d. од Хрватска.
Вкупната вредност на прифатената понуда изнесува 19.696.200,85 евра“, извести АД МЕПСО.

„Целата постапка беше водена согласно строгите политики за набавки на ЕБРД, што претставува гарант за транспарентност и објективност.
Овој избор доаѓа по стратешки неопходната одлука на раководството за раскинување на претходниот договор кој го компромитираше и одолговлечи проектот. Таа постапка беше водена строго според меѓународните ФИДИК (FIDIC) стандарди.
Во насока на заштита на државниот интерес и финансиска ефикасност, АД МЕПСО обезбеди континуитет на инвестицијата: 51,2% од потребната опрема е веќе испорачана од претходниот изведувач, истата е во сопственост на МЕПСО и ќе биде вградена од страна на новоизбраниот изведувач, со што се спречи финансиска штета по компанијата.

Со потпишувањето на Договорот ќе започне реализацијата на работите со рок на извршување од 900 дена (30 месеци).
Реализацијата на овој проект го затвора единствениот отворен крак во нашиот преносен систем, овозможувајќи комплетирање на регионалниот енергетски Коридор 8 и значајно подобрување на напонските прилики во југозападниот дел на земјата.
АД МЕПСО останува посветен на транспарентно, отчетно и ефикасно спроведување на капиталните проекти од витален интерес за енергетската стабилност на државата“, соопштуваат од АД МЕПСО.

